Валденжаните (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Бог на својот народ му ја приготвил оваа величествена светиња која одговарала на големите вистини што му ги доверил. За овие верни прогонети планините биле симбол на непоколебливата Божја правда. Валденжаните на своите деца им ги покажувале висовите што се издигнувале над нив во непроменливо величество и им зборувале за Оној кој ниту малку не се менува, чијшто збор е цврсто втемелен како вечните планини. Господ ги утврдил планините и ги опашал со сила. Ниедна рака, освен бесконечната сила, не може да ги помести од нивните места. На ист начин Тој го утврдил и својот закон, темелот на своето владеење на небото и на земјата. Човечката рака може да ги дофати луѓето и да го уништи нивниот живот, но не може да ги помести планините од нивните места и да ги фрли во морето, како што не може да измени ниту една заповед на Божјиот закон ниту да избрише макар и едно негово ветување дадено на оние што ја извршуваат неговата волја. Во својата верност кон неговиот закон, Божјите слуги треба да бидат исто така цврсти како неподвижните планини.

Горите што ги опкружувале нивните мирни долини биле постојани сведоци за Божјата творечка сила и сигурна гаранција за неговата покровителска грижа. Овие патници ги засакале немите симболи на Божјето присуство. Никогаш тие не се жалеле поради тешкотиите на својата положба; никогаш не се чувствувале осамени среде планинската самотија. Му благодареле на Бога што им приготвил прибежиште од гневот и од човечката свирепост. Се радувале што можат во слобода да му се молат. Често додека непријателите ги гонеле, силните планини им давале сигурна заштита. Од врвовите на многу непристапни карпи му пееле славопои на Бога, и римските војски не можеле да ја замолкнат нивната песна на благодарност.

Побожноста на овие христијани била чиста, едноставна и срдечна. Начелата на вистината им биле подрагоцени од куќите, од земјата, од пријателите, од роднините, па дури и од животот. Грижливо настојувале овие начела да ги всадат во срцата на младите. Уште од најраното детство своите деца ги поучувале од Светите писма и ги учеле барањата на Божјиот закон да ги сметаат за свети. Преписите на Светото писмо биле ретки и затоа неговите скапоцени зборови ги учеле напамет. Мнозина научиле напамет долги одломки од Стариот и Новиот завет. Мислите за Бога се соединувале со величествените сцени на природата и со скромните благослови на секојдневниот живот. Малечките деца ги учеле со благодарност да гледаат на Бога, на Дарителот на секој благослов и утеха.

Родителите, иако нежни и полни со љубов, сепак, мудро внимавале да не ги навикнат своите деца да си угодуваат себеси. Пред нив се наоѓал живот полн со искушенија и со тешкотии, а можеби и маченичка смрт. Уште од малечки нозе биле воспитувани да ги поднесуваат тешкотиите, да им се покоруваат на наредбите, а сепак, да мислат и да работат самостојно. Мошне рано се научени да носат одговорности, да бидат внимателни во својот говор и да ја сфатат мудроста на молчењето. Еден непромислен збор што би го слушнало увото на непријателот би можел да го доведе во опасност не само животот на оној што го изговорил, туку и животите на стотици негови браќа, зашто како волците што го прогону ваат својот плен, така непријателите на вистината ги прогонувале оние што се осмелиле да бараат верска слобода.

Валденжаните ја жртвувале својата световна благосостојба за љубов на вистината и со упорно трпение се бореле за својот секојдневен леб. Секој дел на обработливата земја меѓу планините бил грижливо обработуван; долините и слабо плодните стрмнинки се направени плодни. Штедењето и строгото самооткажување биле составен дел на воспитувањето што го примиле децата како единствено наследство. Поучувани се дека Бог одредил животот да биде школа и дека своите потреби можат да ги намируваат само со личен труд, со остроумност, со грижливост и со вера. Овој начин на воспитување бил тежок и мачен, но затоа здрав; бил токму она што му е потребно на човекот во неговата грешна состојба ­ школа што ја одредил Бог за негово образование и воспитување. Додека младината на тој начин се привикнувала на работа и труд, не се занемарувало ниту развивањето на умот. Поучувана е дека сите нејзини способности му припаѓаат на Бога и дека мора да се усовршуваат и да се развиваат за неговата служба.

По својата чистота и едноставност, валденжанските цркви биле слични на апостолската црква. Отфрлајќи ја врховната власт на папата и на епископите, Светото писмо го признавале како највисок и единствен непогрешен авторитет. Нивните проповедници, спротивно на господските свештеници на Рим, го следеле примерот на својот Учител кој дошол „не да му служат, туку да служи“. Го паселе Божјето стадо, водејќи го на зелените пасишта и на живите извори на Божјата света Реч. Далеку од спомениците на човечкиот сјај и горделивост, луѓето се собирале не во огромни цркви и во големи катедрали, туку во сенките на планините, во долините на Алпите или, во време на опасност, во карпестите тврдини, да ја слушаат речта на Христовите слуги. Проповедниците не само што го проповедале евангелието, туку ги посетувале болните, ги поучувале децата, ги опоменувале заталканите, настојувале да ги решат споровите и да ја унапредат слогата и братската љубов. За време на мир се издржувале од доброволни прилози, но, како и Павле, кој изработувал шатори, секој од нив имал некој занает или занимање со што, во случај на потреба, можел да се издржува. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest