Хус и Јероним (деветти дел)

(продолжува од претходниот ден) Откако ја загубиле надежта во победа со вооружена сила, црковните водачи прибегнале кон дипломатија. Конечно склучена е спогодба која на Чесите привидно им дала слобода на совеста, а всушност ги потчинила под папската власт. Чесите истакнале четири точки како услов за мир со Рим, и тоа: слободно проповедање на Светото писмо и вршење на службата на народен јазик; право целата црква да може да земе причест во вид на леб и вино; исклучување на свештенството од сите световни служби и световни власти; во случај на кривица, еднаква одговорност пред судот за духовниците и лаиците. Претставниците на папската власт „најпосле се согласиле да ги прифатат и да ги потпишат сите четири услови, но барале правото на толкување на овој договор да им припаѓа ним, односно на соборот ­ со други зборови, на папата и на царот“ (Wylie, b. 3, ch. 18).

Врз таа основа е склучен договор и така Рим, со лицемерство и со вештина го добил она што не можел да го извојува со сила; зашто, бидејќи го добил правото да го толкува значењето на точките на договорот и на Светото писмо, можел по своја волја да ја извртува нивната смисла.

Голем дел од народот во Чешка, гледајќи дека неговата слобода е во опасност, не можел да се согласи со потпишувањето на овој договор. Настанале неслоги и раздори кои предизвикале меѓусебни судири и крвопролевања. Во таа борба паднал и благородниот Прокоп, а заедно со него исчезнала и чешката слобода.

Сигисмунд, предавникот на Хус и Јероним, сега станал крал и на Чешка. Наспроти својата заклетва дека ќе ги штити правата на оваа земја, настојувал во неа да ја воспостави папската власт. Но неговото настојување да му угодува на Рим малку вредело. Дваесет години неговиот живот бил исполнет со борби и опасности. Неговите војски биле истрошени, неговите благајни испразнети од долгото и безуспешно војување. А сега, по едногодишно владеење, умрел, оставајќи го своето кралство на раб на граѓанска војна, а на потомството едно име обележано со жиг на срам.

И понатаму продолжиле востанија, борби и крвопролевања. Повторно Чешка ја притиснале странски војски, а чешкиот народ продолжиле да го вознемируваат внатрешни раздори. Оние што му останале верни на евангелието биле изложени на крваво прогонство. Бидејќи нивните претходни браќа склучиле договор со Рим и ги примиле неговите заблуди, оние што ѝ останале верни на старата вера организирале посебна црква што ја нарекле со името „Обединети браќа“. Со овој чин навлекле на себе проклетство од страна на сите сталежи, но нивната решителност останала цврста. Биле присилени да бараат прибежиште во шумите и пештерите да се молат на Бога и да ја читаат Божјата реч.

Од весниците што потајно ги праќале во разни земји дознале дека во некои места „постојат одделни следбеници на вистината во разни градови, дека и тие се изложени на прогонство и дека среде Алпите постои стара црква, основана на Светото писмо, која исто така станува против расипаноста на Рим“ (Wylie, b. 3, ch. 19). Оваа новост ја примиле со голема радост и стапиле во преписка со валденжанските христијани.

Верни на евангелието, во текот на долгата ноќ на прогонство и во најтемните часови, Чесите очите ги насочувале кон небото како луѓе кои ги очекуваат првите зраци на денот. „Нивната ждрепка паднала во зол час… но тие си спомнувале за зборовите на Хус, што подоцна ги повторил Јероним, дека треба да помине еден век пред да осамне денот. Овие зборови за табориќанците (хуситите) биле она што и Јосифовите зборови за дванаесетте племиња во времето на нивното ропство: ‘Јас ќе умрам, но Бог сигурно ќе ви дојде на помош и ќе ве изведе од оваа земја’“ (Исто).

Последните години на петнаесеттиот век сведочат за бавното но сигурно зголемување на бројот на „Обединетите браќа“. Иако немале слобода, сепак, донекаде уживале мир. Во почетокот на шеснаесеттиот век веќе имале околу двесте цркви во Чешка и Моравија“ (Ezra Hall Gillett, Life and Times of John Huss, vol. 2, p. 570).

„Толкав бил бројот на остатокот што се избавил од уништувачкиот бес на огнот и мечот и кој можел да види како осамнува денот што го преткажал Хус“ (Wylie, b. 3, ch. 19).

 

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest