Разурнувањето на Ерусалим (петти дел)

(продолжува од предходниот ден) Бог го одложувал својот суд над градот и над народот речиси четириесет години од часот кога Исус ја објавил пропаста на Ерусалим. Чудно било Божјето трпение кон оние што го презирале неговото евангелие и кон убијците на неговиот Син. Споредбата за неродната смоква го покажала Божјето постапување со еврејскиот народ. Била издадена наредба: „Пресечи ја! Зошто да ја исцрпува земјата?“ (Лука 13,7). Но божествената милост ја поштедила уште за извесно време. Меѓу Евреите имало многу такви кои немале вистински поим за карактерот на Спасителот и за неговото дело. Децата немале можност да ја примат светлината што ја презирале нивните родители. Спасителот сакал и ним да им ја даде својата светлина. Сакал да им даде можност да го видат исполнувањето на пророштвото не само за неговото раѓање, туку и за неговата смрт и воскресение. Децата не биле осудени поради гревовите на родителите, туку, бидејќи ја запознале светлината што им била дадена на нивните родители и ја отфрлиле, како што ја отфрлиле и светлината што им била дадена лично ним, станале учесници во гревот на своите родители и ја дополниле мерката на нивните беззаконија.

Божјето трпение кон Ерусалим уште повеќе ги утврдило Евреите во нивното упорно непокајание. Во својата омраза и свирепост кон Исусовите ученици ја отфрлиле последната понуда на милоста. Тогаш Бог ја повлекол од нив својата заштита. Престанал да ја задржува моќта на сатаната и на тој начин народот останал во рацете на водачот што го избрале. Евреите ја презреле Христовата милост што би им дала сила да ги победат своите грешни страсти и сега тие ги победиле нив. Сатаната разбудил кај нив најужасни и најниски похоти. Не расудувале повеќе; станале безумни; со нив управувал нагон и слеп гнев. Станале сатански свирепи. Во семејството, како и во народот, во повисоките, како и во пониските слоеви насекаде владеела недоверба, злоба, завист, неслога, бунт и убиства. Никаде немало сигурност. Пријателите и роднините меѓусебно се предавале. Родителите ги убивале своите деца, а децата своите родители. Народните управувачи немале сила да владеат со себеси. Нивните страсти ги правеле тирани. Евреите примиле лажни сведоштва за да го осудат невиниот Божји Син. Сега лажните обвинувања нивниот живот го сториле несигурен. Со своите дела одамна зборувале: „Нека исчезне од пред нас Светецот Израелов“ (Исаија 30,11). Нивната желба се обистинила. Не ги исполнувал веќе Божји страв. Сатаната стоел на чело на народот; граѓанските и верските власти биле под негова управа.

Водачите на непријателските партии понекогаш би се соединиле да ги ограбат своите несреќни жртви, а потоа би се нафрлиле едни врз други и немилосрдно би се истребувале. Дури ни светоста на храмот не можела да ја задржи нивната свирепост. Пред жртвеникот биле убивани верни и светињата се сквернавела со телата на убиените. Во својата заслепеност и богохулна надуеност, поттикнувачите на тие пеколни дела јавно изјавувале дека не се плашат оти Ерусалим ќе биде разурнат, зашто тој е Божји град. За уште повеќе да ја утврдат својата моќ , а во исто време кога веќе римските легии го опседнувале градот, тие поткупиле лажни пророци кои објавувале дека спасение од Бога сигурно ќе дојде. До последен миг народот цврсто верувал дека Севишниот ќе се вмеша и ќе ги уништи непријателите. Но Израел ја отфрлил божествената заштита и сега немал никаква одбрана. Кутриот Ерусалим! Бил разединет со внатрешни раздори; неговите улици биле испрскани со крвта на неговите деца што меѓусебно се убивале додека непријателската војска ги разурнувала тврдините и ги убивала неговите војници!

Сите Христови преткажувања за разурнување на Ерусалим буквално се исполниле. Евреите ја искусиле вистинитоста на зборовите кои предупредуваат: „Со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“ (Матеј 7,2).

Се појавиле знаци и чудеса како весници на несреќа и суд. Ноќ е, над храмот и олтарот, се појавила неприродна светлина. На зајдисонце, во облаците се покажале бојни коли и војници готови за бој. Свештениците, кои служеле ноќта во храмот, биле исплашени од таинствени звуци. Земјата се тресела и се слушнале мноштво гласови како викаат: „Да бегаме одовде!“ Големата источна порта, толку тешка што одвај можеле да ја затворат дваесет луѓе, обезбедена со огромни железни лостови забодени длабоко во цврста камена подлога, ноќта се отворила сама (Milman, The History of the Jews, book 13). (продолжува)

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest