Хус и Јероним (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Најпосле ја прифатиле неговата молба. Јероним клекнал во присуство на своите судии, барајќи од Бога да управува со неговите мисли и зборови и да не дозволи да каже нешто противно на вистината или недостојно за својот Учител. Тој ден се исполнило над него ветувањето што им го дал Спасителот на своите први ученици: „И ќе ве одведат пред управници и цареви заради мене… Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете; бидејќи не сте вие што ќе говорите, туку Духот на вашиот Отец ќе говори во вас“ (Матеј 10,18­20).

Зборовите на Јероним предизвикале чудење и восхит дури и кај неговите непријатели. Цела година бил во мрачен затвор каде што не можел да чита, ниту нешто да види, во големи телесни маки и душевен страв, а сепак, своите докази ги изнесувал со таква јасност и сила како да имал најдобра можност за проучување. На своите слушатели им го обрнал вниманието на долгата низа свети луѓе што ги осудиле неправедни судии. Спомнувајќи ги последователно генерациите, истакнувал луѓе кои се обидувале да го подигнат народот на своето време, но биле напаѓани и осудувани, меѓутоа, подоцна биле почестени со најголема почит. Дури и Христа го осудил како злосторник еден неправеден судија.

При своето откажување Јероним ја признал праведноста на пресудата што е искажана над Хус. Каејќи се поради својата слабост, сега сведочел за невиноста и светоста на маченикот. „Јас го познавав уште од неговото детство“, рекол; „тој беше прекрасен човек, праведен и свет. Тој е осуден наспроти својата невиност… Јас исто така сум готов да умрам. Нема да отстапам пред маките што ми ги приготвуваат моите непријатели и лажните сведоци, кои еден ден ќе одговараат за своите клевети пред големиот Бог кого не може никој да го измами“ (Bonnechose, vol. 2, p. 151).

Обвинувајќи се самиот себеси за тоа што се откажал од вистината, Јероним продолжил: „Од сите гревови што сум ги сторил од моето детство, ниеден не ми е толку тежок и не ми предизвикува толку душевни страдања колку оној што го сторив на ова кобно место кога ја одобрив нечесната пресуда изречена против Виклифа и против мојот учител и пријател, светиот маченик Хус. Да! Тоа од срце го признавам и изјавувам со гроза дека нивното учење го осудив од страв пред смртта. Го молам семожниот Бог да ми ги прости моите гревови, особено овој, најподлиов од сите други.“

Покажувајќи кон судиите, рекол со решителен глас: „Вие ги осудивте Виклифа и Хуса не затоа што ја потресоа науката на црквата, туку затоа што ги жигосаа срамните дела на свештенството, нивниот раскош, нивната горделивост и сите пороци на епископите и свештениците. Но она што го тврдеа тие е непобитно, и јас мислам и изјавувам како нив.“

Неговите зборови биле прекинати. Епископите, тресејќи се од гнев, почнале да викаат: „Каков доказ ни треба? Со свои очи гледаме дека тој е најупорен еретик!“

Јероним не дозволил да го збуни овој бунт, туку продолжил: „Што! Мислите дека јас се плашам од смртта? Вие една година ме држевте во синџири во одвратна темница, пострашна од смртта; вие кон мене се однесувавте посвирепо отколку што би го сторил тоа некој Турчин, Евреин или незнабожец, и моето живо тело изгни на моите коски. Но јас не се жалам, зашто жалењето не му прилега на човек од срце и храброст; јас само ѝ се чудам на толку големата свирепост кон еден христијанин” (Исто, vol. 2, pp. 151-153).

Неговиот глас повторно го задушило негодување и Јеронима го одвеле во затворот. Сепак, меѓу слушателите имало луѓе врз кои овие зборови оставиле длабок впечаток и кои сакале да го спасат неговиот живот. Црковните великодостојници дошле во затворот и го нагрвалиле да му се покори на соборот. Му ветувале најсјајна иднина како награда ако се откаже од своето учење и од противењето кон Рим и ако ја одобри одлуката против Јан Хус. Но, како и неговиот Учител, на кого му било понудено сето богатство на овој свет, и тој останал непоколеблив, велејќи: „Ќе се откажам ако ми докажете со Светото писмо дека сум во заблуда.“

Еден од неговите иследници при тоа извикнал: „Светото писмо! Зар треба сè да се просудува според него? Кој може да го разбере Светото писмо ако не го објасни црквата?“

Што слушам? Зар повеќе треба да им се верува на преданијата на луѓето отколку на евангелието на нашиот Спасител?“, одговорил Јероним. „Павле не ги советувал оние на кои им пишувал да ги слушаат човечките преданија, туку рекол: ‘Истражувајте ги писмата.’“

„Еретиче!“ извикнал еден од присутните, погледнувајќи го гневно, „се каам што толку долго те штитев овде. Гледам дека во твоето срце е ѓаволот“ (Wylie, b. 3, ch. 10).

Јероним е осуден на смрт и одведен на истото место каде што Хус го положил својот живот. Пошол пеејќи, а неговото лице светело од радост и спокојство. Неговиот поглед бил насочен кон Христа и за него смртта го загубила својот ужас. Кога крвникот дошол зад него да го запали огнот на ломачата, маченикот извикнал: „Дојди слободно напред; запали го пред мене! Да се плашев, сега не ќе бев овде!“ (продолжува)

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest