Подоцнежни англиски реформатори (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) „Подолго време“, пишувал подоцна, „го посматрав нивното сериозно однесување. Својата понизност постојано ја докажуваа со тоа што на другите патници им правеа такви услуги што не би ги направил ниту еден Англичанец. За тие услуги не бараа ниту примаа каква и да е награда. ‘Добро е’ ­ велеа тие ­ ‘со тоа нашите горделиви срца да се понизат, зашто нашиот добар Спасител сторил многу повеќе за нас.’ Секој ден им даваше можност да ја покажат кротоста што никаква навреда не можеше да ја обесхрабри. Ако некој ги турнеше, удреше, или обореше на земја, тие стануваа мирно и се иставаа без збор. Сега настапи час да покажат дали се слободни од стравот исто така како што се слободни од горделивоста, од гневот и одмаздата. За време на пеењето на псалмот со кој го почнуваа своето богослужение, одненадеж се подигна бран кој го скина големото едро, го покри бродот и се урна меѓу палубите, така што се чинеше како веќе да нè проголта морската длабина. На многу Англичани од градите им се оттргна ужасен извик на страв. Само моравските браќа останаа спокојни, дури не го прекинаа ниту пеењето на псалмот. Подоцна прашав еден од нив: ‘Зар вие не се плашевте?’ Тој одговори: ‘Фала на Бога, не!’ ‘Зар вашите жени и деца не се уплашија?’ Тој одговори благо: ‘Не, нашите жени и деца не се плашат од смртта’“ (Whitehead, Life of the Rev. John Wesley, page 10).

Пристигнувајќи во Савана, Џон Весли кратко престојувал меѓу моравските браќа и бил длабоко трогнат со нивното христијанско однесување. За едно нивно богослужение, што толку многу се разликувало од мртвиот формализам на црквата во Англија, тој кажува: „Големата едноставност и свеченоста на целата служба речиси ме натераа да заборавам на минатите седумнаесет векови и во мислите да се пренесам среде еден од оние собири каде што немало формализам и церемонии, каде што претседавале килимарот Павле или рибарот Петар, каде што делувал Светиот Дух и неговата сила“ (Исто, pages 11, 12).

Враќајќи се во Англија, Весли, поучен од еден моравски проповедник, појасно ја сфатил библиската вера. Сфатил дека за спасението е потребно да се откаже од своите сопствени дела и исцело да му се предаде на „Божјето Јагне кое ги зема на себе гревовите на светот“. На еден состанок на моравските браќа во Лондон, читана е една одломка од списите на Лутера каде што се опишува промената што ја врши Светиот Дух во срцето на верникот. Додека слушал, Весли почувствувал како во неговото срце се запалила вера. „Јас чувствував како моето срце чудно се загреа“, рекол. „Чувствував дека за моето спасение се потпирам на Христа и се осведочив дека Тој ги зеде моите гревови, дека ме ослободи од законот на гревот и смртта“ (Исто, page 52).

За време на долгите години напорна работа, понижување и самопрегор, Весли имал само една цел: да го најде Бога. Сега го нашол. Сфатил дека милоста не се добива со молитви, со постови, со милостина и со дела на откажувања, туку како дар, „без пари и без наплата“.

Кога се утврдил во Христовата вера, единствена желба на Весли била насекаде да го шири прекрасното евангелие за бесплатната Божја милост. „Цел свет е моја парохија“ рекол тој. „Со тоа сакам да кажам дека на секое место каде што се наоѓам, мое право и света должност е на сите што сакаат да ме слушаат да им ја објавам радосната вест на спасението“ (Исто, page 74).

Продолжил да живее живот полн со верност и откажување, кој сега не бил повеќе темел туку резултат на неговата вера, не корен туку плод на светлината. Божјата милост во Исуса Христа е темел на христијанската надеж и таа милост се открива во послушноста. Весли својот живот го посветил на проповедање на големите вистини што ги примил на вистината за оправдување со вера во Христовата крв која чисти и на вистината која врши преродба со силата на Светиот Дух, чијшто плод е живот сличен на Христовиот живот.

Вајтфилд и браќата Весли биле приготвени за својата мисија со долго и длабоко лично осведочување за својата сопствена загубена состојба. За да бидат способни да поднесат сè како добри Христови војници, требало да поминат низ огнена печка на подбив, потсмев и прогонство и тоа како на универзитетот, така и по своето стапување во проповедничка служба. Нивните безбожни другари нив и малечкиот број нивни пријатели со потсмешлив прекар ги нарекувале „методисти“. Денеска тоа е чесно име на една од големите заедници во Англија и Америка.

Како членови на Англиканската црква, тие биле мошне предани на својата црква, но Бог во својата Реч им покажал еден повисок идеал. Светиот Дух ги гонел да го проповедаат Христа и тоа Христа распнатиот. Нивната работа ја придружувала сила на Семожниот. Илјадници ги признавале гревовите и искусиле вистинско преобратување. Било потребно овие овци да се заштитат од грабливите волци. Но Весли не мислел да формира нова црква, туку ги организирал како методистички сојуз.

Весли и неговите соработници наидувале на тешко и необично противење од страна на државната црква, но Бог во својата мудрост така управувал со настаните, што реформата почнала во самата црква. Кога би дошла однадвор, не би проникнала токму таму каде што била толку многу потребна. Но бидејќи проповедниците на ова верско будење биле црковни луѓе и работеле во крилото на црквата секаде каде што им се дала можност, вистината можела да најде пристап и таму каде што инаку вратата би останала затворена. Некои свештеници, разбудени од својата морална успиеност, станале ревносни проповедници во своите парохии. Црквите што биле скаменети со формализмот се разбудиле во духовен живот. (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest