11 Мај
Измијте се, очистете се
„Измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло!“ (Исаија 1,16)
Мнозина се привлечени од Христовата убавина и небесната слава, но се повлекуваат кога ќе ги дознаат условите кои треба да ги исполнат за тоа да стане нивно. На широкиот пат има мнозина кои не се задоволни од патеката по која одат. Тие копнеат да се ослободат од робувањето на гревот и настојуваат со сопствени сили да се спротивстават на своите грешни навики. Тие фрлаат поглед на тесниот пат и тесната врата, но себичните задоволства, љубовта кон светот, горделивоста и непосветените амбиции подигнуваат пречка помеѓу нив и Спасителот. Да се откажат од сопствената волја и омилените предмети што веќе ги избрале и кон кои се стремат, сето тоа бара жртва пред која нерешителните се повлекуваат, застануваат и се враќаат назад. „Мнозина ќе сакаат да влезат и не ќе можат“ (Лука 13,24). Тие го сакаат доброто, вложуваат и извесен напор за да го стекнат; но тие не го избрале; тие немаат цврста намера да го стекнат по секоја цена.
Ако сакаме да победиме, наша единствена надеж е својата волја да ја соединиме со Божјата волја и да работиме од час во час и од ден во ден соработувајќи со Него. Не можеме да останеме какви што сме, а сепак да влеземе во Божјето царство. Ако некогаш достигнеме светост, тоа ќе биде постигнато само ако сме се откажале од себеси и сме го примиле Христовиот ум. Гордоста и вообразеноста мора да се распнат. Дали сакаме да ја платиме цената што се бара од нас? Дали сме подготвени својата волја потполно да ја усогласиме со Божјата волја? Сѐ додека сами не посакаме да го направиме тоа, Божјата милост која преобразува не може да се покаже во нас. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 143. оригинал)
Каењето е прв чекор што мора да го сторат сите кои сакаат да се вратат кај Бога. (Патријарси и пророци, стр. 590. оригинал)