Мартин Лутер (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога противниците се повикувале на обичаите или на традицијата, на изјавите и на власта на папата, Лутер им одговарал повикувајќи се на Писмото, само на Писмото. Тука нашол докази што не можеле да се побијат; затоа робовите на формализмот и празноверието ја барале неговата крв, како Евреите што ја барале Христовата крв. „Тој е еретик!“ ­ викале ревнителите на Рим. „Да му се дозволи на еретик да живее час подолго е најголемо предавство против црквата. Веднаш нека се подигне ломача за него!“ (Исто, b. 3, ch. 9). Но Лутер не станал плен на нивниот гнев. Бог нему му одредил дело што требало да го изврши и ги пратил небесните ангели да го штитат. Мнозина пак, кои од Лутера ја примиле драгоцената светлина, станале предмет на сатански гнев и поради вистината храбро поднеле страдања и смрт.

Лутеровата наука во цела Германија го привлекувала вниманието на мисловните луѓе. Од неговите проповеди и списи извирале зраци на светлина што разбудиле и расветлиле многу срца. Мртвиот формализам во кој црквата толку долго дремела бил заменет со жива вера. Народот сè повеќе го напуштал празноверието на Рим. Урнати се предрасудите. Божјата реч, со која Лутер испитувал секоја наука и секое тврдење, била меч со две острици кој си го расчистувал себе си патот до човечките срца. Насекаде се забележувало будење и желба за духовен напредок. Насекаде се чувствувал глад и жед за правда како никогаш порано. Очите на народот, толку долго насочени кон човечките обреди и земни посредници, сега со покајание и со вера се пренасочиле кон Христа, и тоа кон Христа распнатиот.

Овој голем интерес за науката на спасението уште повеќе разбудил страв кај папските претставници. Лутер примил повик да дојде во Рим, таму да одговара на обвинувања поради кривоверство. Овој налог многу ги исплашил неговите пријатели. Тие мошне добро знаеле каква опасност му се заканува во тој расипан град, кој веќе бил пијан од крвта на Христовите маченици. Затоа се противеле тој да оди во Рим, барајќи да биде сослушан во Германија.

Најпосле овој предлог е прифатен и папата именувал еден легат кој ќе претседава на расправата. Во упатствата што му ги дал папата на својот претставник било истакнато дека Лутер веќе е прогласен за еретик. Потоа на легатот му е наредено „да го прогонува и без одлагање да го присили на покорност“. Ако Лутер остане упорен и ако пратеникот на папата не може да го држи под своја власт, бил овластен „да го прогонува низ сите краишта на Германија и да ги проколне и исклучи сите што ќе му останат приврзани“ (Исто, b. 4, ch. 2). Понатаму, за целосно да ја искорени оваа „заразна ерес“, папата го овластил својот пратеник да ги исклучи сите, освен царот, без оглед на нивното државно и црковно достоинство, кои не би биле готови да го фатат Лутера и неговите следбеници и кои не би му ги предале на Рим да им се одмазди.

Овде се открил вистинскиот дух на папството. Во целиот тој документ нема ниту трага од христијанските начела, ниту трага од обична човечка праведност. Лутер бил далеку од Рим и немал можност својот став да го објасни или да го одбрани; сепак, пред да биде испитано неговото дело, бил прогласен за еретик и истиот ден предупреден, обвинет и осуден, и сето тоа од оној што се нарекува свети отец, единствен врховен непогрешен авторитет на црквата и државата.

Во тоа време, кога на Лутера му требало најмногу пријателски совет и љубов, Божјето провидение во Витенберг го пратило Меланхтона. Млад, скромен, воздржлив во своето однесување, со здраво расудување, со големо знаење, со изразит дар на говор, а покрај тоа чист и честит, Меланхтон со овие особини на својот карактер придобил општ восхит и почит. Неговиот благороден карактер не помалку се истакнувал од неговите сјајни таленти. Набргу станал сериозен ученик на евангелието и Лутеров најверен пријател и помошник. Неговата љубезност, разборитост и точност ја надополнувале Лутеровата храброст и енергичност во работата. Нивната соработка на реформацијата ѝ дала нова сила и за Лутера била голем извор на охрабрување.

Аугзбург е избран како место на сослушувањето, и реформаторот се упатил таму пеш. Некои сериозно се уплашиле за неговиот живот. Слушнале јавни закани дека тој на патот ќе биде фатен и убиен и неговите пријатели го молеле да не се изложува на опасност. Дури го молеле извесно време да го напушти Витенберг и да побара заштита кај оние што биле подготвени да го штитат. Но тој не сакал да го напушти местото што му го одредил Бог. Наспроти луњата што беснеела со сета сила, тој се чувствувал должен да ја брани вистината. Си велел: „Јас сум како Еремија, човек против кого секој вика; но колку повеќе непријатели ми се закануваат, мојата радост е поголема… Тие веќе ја озлогласија мојата чест и моето добро име. Ми остана уште едно: моето бедно тело; и него нека го земат; со тоа ќе ми го скусат животот за неколку часа, но душата не можат да ми ја одземат. Оној што сака на светот да му ја објави Христовата реч, мора секој час да биде готов да умре“ (Исто, b. 4, ch. 4). (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest