Побожни патници (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога првпат биле присилени да се одвојат од Англиканската црква, пуританците меѓусебно свечено се обврзале дека, како слободен Божји народ, „ќе одат сложно на сите патишта што им ги открил Бог или ќе им ги открие во иднина“ (J. Brown, The Pilgrim Fathers, page 74). Тоа бил вистински дух на реформа, животен принцип на протестантизмот. Со оваа одлука овие побожни луѓе ја напуштиле Холандија за да побараат во Новиот свет нов дом. Нивниот проповедник, Џон Робинсон, кого Провидението го спречило да ги придружува, во својот проштален говор им рекол:

„Браќа, ние сега ќе се разделиме, и само Господ знае дали ќе доживеам повторно да ги видам вашите лица. Јас не знам дали Господ одредил така или не, но ве заколнувам пред Бога и пред неговите свети ангели да не ви бидам јас поголем пример отколку Христос што ми беше мене. Ако Господ ви открие нешто друго преку некое друго свое орудие, бидете готови тоа да го примите исто така како што бевте подготвени да примите секоја вистина за време на мојата служба, зашто јас сум потполно сигурен дека Господ има уште вистини и уште видело да ви покаже од својата света Реч!“ (Martyn, vol. 5, p. 70).

„Што се однесува до мене, јас не можам доволно да ја оплачам состојбата на реформираните цркви кои во верата постигнале извесен степен и не сакаат да одат понатаму од она што го постигнале водачите на нивната реформација. Лутераните не можат да се натераат да сторат чекор понатаму од она што го знаел Лутер… И калвинистите, како што гледате, стојат таму каде што ги оставил големиот Божји човек кој, сепак, не видел сè. Тоа е несреќа што не може доволно да се оплаче зашто, иако овие луѓе во свое време биле сјајни светилки, сепак, тие не проникнале во сите Божји совети. Но, кога тие би живееле денеска, би биле исто толку подготвени да примат нова светлина како и тогаш кога прв пат ја примиле“ (D. Neal, History of the Puritans, vol. 1, p. 269).

„Сетете се на својот завет со кој сте се обврзале дека ќе одите по сите Господови патишта што ви се откриени или ќе ви бидат откриени. Спомнете си за своето ветување и за својот завет со Бога и за меѓусебниот завет дека ќе примите секоја светлина, секоја вистина што ќе ви биде откриена од неговата напишана Реч. Но, јас ве молам, внимавајте што ќе прифатите како вистина; споредувајте го и мерете го тоа со другите текстови на вистината пред да го прифатите, зашто не е можно христијанскиот свет, кој неодамна излезе од толку длабока темнина, наеднаш да ја прифати целосната светлина“(Martyn, vol. 5, pp. 70, 71).

Копнежот за слобода на совеста ги одушевил овие побожни патници храбро да ги поднесат опасностите на долгиот пат преку морето, да ги издржат тешкотиите и опасностите на дивиот крај и со Божји благослов на бреговите на Америка да положат темел на една силна нација. Сепак, наспроти својата искреност и побожност, овие патници уште не го сфатиле големото начело на религиозната слобода. Не биле подготвени слободата што сакале да ја извојуваат по секоја цена за себе, да им ја дадат и на другите. „Дури и меѓу најголемите мислители и моралисти на седумнаесеттиот век, малку имало такви кои имале вистински поим за големото начело на Новиот завет кое Бога го признава како единствен Судија на човековата вера“ (Исто, vol. 5, p. 297). Науката што учи дека Бог ѝ дал на црквата право да владее над совеста и да одредува што е кривоверство и да го казнува, е една од најголемите папски заблуди која многу длабоко е вкоренета. Иако реформаторите ја отфрлиле науката на Рим, сепак, не се ослободиле наполно од неговиот дух на нетрпеливост. Длабоката темнина со која Рим го обвил целото христијанство во текот на својата светска превласт, уште не била сосем распрскана. Еден од главните проповедници на државата Масачусетс, Беј, рекол: „Трпеливоста е виновна што светот станал антихристијански, и црквата никогаш не треба да жали што била строга кон еретиците“ (Исто, vol. 5, p. 335). Колонистите го прифатиле законот според кој само членовите на црквата имаат право на глас во граѓанските прашања. Бил воспоставен некој вид државна црква и од сите се барало да го помагаат издржувањето на клерот, додека на властите им е ставено во должност да го отстрануваат кривоверството. Така световната власт била во рацете на црквата. Не траело долго и тие мерки довеле до неизбежни последици до прогонство.

Единаесет години по основањето на првата колонија, во Новиот свет дошол Роџер Вилијамс. Како и првите доселеници, тој дошол да ужива слобода на совеста; но, за разлика од нив, тој сфатил што го сфатиле мал број луѓе на неговото време дека таа слобода е неотуѓиво право на сите, без оглед на тоа какво е нивното верување. Тој бил сериозен истражувач на вистината и, заедно со Робинсон, сметал дека не е можно веќе да е откриена сета светлина од Божјата реч. Вилијамс бил „прв во христијанството во поново време кој учел дека граѓанската власт треба да се заснова врз слободата на совеста и рамноправноста на мислењето пред законот“ (Bancroft, pt. 1, ch. 15, par. 16). Изјавил дека должност на власта е да ги казнува злосторниците, а не да владее над совеста. „Народот или властите“, рекол тој, „можат да решаваат за тоа што е човекот должен да прави, но ако се обидат да одредат што е човекова должност спрема Бога, тогаш прават нешто што не е нивно право, и човекот не може со сигурност да се потпре врз нив. Јасно е  кога власта би имала такво право, тогаш таа би можела денеска да го пропишува ова, а утре она мислење или верување, како што го правеле тоа во Англија разни кралеви и кралици, а во Римската црква разни папи и концили, за верата да стане грамада бркотија“(Martyn, vol. 5, p. 340). (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest