Реформацијата во Франција (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Како и во деновите на апостолите, прогонството придонело за „напредок на евангелието“ (Филипјаните 1,12). Протераните од Париз и Мо, „кои беа раштркани“, оделе насекаде, „проповедајќи ја речта“ (Дела 8,4). На овој начин светлината се раширила во многу оддалечени француски покраини.

Бог приготвувал и други работници за своето дело. Во една париска школа се наоѓал еден сериозен и мирен млад човек, со силен и прониклив дух, кој се истакнувал како со чистотата на својот живот, така и со голема ревност за проучување и со побожност. Неговите таленти и неговата трудољубивост го сториле гордост на школата и сите се надевале дека Жан Калвин ќе стане еден од најспособните и најпостојаните бранители на црквата. Но зракот на божествената светлина проникнал дури и низ ѕидовите на сколастиката и празноверието со кои Калвин бил ограден. Тој со ужас слушал за новата наука, не сомневајќи се ниту најмалку во тоа дека еретиците го заслужиле огнот во кој биле фрлани. Не знаејќи ни самиот како, одеднаш бил соочен лице в лице со „кривоверството“ и морал да ја испитува моќта на папската теологија за да ја побие протестантската наука.

Калвиновиот внук од сестра, кој ја прифатил реформираната вера, живеел во Париз. Овие двајца роднини често се состанувале и заедно расправале за работите што го вознемирувале христијанството.

„Постојат две религии на светот“, рекол Оливетан, „но само една е вистинска. Лажна е онаа религија што ја измислиле луѓето и според која нас нè спасуваат нашите сопствени дела; а вистинска е онаа што е откриена во Библијата која учи дека спасението е дар на Божјата милост…“

„Не ми е потребна твојата нова наука“, викнал Калвин; „мислиш ли дека јас цел живот сум бил во заблуда?“ (Wylie, b. 13, ch. 7)..

Но, во неговата душа се разбудиле мисли што не можел да ги отера по своја волја. Во самотијата на својата соба размислувал за зборовите на својот внук. Наеднаш станал свесен за својата грешност. Се видел себеси без посредник во присуство на еден свет и праведен Судија. Посредувањето на светците, добрите дела, црковните церемонии ­ сето тоа било немоќно да го ослободи од неговите гревови. Пред себе видел само мрак на вечен очај. Напразно неговите учители се обидувале да го охрабрат. Попусто барал прибежиште во исповдањето и во покајанието ­ ништо не можело да ја помири неговата душа со Бога.

Додека Калвин така преживувал тешка внатрешна борба, еден ден случајно дошол на јавниот плоштад каде што се собирал во тоа време народот да гледа спалување на некој еретик. Бил вчудовиден гледајќи го спокојството на лицето на маченикот. Во маките на оваа страшна смрт и под уште пострашната осуда на црквата, маченикот покажувал вера и храброст и тоа младиот студент со болка го споредувал со својот очај и мрак, иако тој најточно ја слушал црквата. Знаел дека еретиците својата вера ја темелат на Библијата и решил да ја проучува и по можност да ја открие тајната на нивната радост.

Во Библијата Калвин го нашол Христа. „О Оче“, извикнал, „неговата жртва го стивнала твојот гнев; неговата крв ги испрала моите гревови; неговиот крст го носел моето проклетство, а неговата смрт ми донела оправдување. Ние сме измислиле многу непотребни глупости, но ти ја стави пред мене својата Реч како светилка. Го трогна моето срце да презрам секоја друга заслуга освен твојата како Откупител“ (Martyn, vol. 3, ch. 13).

Калвин се приготвувал за свештенички позив. Кога имал дванаесет години, бил именуван за капелан во една малечка црква и според црковниот пропис бискупот свечено му ја остригол главата. Не бил посветен ниту вршел должност на свештеник, но сепак станал член на свештенството и ја носел титулата на својата служба за која примал и плата.

Бидејќи чувствувал дека никогаш не ќе може да стане свештеник, почнал извесно време да студира право, но конечно го напуштил и овој план и решил целосно да му се посвети на евангелието. Сепак, се колебал да стане проповедник. По природа бил плашлив и големата одговорност на таа положба многу го загрижувала. Затоа решил да ги продолжи студиите. Најпосле ги прифатил молбите на своите пријатели. „Прекрасно е“, рекол тој, „кога на едно суштество со толку ниско потекло ќе му се укаже толку висока чест“ (Wylie, b. 13, ch. 9).. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest