Хус и Јероним (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Изнемоштен од болест и од затворот ­ зашто влажниот и нечист темнички воздух предизвикал треска што речиси го покосила ­ Хус најпосле бил изведен пред соборот. Врзан во синџири стоел пред царот кој се заколнал со својата чесна и света вера дека ќе го штити. За време на своето второ сослушување, реформаторот цврсто ја бранел вистината и во присуство на собраните црковни и државни великодостојници упатил свечен и сериозен протест против расипаноста на свештенството. Кога го повикале да избере дали ќе се откаже од своето учење или ќе претрпи смрт, тој избрал маченичка смрт.

Божјата милост го крепела и, во текот на тие неколку седмици на страдања што ѝ претходеле на конечнта пресуда, неговата душа ја исполнувал небесен мир. „Ова писмо го пишувам во затвор и во синџири“, му пишувал на еден свој пријател, „очекувајќи ја мојата утрешна смртна пресуда со целосна доверба дека Бог нема да ме остави и дека нема да дозволи да се откажам од неговата Реч или да ги признам грешките што злобно ми се подметнати од лажните сведоци. Кога ќе се видиме во среќната вечност, ќе дознаете со каква милост ме удостоил Бог во моите страшни искушенија“ (Jacques Lenfant, History of the Council of Constance, vol. 1, p. 516).

Во својата мрачна ќелија Хус ја предвидел победата на вистинската вера. Сонувал како се вратил во својата Витлеемска капела, каде што го проповедал евангелието, и ги видел папата и неговите бискупи како ги бришат Христовите слики што ги нацртал тој на нејзините ѕидови. „Овој сон го ожалостил, но следниот ден видел многу уметници како цртаат слики во уште поголем број и со поубави бои. Штом ја свршиле својата работа, опколени со голема маса свет, уметниците повикале: ‘Нека дојдат сега папите и епископите! Тие никогаш нема да го избришат ова!’“ Размислувајќи за својот сон, реформаторот пишувал: „Јас сметам дека навистина Христовиот лик не може никој да го избрише. Тие сакаат да го уништат, но проповедници, подобри од мене, него пак ќе го насликаат во сите срца“ (D’Aubigne, b. 1, ch. 6).

Хус за последен пат е изведен пред соборот. Тоа било големо и сјајно собрание ­ царот, државните кнезови, кралски пратеници, кардинали, епископи и свештеници и огромно мноштво народ што дошло да види што ќе се случи. Од сите страни на христијанството се собрале сведоци на оваа прва голема жртва во долгата борба со која требало да се извојува слобода на совеста.

Повикан уште еднаш да се изјасни за својата последна одлука, Хус не се откажал и, насочувајќи го својот прониклив поглед кон царот, кој својот даден збор толку срамно го погазил, изјавил: „Јас дојдов на овој собор по своја желба, под јавна заштита и на чесен збор на царот кој е присутен овде“ (Bonnechose, vol. 2, p. 84). Сите присутни го насочиле погледот кон Сигисмунда и виделе како неговото лице го покрило длабоко црвенило.

Кога била изречена смртната пресуда, почнала церемонија на деградација. Епископите својот заточеник го облекле во свештеничка облека. Земајќи ја свештеничката облека, Хус рекол: „Нашиот Господ Исус Христос бил наметнат со бела наметка во знак на понижување, кога Ирод го довел пред Пилата“ (Исто, vol. 2, p. 86).

Кога повторно го повикале да се откаже, тој, обраќајќи му се на народот, одговорил: „Со какво лице би можел да го гледам небото? Со какво око би можел да го погледнам мноштвото народ на кого му го проповедав чистото евангелие? Не! Јас мислам дека нивното спасение е поважно од моето бедно тело што е сега осудено на смрт.“ Тогаш почнале од него да соблекуваат делови од облеката и секој бискуп изговарал по едно проклетство, извршувајќи го својот дел на церемонијата. На главата му ставиле капа од хартија во вид на митра, со натпис „архиеретик“, на која биле насликани страшни ѓаволи. Хус извикнал: „Со радост ќе ја носам оваа круна заради тебе, о Исусе, кој заради мене си носел трнов венец.“

Кога го облекле така, епископите кажале: „Сега твојата душа му ја предаваме на ѓаволот.“ „А јас“, рекол Хус, подигајќи го погледот кон небото, „мојот дух го предавам во твои раце, о Исусе, кој си ме откупил“ (Wylie, b. 3, ch. 7).

Тогаш им го предале на световните власти и го одвеле на губилиште. По него одела огромна поворка вооружени војници, свештеници и раскошно облечени бискупи, кон која се придружиле жителите на Констанца. Кога го врзале за столбот на ломачата и кога сè било готово огнот да се запали, уште еднаш го повикале маченикот да го спаси својот живот, откажувајќи се од своите заблуди. Хус одговорил: „Од какви заблуди да се откажам? Не се чувствувам ниту малку виновен. Го повикувам Бога за сведок дека сè што сум го проповедал и што сум го пишувал има за цел да ги оттргне душите од гревот и пропаста; затоа, со голема радост и со својата крв ќе ги запечатам вистините што сум ги проповедал и за кои сум пишувал“ (Исто, b. 3, ch. 7). ­ Кога го обвил пламенот, почнал да пее: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!“ ­ и така продолжил сè додека неговиот глас не замолкнал засекогаш. (продолжува)

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest