Протест на кнезовите (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Благодарение на оковите на апостол Павле, во негово време евангелието им било објавено на кнезовите и на благородниците на царскиот град. Така и во оваа бележита пригода: бидејќи кралот забранил евангелието да се проповеда од проповедална, тоа се проповедало во палатата; она што мнозина го сметале како незгодно да го слушаат слугите, со чудење го слушале големците и кнезовите на царството. Кралот и големците биле слушатели, крунисаните кнезови проповедници, додека проповед била возвишената Божја вистина. „Од апостолските денови“, вели еден писател, „немало поголем настан ниту повеличествено исповедање на верата“(D’Aubigne, b. 14, ch. 7).

„Сè што кажаа приврзаниците на Лутера е вистина; ние не можеме тоа да го побиеме“, рекол еден папски бискуп. „Можете ли со разумни докази да ја оборите Вероисповедта што ја составиле изборниот кнез и неговите сојузници?“ ­ го прашал друг д­р Ек. „Со списите на апостолите и пророците не“, одговорил овој, „но со списите на отците и соборите, да!“ „Сфаќам“, рекол оној што прашал, „според вашите зборови, лутераните се во Светото писмо, а ние сме надвор од него“ (Исто, b. 14, ch. 8).

Некои од германските кнезови биле придобиени за реформацијата. Лично царот изјавил дека протестантските докази се чиста вистина. Нивната Вероисповед била преведена на многу јазици, реширена низ цела Европа и многу милиони во подоцнежните поколенија ја примиле како свое исповедање на верата.

Верните Божји слуги не работеле сами. Додека поглаварствата, властите и лошите духови под небото се здружиле против нив, Господ не го заборавил својот народ. Кога нивните очи би биле отворени, би можеле да видат исто толку јасни знаци на Божјето присуство и помош како што го видел тоа стариот пророк. Кога слугата на Елисеј му ја покажал на својот господар непријателската војска што ги опкружувала и спречувала секаква можност за бегство, пророкот му се обратил на Бога во молитва: „Господе, отвори му ги очите да види… и тој виде, а тоа, целата гора полна со коњи и огнени коли“ (2. Царевите 6,17). Небесните чети стоеле тука да го бранат Божјиот човек. Исто така ангелите бдееле над работниците во делото на реформацијата.

Едно од начелата што посебно го истакнувал Лутер било: „Не треба да се употребува световна сила ниту оружје за одбрана на Божјето дело.“ Се радувал што кнезовите на царството го прифаќаат евангелието, но кога му предложиле да склучат еден одбранбен сојуз, тој изјавил „дека евангелската наука треба да ја брани Бог. Колку помалку луѓето ќе се вплеткуваат, сè по очигледно ќе биде Божјето посредување. Сите политички мерки на претпазливост ги сметал за последица на плашливоста и на грешната недоверба“(D’Aubigne, London ed., b. 10, ch. 14).

Кога непријателските сили се здружиле да ја оборат реформираната вера и кога се чинело дека илјадници мечеви се извлечени од кориците за да ја уништат, Лутер пишувал: „Сатаната збесни, безбожниот понтифекс направи заговор; ни се закануваат со војна. Советувајте го народот јуначки да се бори пред Божјиот престол со вера и со молитва, така што нашите непријатели, победени со Божјиот Дух, да бидат присилени на мир. Наша главна потреба, наша прва задача е молитвата; народот нека знае дека сега е изложен на острицата на мечот и на гневот на сатаната и затоа мора да се моли“(D’Aubigne, b. 10, ch. 14).

Подоцна, мислејќи на предложениот сојуз на евангелистичките држави, Лутер рекол дека единствено оружје што треба да се употреби во таа војна е „мечот на Духот“. На изборниот саксонски кнез му пишувал: „Ние не можеме против нашата совест да го одобриме сојузот што ни се предлага. Побргу десет пати ќе умреме отколку да видиме нашето дело на евангелието да биде причина за крвопролевање. Нашиот удел е ­ да бидеме како овци одредени за клање. Треба да го носиме Христовиот крст. Вашето височество нека не се плаши. Ние ќе сториме повеќе со нашите молитви, отколку нашите непријатели со своите фалби. Само нашите раце нека не се осквернат со крвта на нашите браќа. Ако царот бара да излеземе пред суд, ние сме готови да излеземе. Вие не можете да ја браните нашата вера. Секој мора сам да се изложи на опасност поради својата вера“ (Исто, b. 14, ch. 1).

Од тајното место за молитва излегла сила која во времето на големата реформација го потресла светот. Таму, со надеж, застанале Божјите слуги на карпата на неговите ветувања. За време на борбата во Аугзбург, Лутер не пропуштил секој ден да посвети три часа на молитва и тоа во време што е најпогодно за учење. Во тајноста на својата соба ја излевал својата душа пред Бога со зборови полни со доверба и со надеж како кога човек разговара со својот пријател. „Јас знам дека ти си наш Татко и Бог“, велел реформаторот, „и дека ти ќе ги растуриш прогонувачите на твоите деца, зашто ти, заедно со нас, си во опасност. Ова е твое дело и ние го почнавме зашто тоа беше твоја волја. Одбрани нè, о Оче!“ (Исто, b. 14, ch. 6).

На Меланхтона, потиштен од товарот на грижи и страв, му пишувал: „Милост и мир во Христа! ­ во Христа, велам, не во светот. Амин. Силно ги мразам овие тешки грижи што те јадат. Ако е делото неправедно, да го оставиме; ако е праведно, зошто да се сомневаме во ветувањата на Оној што ни налага мирно да спиеме? Христос нема да се откаже од делото на правдата и вистината. Тој живее и владее; од што уште да се плашиме?“ (Исто, b. 14, ch. 6).

Бог ги слушнал воплите на своите слуги. Тој им дал на кнезовите и проповедниците сила и храброст да ја одбранат вистината против кнезот на темнината на овој свет. „Еве, поставувам на Сион Камен темелник, одбран и скапоцен; и кој верува во него, нема да се засрами“ (1. Петрово 2,6). Протестантските реформатори ѕидале на Христа, и вратата пеколна не можела да ги надвладее.

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest