Џон Виклиф (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Карактерот на Виклифа е доказ за воспитната и преродбенската сила на Светото писмо. Светото писмо направило од него таков човек. Настојувањето да се сфатат големите вистини на божественото откровение, на сите способности им дава свежина и сила. Тоа го развива умот, го изострува духот и му дава зрелост на расудувањето. Проучувањето на Светото писмо облагородува секоја смисла, секое чувство и секој стремеж повеќе отколку кое и да е друго проучувње. Тоа им дава цврстина на одлуките, трпение, храброст и духовна сила; тоа го облагородува карактерот и ја посветува душата. Сериозното и понизно проучување на Светото писмо го поврзува истражувачот со бесконечниот Ум. Таквото проучување на светот би му дало луѓе со посилен и со поактивен ум и со поблагородни начела од кога било што го дало најдоброто образование кое го овозможува човечката филозофија. „Објавувањето на твоите зборови“, кажува Давид, „просветлува и на скромните мудрост им дава“ (Псалм 119,130).

Вистините што ги изнесувал Виклиф се ширеле извесно време. Неговите следбеници, познати под името „виклифовци“ и „лоларди“, ја обиколиле не само Англија, туку и другите земји, проповедајќи ја веста на евангелието. Сега, откако нивниот водач не бил веќе меѓу нив, проповедниците работеле со уште поголема ревност од порано, и мноштво свет доаѓал да ја слуша нивната наука. Меѓу обратените имало приличен број благородници, па дури и сопругата на кралот. На многу места се забележувала реформа во обичаите, а идолопоклоничките симболи на Римската црква биле отстранети од црквите. Но, набргу против сите што се осмелиле да ја примат Библијата како свој водич се подигнала немилосрдна луња на прогонство. Англиските кралеви, сакајќи да го зацврстат својот престол со поддршка на Рим, не се колебале да ги жртвуваат реформаторите. Првпат во историјата на Англија била одредена смрт на ломача за учениците на евангелието. Непрекратно се нижеле мачеништва. Бранителите на вистината, гонети и мачени, можеле да пекаат само пред Господа над војските. Гонети како непријатели на црквата и предавници на кралството, тие продолжиле да пропове даат потајно, криејќи се во скромните станови на сиромасите, а често и во некоја јама или пештера.

Наспроти бесот на прогонството, со векови продолжил мирниот, предан, сериозен и стрплив отпор против расипаноста во верата. Христијаните во тоа почетно време не ја познавале целосно вистината, но научиле да ја сакаат Божјата реч, да живеат според неа и стрпливо да страдаат за неа. Мнозина за Христовото дело го жртвувале своето земно богатство, како што го правеле тоа учениците во апостолските денови. Тие што не биле протерани од своите домови, радосно им помагале на своите браќа во изгнанство; а кога и самите биле протерани, со радост ја делеле судбината на изгнаниците. Навистина, илјадници, застрашени со бесот на прогонувачите, својата слобода ја искупиле со жртвување на верата и го напуштале затворот облечени во покајничка облека за да го покажат своето откажување од верата. Но не бил мал бројот на тие ­ меѓу кои имало луѓе како со благородничко така и со скромно потекло ­ кои храбро сведочеле за вистината, затворени во темнички ќелии, во „лолардските кули“, среде маки и пламен, радувајќи се што се достојни да имаат „заедница во Христовите маки“ (Филипјаните 3,10).

Следбениците на Рим немале можност да ги исполнат своите намери против Виклифа додека тој бил жив, и нивната омраза не можела да стивне сè додека Виклифовото тело лежело мирно в гроб. Со одлука на црковниот собор во Констанца, четириесет години по неговата смрт, ги спалиле неговите коски и пепелта ја фрлиле во блискиот поток. Еден стар писател кажува: „Потокот го однел неговиот прав во Авон, Авон во Северн, Северн во Бристолскиот залив, а овој во океанот. Така пепелта на Виклифа станала симбол на неговото учење што се раширило низ цел свет“ (T. Fuller, Church Historѕ of Britain, b. 4, sec. 2, par. 54). Неговите непријатели не ја разбрале симболичката смисла на ова свое одвратно дело.

Благодарение на Виклифовите списи, Јан Хус од Чешка се откажал од многу заблуди на Римската црква и почнал реформација. Така е посеано семето на вистината во овие две меѓусебно од далечени земји. Од Чешка делото се раширило во други земји и вниманието на луѓето било насочено кон Божјата реч која долго била заборавена. Божествената рака го подготвила патот за големата реформација.

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest