Реформацијата во Франција (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Меѓу учениците на Лефевр имало неколку такви кои со голем интерес ги слушале неговите зборови и кои, кога гласот на нивниот учител одамна замолкнал, продолжиле да ја објавуваат вистината. Таков бил и Гијом Фарел. Воспитан од побожни родители, научил слепо да ѝ се покорува на науката на црквата. Тој би можел за себе да каже заедно со апостол Павле: „Јас, како фарисеј, најстрого живеев според учењето на нашата вера“ (Дела 26,5). Како ревносен католик, горел од желба да уништи секого што би ѝ се противел на црквата. „Јас чкртав со заби како бесен волк“, рекол тој подоцна, раскажувајќи за тој отсек од својот живот, „кога ќе слушнев дека некој зборува против папата“(Wylie, b. 13, ch. 2). Тој бил неуморен во своето обожавање на светците и заедно со Лефевр ги обиколувал париските цркви, клечел пред олтарите, и пред реликвиите оставал дарови. Но таа побожност не ѝ донесувала мир на неговата душа. Наспроти сите дела на побожноста и каењето, со него завладеало чувство на вина. Како глас од небото ги слушал зборовите на реформаторот: „Спасението е дар на благодатта.“ „Невиниот е осуден, а виновникот оправдан.“ „Само Христовиот крст ја отвора небесната врата и ја затвора вратата на пеколот“ (Исто, b. 13, ch. 2).

Фарел со радост ја прифатил вистината. Со преобратувањето, слично на Павловото, се вратил од ропството на традицијата во слободата на Божјите синови. „Неговото разбојничко срце на крвожеден волк било променето во срце на кротко и мирно јагне откако целосно се одделил од папата и му се предал на Исуса Христа“ (D’Aubigne, b. 12, ch. 3).

Додека Лефевр продолжил да ја шири вистината меѓу своите студенти, Фарел, кој сега бил исто толку ревносен за Христовото дело како и порано што бил ревносен приврзаник на папата, почнал да ја проповеда вистината јавно. Еден црковен великодостојник, бискупот од Мо, набргу им се придружил ним. Други учители, кои уживале висок углед поради своите способности и својата ученост, исто така се придружиле кон проповедањето на евангелието. Новата вера задобила приврзаници меѓу сите сталежи, почнувајќи од занаетчиите и селаните, па до благородниците и кнезовите. Маргарета Наварска, сестрата на Франсоа I, кој владеел тогаш, ја примила реформираната вера. Самиот крал и кралицата мајка, се чинело, извесно време биле наклонети кон новата вера, и реформаторите, полни со надеж, го очекувале времето кога Франција ќе биде придобиена за делото на евангелието.

Меѓутоа, нивните надежи не се исполниле. Христовите ученици ги чекале страшни искушенија и прогонства. Но тоа било милостиво скриено од нивните очи. Настапило едно време на мир, кога тие можеле да соберат сили за претстојната борба, и реформацијата бргу напредувала. Бискупот на Мо работел ревносно во својата бискупија, поучувајќи го како свештенството така и народот. Неуките и неморалните свештеници биле отстранети од службата и колку што било можно, заменети со образовани и побожни луѓе. Бискупот многу сакал неговиот народ сам да има пристап кон Божјата реч и таа желба набргу му се исполнила. Лефевр почнал да го преведува Новиот завет и речиси во исто време кога Лутер ја издал германската Библија во Витенберг, Новиот завет е печатен во францускиот град Мо. Бискупот не штедел ниту труд ниту средства да го рашири во сите свои парохии; и така набргу селаните од подрачјето на градот Мо имале Свето писмо.

Како патникот кој умира од жед и кој радосно го поздравува изворот на жива вода, така овие души ја примале небесната вест. Работниците на полињата, како и занаетчиите во своите работилници, ја засладувале својата работа со разговори за скапоцените вистини на Библијата. Наместо навечер да навраќаат во крчмите, се собирале во своите домови да го читаат Светото писмо, да се молат и да го слават Бога. Набргу во тие места настапила голема промена. Иако му припаѓале на најнискиот сталеж, иако тоа биле необразовани и тешки физички работници, сепак, во нивниот живот се открила силата на божествената милост што ги подига и ги преобразува човечките срца. Скромни, љубезни и свети, тие стоеле како живи сведоци за она што го прави евангелието во искрените души што ќе го прифатат.

Светлината што била запалена во Мо далеку проникнала со своите зраци. Бројот на верните постојано се зголемувал. Кралот извесно врме го зауздувал гневот на црковните водачи, зашто го мразел тесноградиот фанатизам на калуѓерите. Но папските водачи најпосле победиле. Подигната е ломача. Бискупот од Мо, присилен да бира меѓу огнот и откажувањето, го избрал полесниот пат. Но, иако водачот паднал, неговото стадо останало цврсто. Мнозина среде пламен сведочеле за вистината. Со својата храброст и верност, овие понизни Христови ученици од ломачите им зборувале на илјадници други кои во мир и благосостојба можеби никогаш не би го слушнале нивното сведоштво. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest