Реформацијата во Франција (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Кралот не бил против тоа водачите на спротивните страни да ја измерат својата сила и својата моќ на расудување, и среќен што ќе може да ја понизи горделивоста и надуеноста на тие монаси, им заповедал на приврзаниците на Рим своето дело да го бранат со Библијата. Но овие знаеле дека тоа оружје малку ќе им користи; затворите, мачењата и ломачите ­ тоа било оружјето со кое би знаеле подобро да ракуваат. Ситуацијата се изменила; им се чинело дека се наоѓаат на работ на јамата што ја ископале за Беркена. Збунети и вчудовидени, тие барале излез од таа положба.

Токму во тоа време на ќошето на една улица е најден осакатен кипот на дева Марија. Во градот завладеала голема возбуда. Мноштво луѓе дотрчале на тоа место, покажувајќи ја својата жалост и негодување. И кралот бил длабоко трогнат. Сега им се дала можност на монасите што можеле да ја искористат и тие тоа не го пропуштиле. „Ова се плодови на учењето на Беркена“, викале тие, „овој заговор на лутераните има намера да урне сè: религијата, законот и престолот“ (Исто, b. 13, ch. 9).

Беркен повторно е фатен. Бидејќи кралот отпатувал од Париз, монасите можеле да работат по своја волја. Реформаторот бил сослушан и осуден на смрт и, плашејќи се да не се вмеша пак кралот за да го спаси, осудата е извршена истиот ден кога била и изречена. На пладне Беркен е изведен на губилиште. Големо мноштво луѓе се собрале да присуствуваат на неговото погубување. Мнозина со чудење и со ужас забележале дека жртвата е избрана меѓу најблагородните и најугледните луѓе на Франција. На многу лица се читале гроза, негодување, презир и омраза; но на едно лице немало ниту сенка. Мислите на маченикот биле далеку од оваа возбудлива сцена; тој бил свесен само за Божјето присуство. Не обрнувал внимание на страшната кола на која седел, ниту на намуртените лица на своите прогонувачи, ниту на ужасната смрт на која ѝ одел во пресрет. Крај него се наоѓал Оној кој е жив, а бил мртов, кој живее во век века и кој ги има клучевите од гробот и смртта.

Лицето на Беркена светело со небесен сјај. Ја облекол својата најубава облека: „наметка од баршун, елек од атлас и дамаст, панталони од позлатена ткаенина“ (D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 16). Бил готов својата вера да ја посведочи во присуство на Царот над царевите и на целата вселена и затоа неговата радост не смеела да биде поматена од ниту еден знак на жалост. Кога поворката се движела полека низ улиците преполни со свет, луѓето со чудење го гледале непоматениот мир и радосниот триумф на неговиот поглед и држење. „Тој како да стои во храм и размислува за свети рабити“, велеле тие (Wylie, b. 13, ch. 9).

На ломачата Беркен се обидел да му упати неколку зборови на народот, но монасите, плашејќи се од последиците, почнале да викаат, а војниците толку силно да ѕвекотат со оружјето, што нивниот шум го задушил гласот на маченикот. Така во 1529 година Сорбона, највисокиот културен и црковен авторитет на просветениот Париз, „му оставила на народот низок пример, задушувајќи ги на губилиштето светите зборови на оној што умирал“ (Исто, b, 13, ch. 9).

Беркен бил задавен и неговото тело спалено. Веста за неговата смрт предизвикала голема жалост меѓу пријателите на реформацијата во цела Франција. Но неговиот пример не бил напразен. „И ние сме готови“, велеле сведоците на вистината, „радосно да одиме во смрт, насочувајќи го нашиот поглед кон идниот живот“(D’Aubigne, History of the Reformation in Europe in the Time of Calvin, b. 2, ch. 16).

За време на прогонствата во Мо, на учителите на реформираната вера не им било дозволено да проповедаат и затоа биле присилени да отпатуваат во други полиња. Лефевр отпатувал во Германија. Фарел се вратил во своето родно место во источниот дел на Франција; ја проповедал Божјата реч во Гап и во околината каде што го поминал своето детство. И овде стигнала веста за она што се случило во Мо, и вистината што почнал да ја проповеда реформаторот со бестрашна ревност нашла свои слушатели. Но набргу градските власти станале да го замолкнат и Фарел е протеран од градот. Бидејќи не можел повеќе да работи јавно, патувал низ полињата и селата и Божјата реч ја проповедал во приватни домови и по оддалечени ливади. Кога и овде му се заканила опасност, шумите, пештерите и стрмните карпи што толку добро ги познавал од својата младост, му нуделе прибежиште. Бог го приготвувал за уште поголеми искушенија. „Неволјите, прогонствата и сатанските сплетки, на кои бев однапред предупреден, не ми недостигаа“, рекол тој; „тешкотиите беа толку големи, што јас сам не ќе можев да ги поднесам; но Бог е мој татко; Тој ми даваше и секогаш ќе ми дава сила што ќе ми биде потребна“(D’Aubigne, History of the Reformation of the Sixteenth Century, b. 12, ch. 9). (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest