Еден американски реформатор (прв дел)

Еден чесен и почитуван земјоделец, кој во своите помлади години се посомневал во божественото потекло на Светото писмо, а сепак, искрено сакал да ја запознае вистината, беше од Бога избран да заземе важно место во проповедањето на второто Христово доаѓање. Како многу други реформатори, Вилијам Милер во својата младост се борел со сиромаштво, што му помогнало да се научил на самооткажување и самопрегорна работа. Членовите на семејството на кое му припаѓаше се одликуваа со независен и слободоумен дух, со истрајност и со искрена љубов кон татковината, а тоа беа главни црти и на неговиот карактер. Татко му бил капетан во револуционерната војска и жртвите што ги поднесувал во борбите, како и страдањата на тоа бурно време, биле причина за тешките околности во првите години на Милеровиот живот.

Поседуваше здрава и цврста телесна градба и уште во своето детство покажувал извонредни умни способности. А кога порасна, тоа уште повеќе се забележуваше. Неговиот дух беше активен и урамнотежен и беше страден за знаење. Иако не уживаше предимство на високо школско образование, сепак, неговата љубов кон учењето и навиката на длабоко размислување, како и острото забележување, го сторија човек со здраво расудување и со широки погледи. Се одликуваше со беспрекорен морален квалитет, уживаше добар глас и сите го почитуваа поради неговата чесност, трудољубивост и благородност. Со својата работа и труд уште од својата рана младост заработувал средства за своето издржување и во исто време продолжувал да учи. Со успех извршувал разни граѓански и воени должности и се чинело дека му е отворен патот кон богатство и чест.

Мајка му беше искрена и побожна и тој во своето детство примил религиозно воспитување. Но како момче западнал во друштво на деисти, чиешто влијание врз него било големо затоа што повеќето од нив биле добри граѓани, љубезни и благородни луѓе, чијшто карактер во извесна мера бил формиран под влијание на христијанската средина во која живееле. Особините што им прибавиле почит и доверба кај другите се должеле на Библијата, па сепак, овие дарби ги расипале во толкава мера, што вршеле влијание спротивно на Божјата реч. Дружењето со тие луѓе сторило Милер да ги прифати нивните погледи. Вообичаеното толкување на Светото писмо му создавало непремостливи тешкотии, но ниту неговата нова вера, во која ја отфрлил Библијата, не му понудила ништо подобро што би можело да го замени нејзиното место, и тој не бил ниту малку задоволен. Сепак, кон тие погледи се придржувал дванаесет години. Меѓутоа, во неговата триесет и четврта година, Светиот Дух ја разбудил неговата совест и го осведочил во неговата грешност. Во својата дотогашна вера не наоѓал никаква гаранција за среќа зад гробот. Иднината му изгледала темна и страшна. Зборувајќи подоцна за своите чувства од тоа време, тој кажува:

„Помислата на уништување ми беше студена, грозна; сметав дека идниот суд на сите ќе им донесе сигурна пропаст. Небото над мојата глава беше како бакар, а земјата под моите нозе како железо. Се прашував што е тоа вечност. Зошто се појавила смртта? Колку повеќе се обидував да го сфатам тоа, сè помалку го сфаќав. Се обидов да не мислам така, но не можев да ги совладам моите мисли. Се чувствував длабоко жалосен, но не ја сфатив причината за тоа чувство. Мрморев и се жалев, но всушност не знаев против што. Бев уверен дека постои некоја грешка, но не знаев како и каде да го најдам она што е право. Се жалев без никаква надеж.“

Во ваква состојба се наоѓал неколку месеци. „Одненадеж“, кажува тој, „во мојот ум живо се појави ликот на Спасителот. Ми се чинеше дека постои едно суштество, толку добро и полно со сожалување, кое само се понудило како откуп за нашите престапи и со тоа нè ослободило од казната за гревот. Веднаш почувствував колку мило би било тоа суштество и помислив дека би можел да се фрлам во неговите прегратки и да ја прифатам неговата милост. Но веднаш се појави прашање: како може да се докаже дека постои такво суштество? Сфатив дека надвор од Библијата не можам да најдам никаков доказ за постоење на таков Спасител или доказ за идниот живот…

Видов дека Библијата зборува токму за таков Спасител каков што ми е потребен мене; се чудев како може една таква книга, ако не е вдахната од Бога, да изнесува начела што потполно одговараат на потребите на еден паднат свет. Бев присилен да признам дека Светото писмо е Божје Откровение. Во него најдов радост и Исус стана мој пријател. Спасителот за мене стана ‘прв меѓу десет илјади’, а Светото писмо, кое порано ми се чинеше темно и полно со против речности, стана ‘светилка на мојата нога и светлина на мојата патека’. Мојот дух најде мир и задоволство. Увидов дека Господ Бог е карпа среде океанот на животот. Сега почнав сериозно да ја проучувам Библијата и можам да ви кажам дека ја проучував со голема радост. Се уверив дека ниту половината од нејзината содржина до сега не ми беше позната. Се чудев зошто порано не сум ја видел нејзината убавина и слава и не сум сфатил како сум можел да ја отфрлам. Најдов откриено сè за што копнееше моето срце, лек за секоја болка на мојата душа. Загубив волја да читам други книги и се трудев да барам мудрост од Бога“(S. Bliss, Memoirs of William. Miller, pages 65-67). (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest