„Зашто скапо сте купени. И така, прославете Го Бога во своето тело и во својот дух, кои се Божји.“ (1. Коринтјаните 6,20)
Секој ученик мора да ја разбере врската помеѓу едноставниот начин на живот и силниот интелект. На нас лично е да одлучиме дали со нашиот живот ќе управува умот или телото. Младите мораат, секој за себе, да одлучат како ќе го обликуваат својот живот; и не смеат да се штедат никакви напори за да се запознаат силите со кои тие се соочуваат и влијанијата кои го одредуваат карактерот и судбината.
Невоздржливоста е непријател од кој сите мораат да се чуваат. Наглото ширење на ова страшно зло треба да поттикне секого што се грижи за човечкиот род да се бори против него… Но, за да го пронајдеме коренот на неумереноста, мораме да одиме подлабоко отколку што се уживањето во алкохолот или тутунот. Безделничењето, бесцелноста или лошото друштво можат да приготват пат за невоздржаноста. Често пати тие причини можат да се најдат на семејната трпеза, во семејствата кои себеси се сметаат за строго умерени. Сѐ што го попречува варењето на храната, што непотребно го возбудува духот, или на кој било начин го ослабнува организмот, нарушувајќи ја рамнотежата на менталните и физичките сили, ја слабее контролата на умот над телото и така наведува на невоздржаност. Падот на многу талентирани млади животи може да им се припише на неприродните апетити, кои биле предизвикани од штетната исхрана. (Воспитување, стр. 202.203. оригинал)
Вниманието посветено на рекреацијата и физичката култура понекогаш, без сомнение, ќе го прекине редовниот тек на училишната работа; но тој прекин нема да се покаже како вистинска пречка. Преку освежување на умот и телото, јакнење на несебичен дух, и поврзување на ученикот и наставникот со врски на заеднички интереси и пријателско дружење, потрошеното време и напор ќе бидат стократно надоместени. (Воспитување, стр. 213. оригинал)