Време на голема неволја (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Како што го разјарил Исава да тргне против Јакова, исто така сатаната во времето на големата неволја ќе ги насрчува грешните да го уништат Божјиот народ. И како што го обвинил Јакова, така ќе го обвинува и Божјиот народ. Тој светот го смета за свои приврзаници, но малечката група што ги држи Божјите заповеди не ја прифаќа неговата превласт. Кога би можел да ја избрише од земјата, неговата победа би била целосна. Тој гледа дека светите ангели ги чуваат и сфаќа дека нивните гревови се простени, но не знае дека нивните случаи се решени во небесното Светилиште. Тој точно ги познава гревовите на кои ги навел и ги изнесува пред Бога во зголемена светлина, тврдејќи дека тој народ заслужува да биде лишен од Божјата милост како и самиот тој. Тој тврди дека Господ не може во својата праведност да им ги прости гревовите ним, а него и неговите ангели да ги уништи. Тој полага право над нив како на свој плен и бара да бидат предадени во негови раце да ги уништи.

Додека сатаната го обвинува Божјиот народ поради неговите гревови, Господ му дозволува да ги искушува до крајни граници. Нивната сигурност во Бога, нивната вера и решителност, ќе бидат тешко искушани. Кога гледаат во минатото, нивната надеж паѓа, зашто во целиот свој живот можат да видат само малку добро. Потполно се свесни за својата слабост и недостојност. Сатаната се труди да ги уплаши со мислата дека нивниот случај е безнадежен и дека дамката на нивната нечистота не може никогаш да се испере. Се надева дека во толкава мера ќе ја уништи нивната вера, што тие ќе попуштат во неговите искушенија и дека ќе се откажат од својата преданост кон Бога.

Иако Божјиот народ ќе биде опкружен со непријатели кои ќе на стојуваат да го уништат, сепак, стравот што го поднесува тој не е страв од прогонствата заради вистината; тој се плаши од тоа дека можеби не се покајал за секој свој грев и дека поради некоја своја грешка ќе биде лишен од ветувањето на Спасителот според кое ќе го „сочува од часот на искушението што ќе дојде врз целиот свет“. Кога би знаеле сигурно дека гревовите им се простени, не би се плашеле од измачувањата и од смртта; но, ако бидат недостојни и ако го загубат својот живот поради некоја грешка во својот карактер, тогаш Господовото свето име ќе биде осрамотено.

Од сите страни слушаат за заговори од предавниците и гледаат буни; кај нив се јавува силна желба, сериозен копнеж на душата да се сврши веќе тој голем отпад и да ѝ се стави крај на злобата на грешните. Но, додека се молат на Бога да го спречи бунтот, тие самите себеси си префрлаат што немаат сила да ѝ се противстават на моќната струја на злото и да ја запрат. Кога сите свои способности би ги употребиле во Христовата служба и кога постојано би напредувале во силата, тие чувствуваат дека силите на сатаната не би имале толкава моќ да ги напаѓаат тоа се мисли кои прогонуваат.

Тие ги мачат своите души пред Бога укажувајќи на поранешното покајание за мноштвото свои гревови и повикувајќи се на ветувањето на Спасителот: „Нека се стави под моја заштита, нека склучи мир со мене, нека склучи мир со мене“ (Исаија 27,5). Нивната вера не се колеба затоа што нивните молитви не се веднаш примени. Иако поднесуваат најголем страв, ужас и неволја, сепак, не престануваат да се молат. Тие се фаќаат за Божјата сила како и Јаков цврсто што го држел Ангелот, зашто и молитвата на нивната душа гласи: „Нема да те пуштам додека не ме благословиш!“

Кога Јаков не би се покајал за својот грев што го направил кога со измама го добил првенството, Бог не би ја примил неговата молитва и не би го сочувал милостиво неговиот живот. Така и Божјиот народ, за време на големата неволја би бил победен кога би имал непокајани гревови од минатото што би излегувале пред него додека го мачи страв. Очај би ја задушил нивната вера и тие не би биле сигурни да се борат со Господа за избавување. Но, иако длабоко се свесни за својата недостојност, сепак, не можат да откријат ниту еден скриен грев. Нивните гревови уште порано биле изнесени пред судот и избришани и затоа тие не се сеќаваат веќе на нив.

Сатаната мнозина наведува да веруваат оти Бог не обрнува внимание на нивното неверство во малечките работи; но во своето постапување со Јакова Господ покажува дека Тој во никој случај не го одобрува ниту го трпи злото. Сите што се трудат своите гревови да ги оправдаат или да ги прикријат и што дозволуваат да стојат во небесните книги непризнати и непростени, ќе бидат победени од сатаната. Колку повеќе се сметаат побожни и колку заземаат повисока положба, толку потежок е нивниот случај во Божјите очи и посигурна победата на нивниот непријател. Оној што ги одложува своите подготовки за Господовиот ден, не може да го постигне тоа во времето на големата неволја ниту во кое и да е подоцнежно време. Неговиот случај е безнадежен. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest