Џон Виклиф (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Виклиф почнал да пишува и да објавува расправии против калуѓерите не толку со цел да се препира со нив, туку вниманието на луѓето да го насочи кон учењето на Светото писмо и кон неговиот Автор. Изјавил дека папата нема поголема власт да проштава гревови или да исклучува од црквата отколку свештениците и дека никој не може да биде полноважно исклучен освен ако самиот навлече на себе Божје негодување. Ниту еден друг начин не би можел да биде поуспешен од овој со кој Виклиф презел акција да ја собори огромната градба на духовна и световна власт што ја подигнал папата и што држела во ропство милиони луѓе.

Виклиф повторно е повикан да ги брани правата на англиската круна против вплеткувањето на Рим. Како кралски пратеник, тој поминал две години во Холандија, каде што преговарал со претставниците на Рим. Тука стапил во врска со свештенството на Франција, на Италија и Шпанија; можел да види што се случува зад завесата и да запознае многу работи што инаку би му биле скриени да останал во Англија. Научил многу нешта што му помогнале во неговата подоцнежна работа. Преку тие претставници на папскиот двор можел да ја запознае вистинската природа и целта на хиерархијата. Враќајќи се во Англија, почнал да проповеда уште поотворено и со посилен жар; изјавил дека лакомството, горделивоста и лагата се богови на Рим.

Во една своја расправа, тој за папата и за неговите собирачи на данок се изразува вака: „Тие ги изнесуваат од нашата земја средствата наменети за сиромасите; годишно се одлеваат илјадници марки кралски пари за сакраменти и за духовни работи, а тоа не е ништо друго освен проклето кривоверство ­ симонија ­ во која тие го вовлекуваат целото христијанство. И навистина, кога нашата земја би имала голема планина злато, и кога од неа не би земал никој освен собирачите на горделивиот и световен понтифекс, со текот на времето таа планина би исчезнала, зашто тие ги земаат од нашата земја сите пари, а не ни даваат ништо друго освен Божје проклетство поради симонијата“ (John Lewis, History of the Life and Sufferings of J.Wiclif, page 37). Набргу по неговото враќање во Англија, кралот го именувал Виклифа за жупник во Латерворт. Тоа било доказ дека кралот не бил незадоволен со неговиот отворен говор. Влијанието на Виклифа се чувствувало при донесувањето на решенија на дворот и при формирањето на верата на народот.

Набргу Рим почнал да го гаѓа со громови. Во Англија биле пратени три папски посланија: на универзитетот, на кралот и на високите свештеници; сите три посланија наредувале веднаш да се преземат решителни мерки со кои ќе се замолкне овој учител на кривоверството (Augustus Neander, General History of the Christian Religion and Church, period 6, sec. 2, pt. 1, par. 8).

Пред да пристигнат тие пратеници, епископите во својата ревност го повикале Виклифа да се појави пред нив заради сослушување. Но Виклифа на судот го придружувале двајца најмоќни кнезови во кралството; народот, кој ја опкружил зградата и насила влегол во судницата, толку ги исплашил судиите, што истрагата била запрена и Виклиф можел мирно да си замине. Малку подоцна умрел Едвард III, кого во неговата старост епископите го поттикнувале против реформаторот, а кралски регент станал еден поранешен Виклифов заштитник.

Папските були што пристигнувале ја соочувале цела Англија со решителна заповед еретикот да се фати и да се затвори во темница. Тие мерки воделе точно на ломача. Се чинело дека тој ќе падне како плен на одмаздата на Рим. Но Оној што некогаш изјавил: „Не бој се, јас сум твој штит“, пак ја подал својата рака да го заштити својот слуга (1.Мојсеева 15,1). Настапила смрт, но не за реформаторот, туку за папата кој наредил Виклиф да се погуби. Гргур XI умрел, а свештениците, кои се собрале да го осудат Виклифа, се разотишле.

Божјето провидение и натаму ја штитело реформацијата што се раѓала. По смртта на Гргура, биле избрани двајца против­папи. Двете противнички сили, кои обете се нарекувале непогрешни, барале послушност. Секој папа ги повикувал верните да му помогнат во борбата против својот противник, зголемувајќ и ги своите барања со страшни анатеми против својот противник, и со ветувања за небесна награда за сите свои помагачи. Овие настани во голема мера ја ослабиле папската власт. Противничките партии биле зафатени со меѓусебна борба и Виклиф извесно време бил оставен на мир. Од папа на папа летале анатеми и меѓусебни обвинувања, и во борбата за победа на нивните спротивни интереси биле пролеани потоци крв. Црквата ја поплавиле злосторства и скандали. Меѓутоа, реформаторот во тишина на својата црковна општина во Латерворт трудољубиво работел со цел вниманието на луѓето да го одварти од папите кои меѓусебно војувале и да го насочи кон Исус, Кнезот на мирот. (продолжува)

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest