Протест на кнезовите (прв дел)

Едно од најблагородните сведоштва што кога било е објавено во прилог на реформацијата бил протестот на христијанските кнезови во Германија изнесен на државниот собор во Шпаер во 1529 година. Храброста, верата и решителноста на овие Божји луѓе, на подоцнежните векови им донеле слобода на мислата и совеста. На припадниците на реформираната црква нивниот протест им дал назив „протестанти“. Начелата изразени во него биле „јатка на протестантизмот“(D’Aubigne, b. 13, ch. 6).

За реформацијата настапил мрачен ден, полн со закани. Наспроти Вормскиот едикт, кој Лутера го ставил надвор од законот и го забранил неговото учење, сепак, во царството и понатаму постоела религиозна подносливост. Божественото провидение ги зауздувало силите што ѝ се противеле на вистината. Карло V решил да ја задуши реформацијата, но секојпат кога би подигнал рака против неа, околностите би го присилиле тој удар да го задржи. Повеќе пати изгледало дека им се заканува неизбежна пропаст на оние што се осмелиле да му се противстават на Рим; но во критичните мигови ­ на источната граница се појавувала турска војска, или францускиот крал, па дури и самиот папа, кои, љубоморни поради напредокот на германското царство, почнале војна против него; и така, овие судири и меѓународни прилики придонеле реформацијата да се засили и да се прошири.

Најпосле папските кралеви ги решиле своите спорови и така можеле заеднички да станат против реформацијата. Соборот во Шпаер во 1526 година на секоја држава ѝ дал целосна слобода во верските работи до свикување на нов општ собор. Но штом поминале опасностите што го присилувале царот на оваа отстапка, тој во 1529 година свикал друг собор во Шпаер со цел да го искорени ересот. Кнезовите требало по можност на пријателски начин да се наведат да ѝ се противстават на реформацијата; а ако тој план не успее, Карло V бил готов да употреби меч.

Папистите ликувале од радост. Тие дошле во голем број во Шпаер и отворено ја покажувале својата омраза кон протестантите и кон нивните заштитници. Меланхтон пишувал: „Ние сме подбив и сметлиште на целиот свет, но Христос ќе погледне на својот народ во неволја и ќе го спаси“ (Исто, b. 13, ch. 5). Дури оделе дотаму што на протестантските кнезови, кои биле присутни на соборот, им наредувале да го забранат проповедањето на евангелието во своите покраини. Но народот на Шпаер бил жеден за Божјата реч и, наспроти забраната, илјадници слушатели доаѓале на службата што се одржувала во капелата на саксонскиот изборен кнез.

Тоа го забрзало пресудниот миг. Со една царска одлука, на соборот му било соопштено дека решението за верска слобода предизвикува многу нереди и дека поради тоа царот бара истото да се поништи. Тој самоволен чин предизвикал огорчување и вчудовидување во редовите на евангелистичките христијани. Еден од нив извикнал: „Христос пак падна во рацете на Кајафа и Пилата.“ Приврзаниците на Рим станале уште пожестоки. Некој фанатичен приврзаник на Рим рекол: „Турците се подобри од лутераните, зашто Турците држат постови, а лутераните ги сквернават. Ако треба да избереме меѓу Светото писмо, што го дал Бог, и црковните заблуди, ние ќе го отфрлиме она, првото.“ Меланхтон пишувал: „Секој ден, пред полна црква, Фабер фрла по некој нов камен на нас“ (Исто, b. 13, ch. 5).

Верската толеранција била воспоставена со закон и евангелистичките држави решиле да ги бранат своите права. Лутер, кој сè уште се наоѓал под проклетство на Вормскиот едикт, не можел да дојде во Шпаер; но него го застапувале неговите соработници и кнезови што ги подигнал Бог да го бранат делото на евангелието во тие пригоди. Поранешниот Лутеров заштитник, благородниот Фридрих Саксонски, умрел, но неговиот брат и наследник, војводата Јохан, со радост ја примил евангелската вистина; и, иако пријател на мирот, покажувал силна енергија и храброст кога станувало збор за прашањето на верата.

Свештениците барале државите што ја примиле реформацијата да ја прифатат римската црковна управа. Но реформаторите се повикувале на слободата што им била дадена порано. Не можеле да се согласат со Рим под своја власт да ги стави државите што толку радосно ја пригрлиле Божјата реч.

Најпосле е предложен следниот компромис: „Таму каде што реформацијата уште не е спроведена, треба строго да се применува Вормскиот едикт, а таму каде што народот го одбил и каде што не би му се потчинил без опасност да дојде до востание, нека се спречи натамошното ширење на реформацијата, нека не се гиба во спорните прашања, нека не се спречува службата на мисата и нека не им се дозволува на римокатолиците да го примат лутеранството“(Исто, b. 13, ch. 5). Ова решение соборот го изгласал на големо задоволство на папските свештеници и прелати. (продолжува)

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest