Мартин Лутер (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога Тецел влегувал во некој град, пред него одел гласник кој велел: „Пред вашите порти е Божјата милост и милоста на светиот отец!“ (D’Aubigne, b. 3, ch. 1). Народот го поздравувал лукавиот богохулник како сам Бог да слегол од небото меѓу нив. Во црквата се вовлекла бесрамна трговија, а Тецел од проповедална го издигнувал продавањето на прошталници како најскапоцен Божји дар. Тврдел дека врз основа на неговите писмени потврди за купено проштавање ќе им се простат сите гревови, без оглед на тоа дали ги сториле порано или ќе ги сторат допрва, и дека „не е неопходно ниту покајание“ (Исто, b. 3, ch. 1). Уште повеќе, ги уверувал слушателите дека прошталниците имаат моќ „да ги спасат не само живите, туку и мртвите“, и дека „во истиот миг, кога на дното на неговото сандаче ќе ѕвекнат парите, душата, во чијашто корист се дадени парите, излегува од чистилиштето и заминува на небото„ (види: K. R. Hagenbach, History of the Reformation, vol. 1, p.96).

Кога маѓесникот Симон им понудил на апостолите пари за да добие власт да прави чуда, Петар му одговорил: „Нека одат во неврат твоите сребреници заедно со тебе, зашто си наумил да го добиеш Божјиот дар со пари“ (Дела 8,20).

Но понудата на Тецела со радост ја прифатиле илјадници луѓе. Во неговата благајна се слевало злато и сребро. Спасението што може да се добие за пари било повеќе барано од она за кое е потребно покајание, вера и решителен напор човекот да му се противстави на гревот и да го победи.

Науката за прошталници наишла на отпор кај побожните и учени луѓе во Римската црква. Имало многу такви кои не верувале во тврдењата што се противеле на разумот и на божественото откровение. Ниеден епископ не се осмелил да го подигне својот глас против таа одвратна трговија, но почнала да се чувствува вознемиреност и мнозина во страв се прашувале дали можеби Бог нема да подигне едно орудие да ја очисти својата црква.

Лутер, иако уште ревен католик, бил полн со ужас поради богохулните изјави на трговците со прошталници. Мнозина од неговите верници, кои купиле прошталници, набргу почнале да доаѓаат кај својот духовен пастир, исповедајќи му ги своите различни гревови и барајќи разрешување не затоа што се покајале и што сакале да го поправат својот живот, туку врз основа на купените потврди за проштавање. Лутер одбил да ги разреши од гревот и ги предупредил дека ќе загинат во своите гревови ако не се покаат и ако не го поправат својот живот. Мошне возбудени се вратиле кај Тецела и му кажале дека нивниот исповедник не ги признава неговите потврди; некои дури имале смелост да бараат да им се вратат парите. Тоа калуѓерот го исполнило со гнев. Изрекол најстрашни проклетства, наредил на јавниот плоштад да се запали оган и рекол дека од папата добил власт да ги запали како еретици сите што ќе се осмелат да ги негираат неговите најсвети прошталници (D’Aubigne, b. 3, ch. 4).

Тогаш Лутер решително го почнал своето дело како борец за вистината. Неговиот глас грмел од проповедалната како сериозна и свечена опомена. На народот му ја прикажувал одвратноста на гревот и го учел дека на човекот не му е можно со своите дела да ја намали својата вина или да ја избегне казната. Човекот може да се спаси само со покајание и со вера во Христа. Божјата милост не може да се купи; таа е слободен дар. Му советувал на народот да не купува прошталници, туку со вера да гледа во распнатиот Откупител. Им го раскажувал своето болно искуство, како напразно се обидувал себеси да си осигури спасение со понижување и со дела на покајание и своите слушатели ги уверувал дека мир и радост нашол дури тогаш кога го одвратил својот поглед од себе и поверувал во Христа.

Бидејќи Тецел и понатаму продолжил со својата трговија и со безбожните тврдења, Лутер решил најенергично да протестира против овие дрски злоупотреби. Набргу за тоа му се дала можност. Дворската црква во Витенберг имала многу реликвии кои во одредени свечени денови биле изложени пред народот, и на сите кои тогаш би ја посетиле црквата и би се исповедале, сите гревови би им биле простени. Поради тоа, народот тие денови во големо мноштво ја посетувал црквата. Се приближувал еден од најголемите празници, празникот „Сите свети“. Непосредно пред тој празник Лутер, придружувајќи им се на оние на пат кон црквата, прикачил на црковната порта список кој содржел деведесет и пет точки против науката за проштавање. Изјавил дека е готов следниот ден да ги брани на универзитетот овие тези од нападите на сите што сметаат дека нивна должност е да ги нападнат.

Неговите тези привлекле сеопшто внимание. Народот ги читал и за нив расправал низ целиот крај. На универзитетот и во целиот град настанала голема возбуда. Овие тези покажале дека право на проштавање на гревот и ослободување од казната не му е дадено ниту на еден човек па дури ниту на папата. Продавањето прошталници е само една комедија, средство да се измамат пари од народот, да се искористи неговата лековерност ­ лукавство на сатаната што има за цел да ги упропасти душите на оние што ќе поверуваат во неговите лажни ветувања. Лутер го покажал и тоа дека Христовото евангелие е најскапоценото богатство на црквата и дека Божјата милост, откриена во него, му се дава бесплатно на секого што бара со покајание и со вера. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest