„А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд.“ (Јован 16,8)
Привилегија на секој христијанин е да го почувствува делувањето на Светиот Дух во своето срце. Вашиот дух ќе биде исполнет со сладок небесен мир и ќе посакувате да размислувате за Бога и за небото. Ќе се насладувате со славните ветувања од Неговото слово. Но, најпрво дали знаете дека сте го започнале христијанскиот пат? Дали сте ги направиле првите чекори на патот кон вечниот живот? Не дозволувајте да бидете измамени. Имам многу причина да се плашам, дека многумина од вас не знаат што е вистинска религија. Сте почувствувале некакво возбудување, некаква емоција, но никогаш не сте ја увиделе вистинската тежина на гревот. Никогаш не сте ја почувствувале својата изгубеност, ниту сте се одвратиле од своите зли патишта со горко каење. Никогаш не сте умреле за светот. Сѐ уште ги сакате неговите задоволства; сакате да учествувате во разговори за световни работи. Но, кога ќе се внесе Божјата вистина во разговорот, немате што да кажете. Зошто тогаш молчите? Зошто сте толку зборлести кога станува збор за световни теми, а толку тивки кога се работи за нешто што најмногу треба да ве засега – тема што треба целосно да ја заокупира вашата душа? Тоа е затоа што Божјата вистина не живее во вас. (Порака до младите, стр. 132. оригинал)
Христијанскиот живот не е модификација или подобрување на стариот живот, туку преобразба на природата. Тоа е смрт за себеси и за гревот, и сосема нов живот. Оваа промена може да се случи само преку делотворната работа на Светиот Дух. (Порака до младите, стр. 157. оригинал)
Светиот Дух никогаш нема да остави без помош ниту една душа што гледа во Исуса. Тој зема од она што е Христово и ѝ го дава нејзе. Ако нашиот поглед постојано е насочен кон Христа, работата на Духот нема да престане сè додека таа душа не се здобие со Негов лик. (Копнежот на вековите, стр. 302. оригинал)