Прогонствата во првите векови (четврти дел)

(продолжува од предходниот ден) Како може евангелието да се нарече вест на мир? Кога Исаија го преткажал раѓањето на Месија, му го дал името Кнез на мирот. Кога ангелите им го објавиле на пастирите Исусовото раѓање, пееле над витлеемските полјанки: „Слава на Бога на височините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14).

Постои привидна противречност меѓу овие пророчки изјави и Христовите зборови: „Јас не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Матеј 10,34). Но, исправно сфатени, обата овие изрази се во совршена хармонија. Евангелието е вест на мир. Христијанството е наука која, ако се прими и ако се послуша, шири мир, хармонија и среќа по цел свет. Христовата религија ги соединува во интимно братство сите што ќе го прифатат нејзиното учење. Исусова мисија била да ги помири луѓето со Бога и меѓусебно. Но поголем дел од луѓето се под контрола на најголемиот Христов непријател, сатаната. Евангелието им го обрнува вниманието на луѓето на начелата на животот што се во противречност со нивните навики и желби; затоа тие стануваат против него. Тие ја мразат чистотата која ги открива и ги осудува нивните гревови и затоа ги прогонуваат и ги уништуваат сите што ги проповедаат праведните и свети начела. Во таа смисла, ­бидејќи возвишените вистини што ги носи тоа предизвикуваат омраза и борба, ­евангелието се нарекува меч.

Таинственото провидение што дозволува раката на грешниците да ги прогонува праведните било причина за голема збунетост за мнозина слаби во верата. Некои дури се готови да ја отфрлат довербата во Бога затоа што Тој дозволува грешните да напредуваат, а најдобрите и најчесните да бидат измачувани и угнетувани од нивната свирепа сила. Како може, се прашуваат некои, Оној што е праведен, милостив и неограничен во силата, да трпи таква неправда и насилство? Тоа прашање не треба да нè загрижува нас. Бог ни дал доволно докази за својата љубов, и ако ние не ги разбираме неговите патишта, тоа не треба да биде причина да се сомневаме во неговата доброта. Гледајќи ги однапред сомневањата што ќе ги вознемируваат нивните души во деновите на искушенијата и темнината, Спасителот им рекол на своите ученици: „Спомнете си за зборовите што ви ги реков: Слугата не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, и вас ќе ве прогонуваат“ (Јован 15,20).

Исус за нас страдал многу повеќе отколку што може кој и да е од неговите следбеници да пострада од грешните луѓе. Оние што се повикани да поднесат маки и маченичка смрт, ги следат само стапките на Божјиот мил Син.

„Не доцни Господ со ветувањето“ (2. Петрово 3,9). Тој не ги заборава и не ги занемарува своите деца, но им дозволува на грешните да го откријат својот вистински карактер, за никој што сака да ја исполнува неговата волја да не биде во заблуда во врска со нивната расипаност. Праведните упаѓаат во печка на неволји за да се исчистат, со својот пример да ги уверат и другите во вистинитоста на верата и побожноста и со своето храбро придржување кон вистината да ги осудат неверните и безбожните.

Бог дозволува грешните да напредуваат и да ја покажат својата омраза кон него со цел, кога ќе ја наполнат мерката на својата злоба, да ја увидат неговата праведност и милост во своето целосно уништување. Денот на неговата одмазда се приближува. Тогаш сите што го газеле неговиот закон и го угнетувале неговиот народ, ќе примат праведна плата за своите дела. Тогаш секоја свирепост и неправда кон Божјите верни слуги ќе бидат казнети како да му се сторени лично на Христа.

Но постои уште едно важно прашање што денеска треба да го привлече вниманието на црквите. Апостол Павле изјавил дека сите „што сакаат да живеат побожно во Исуса Христа ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3,12). Тогаш зошто се чини дека прогонството речиси престанало? Единствена причина е таа што црквата се прилагодила кон светот и не предизвикува никакво противење. Верата на нашите денови го нема веќе оној чист и свет карактер што ја обележувал христијанската вера во времето на Исуса и апостолите. Христијанството изгледа толку популарно во светот само поради својот компромис со гревот, поради тоа што големите вистини на Божјата реч христијаните ги посматраат рамнодушно и што има толку малку вистинска побожност во црквата. Штом верните ќе се вратат на верата и на силата на апостолската црква, пак ќе оживее духот на прогонството и повторно ќе се распали огнот на гонењето.

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest