Лутер пред државниот собор (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Оние што му биле наклонети на реформаторот се плашеле од дејството на говорот на Алеандера. Изборниот саксонски кнез не бил присутен, но пратил некои од своите советници да го слушаат пратеникот на папата и да направат прибелешки од неговиот говор.

Со сета ученост и речитост, Алеандер се напрегал да ја побие вистината. Тој против Лутера подигнал мноштво обвинувања, нарекувајќи го јавен непријател на црквата и државата, на живите и мртвите, на свештениците и световниците, на концилите и на одделни христијани. „Во списите на Лутера има толку заблуди поради кои би можеле да се спалат сто илјади еретици!“

При крајот на говорот настојувал да ги исмее и да ги осрамоти сите следбеници на реформата. „Кои се тие лутерани? Толпа бесрамни учители, расипани свештеници, распуштени калуѓери, неразумни правници, расипано благородништво, изопачен и заведен народ. Колку помногубројна, поспособна и посилна е католичката партија! Еднодушната одлука на овој сјаен собор ќе ги просветли простите, ќе ги опомене неразумните, ќе им помогне на нерешителните и ќе ги засили слабите“ (D’Aubigne, b. 7, ch. 3).

Со такво оружје биле напаѓани бранителите на вистината во сите векови. Истото тоа оружје се употребува и денеска против оние што се осмелуваат да им се противстават на јавните заблуди служејќи се со едноставното и јасно учење на Божјата реч. „Кои се тие проповедници на нови науки?“, прашуваат оние што сакаат една популарна религија. „Тие се необразовани, малобројни и од најсиромашните сталежи, а сепак, тврдат дека ја имаат вистината и дека се Божји избран народ. Тие се лаици и измамени. Колку голема е нашата црква и нејзиното влијание! Колку големи и учени има меѓу нас! Колку поголема е силата што е на наша страна!“ Овие докази имаат силно влијание врз светот, но ниту денеска не се пологични од деновите на реформаторот.

Реформацијата не завршила со Лутера, како што мислат некои. Таа мора да продолжи до крајот на историјата на светот. Дело на Лутера било да ги осветли другите со светлината со која Бог ја осветлил неговата патека; сепак, тој не ја примил сета светлина што требало да му биде откриена на светот. Од тоа време до денеска секогаш нова светлина ги осветлувала страниците на Светото писмо и секогаш се откривале нови вистини.

Говорот на легатот оставил длабок впечаток врз соборот. Лутер не бил присутен да го победи папскиот борец со јасните и уверливи вистини на Божјата реч. Мнозинството на соборот било наклонето не само да го осуди Лутера и неговата наука, туку и да го искорени кривоверството. Рим имал најдобра шанса да ја одбрани својата работа. Сè што можел да каже во своја одбрана, тоа го кажал. Но неговата привидна победа била знак на пораз. Од сега, разликата меѓу вистината и заблудата ќе биде толку појасна, колку што ќе биде поотворена нивната борба. По овој ден, никогаш веќе Рим не стоел толку сигурно како до тогаш.

Додека мнозинството членови на соборот биле готови да го предадат Лутера на одмазда на Рим, мнозина од нив го виделе и го осудувале злото што постоело во црквата, и сакале да ги искоренат злоупотребите од кои страдал германскиот народ, а кои биле предизвикани со расипаноста и со лакомството на свештениците. Легатот папството го прикажал во најубава боја. Тој миг Божјиот Дух поткренал еден член на соборот да ја прикаже вистинската слика на папската тиранија. Со благородна решителност, саксонскиот кнез, Георг, станал на тој кнежевски собор и со поразна точност ги опишал измамите и пороците на папството и нивните лоши последици. На крај рекол: „Тоа се само некои од злоупотребите што зборуваат против Рим. Отфрлиле секој срам и единствена цел им е … пари, пари, пари! Така проповедниците, кои би требало да ја проповедаат вистината, всушност зборуваат само лага, и не само да се трпат, туку и се наградуваат, зашто колку повеќе лажат, сè поголеми се нивните добивки. Од овие расипани извори течат тие валкани води. Развратот ѝ подава рака на скржавоста… За жал, свештенството создава соблазна што толку кутри души фрла во вечна пропаст. Мора да се изврши општа реформа“ (Исто, b. 7, ch. 4).

Сам Лутер не би можел да изнесе посилни и поочигледни обвинувања против папската расипаност. А фактот што говорникот бил решителен непријател на реформаторот, на неговите зборови им дал уште поголема важност.

Кога очите на членовите на соборот би биле отворени, тие во својата средина би ги виделе Божјите ангели како растураат светли зраци среде темнината на заблудите, отворајќи ги умовите и срцата за примање на Божјата вистина. Дури и врз непријателите на реформацијата влијаела силата на Бога, кој е Бог на вистината и мудроста, и така е приготвен патот за големото дело што требало да се изврши. Мартин Лутер не бил присутен, но на соборот се слушнал гласот на Некој поголем од него. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest