Холандија и Скандинавските земји (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) И во Шведска млади луѓе, кои се напојувале на изворот на Витенберг, на своите граѓани им ја однеле водата на животот. Двајца од првите поборници на шведската реформација, Олаф и Лаврентиус Петри, синови на еден ковач од Оребро, студирале како ученици на Лутера и Меланхтона. Вистините што ги запознале им ги проповедале на своите другари. Слично на големиот германски реформатор, Олаф со својата ревност и речитост го будел народот, додека Лаврентиус, како Меланхтон, бил учен, тивок и предаден на размислување. Обајцата биле луѓе со длабока побожност, со високо теолошко образование и со непоколеблива храброст при ширењето на вистината. Противењето од страна на Рим не изостанало. Католичките свештеници го растревожиле неукиот и празноверен свет. Повеќе пати толпата го напаѓала Олаф Петри и неговиот живот често бил во смртна опасност. Сепак, овие реформатори уживале наклоност и зашита од страна на кралот.

Под власта на Римската црква народот осиромашил и стенкал под нејзиното насилство. Тој бил без Свето писмо; неговата вера се состоела само од обреди и од празни церемонии што не му даваат никаква храна на духот и затоа се вратил на празноверијата и обичаите на своите идолопоклонички предци. Народот се поделил на две непријателски партии кои со своите меѓусебни борби само ја зголемувале бедата. Решавајќи да ја спроведе реформацијата во црквата и во државата, шведскиот крал со радост ги поздравил овие способни помагачи во борбата против Рим.

Во присуство на кралот и на челниците на Шведска, Олаф Петри со голема вештина ја бранел науката на реформираната вера против римските поборници. Изјавил дека учењето на црковните отци може да се прифати само тогаш ако се согласува со Светото писмо; истакнувал дека главните точки на верата во Библијата се откриени толку јасно и едноставно, што секој може да ги разбере. Исус рекол: „Моето учење не е мое, туку на Оној кој ме прати“, а Павле кажува дека, ако некој проповеда поинакво евангелие од она што го објавил тој, проклет да биде (Јован 7,16; Галатите 1,8). „Тогаш како се осмелуваат некои да воспоставуваат нови догми и да ги наметнуваат како услов за спасение?“ (Wylie, b. 10, ch. 4).. Тој докажал дека црковните декрети не важат кога се спротивни на Божјите заповеди и го истакнувал големиот принцип на протестантизмот дека Библијата, и само Библијата, е правило на верата и животот.

Оваа борба, иако се водела на сразмерно малечка сцена, може да ни покаже „од какви луѓе се состоела војската на реформаторите. Тоа не биле неуки сектанти, ниту бучни препирачи далеку од тоа! Тоа биле луѓе кои ја проучувале Божјата реч и кои знаеле да ракуваат со оружјето од складот на Библијата. Тие биле најобразовани луѓе на своето време. Само ако ги посматраме сјајните центри на науката, како што биле Витенберг и Цирих, и светлите имиња, како што се Лутер, Меланхтон, Цвингли и Еколампад, тогаш можеме да кажеме дека тие луѓе, водачите на реформацијата, по природа се одликувале со големи таленти и со извонредно знаење, додека нивните наследници не биле како нив. Но, ако се свртиме кон зафрлената сцена на Шведска, каде што ги наоѓаме скромните имиња на Олаф и на Лаврентиус Петри; ако се свртиме од големите учители кон учениците, што наоѓаме? Наоѓаме научници и теолози, луѓе што исцело го познаваат целиот систем на евангелските вистини и кои со леснотија ги победуваат сколастичарите и римските велико достојници“ (Исто, b. 10, ch. 4).

Како резултат на оваа расправа, шведскиот крал ја примил протестантската вера, а малку подоцна и народното собрание се изјаснило за неа. Олаф Петри го превел Новиот завет на шведски јазик, а по желба на кралот браќата прифатиле да ја преведат целата Библија. Така првпат Шведска ја добила Божјата реч на својот мајчин јазик. Собранието одредило во целата земја Светото писмо да го толкуваат проповедниците, а во училиштата децата да учат да ја читаат Библијата.

Постепено благословената светлина на евангелието ја распрснала темнината на незнаењето и празноверието. Ослободен од папската тиранија, народот се подигнал до големина и сила какви што никогаш порано не постигнал. Шведска станала тврдина на протестантизмот. Еден век подоцна, кога Германија се наоѓала во голема опасност, овој малечок, и до тогаш слаб народ, бил единствен во цела Европа кој имал храброст да ѝ дојде на помош во страшната триесетгодишна војна. Се чинело дека цела северна Европа пак ќе падне под папската тиранија. Шведската војска ѝ овозможила на Германија да го одбие католичкото напредување, да издејствува толеранција за протестантизмот за калвинистите и за лутераните и да им ја врати слободата на совеста на оние земји што ја примиле реформацијата.

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest