„Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и не ќе го напушти Своето наследство.“ (Псалм 94,14)
Треба да имаме на ум дека Исус нѐ познава сите и дека е милостив кон нашите слабости. Тој ги знае потребите на секое свое создание и ги чита скриените, неизговорени болки на срцето. Ако навредиме некое од немоќните созданија за кои умрел, Тој тоа го забележува и ќе нѐ повика на одговорност. Исус е добриот Пастир. Тој се грижи за своите нејаки, болни и заблудени овци. Тој ги знае имињата на сите нив. Неволјите на секоја овца и на секое јагне во Неговото стадо во Него буди сомилост и љубов и секој повик за помош стигнува до Неговото уво. Пророкот укажал на еден од најголемите гревови на израелските пастири: „Слаби не поткрепувавте, болни не лекувавте, ранети не преврзувавте, истерани не враќавте и изгубени не баравте, а управувавте преку нив со насилие и жестокост… Скитаат овците Мои по сите планини и по секој висок рид и распрснати се по целата земја овците Мои, и никој не прашува за нив, и никој не ги бара“ (Езекиел 34,4-6). Исус се грижи за секого така како на земјата да нема ниедно друго создание. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 346. оригинал)
Со тие болни испити Бог ги доведува припадниците на Својот народ сè поблиску кај Себе, откривајќи им ги нивните слабости и недостатоци и учејќи ги за помош и заштита секогаш да се потпираат само на Него. Неговата намера тие да бидат подготвени за секое изненадување, да се оспособат за доверливи положби во Неговото дело и да го исполнат големиот налог поради што им се и дадени нивните способности, најдобро се остварува на ваков начин. (Сведоштва за црквата, вол. 4, стр. 86. оригинал)
