Разурнувањето на Ерусалим (седми дел)

(продолжува од предходниот ден) Тит бил готов да ѝ стави крај на страшната сцена и да го сочува Ерусалим од целосно уништување. Го опфатил ужас кога ги видел толпите мртви тела во долините. Одушевен со глетката на храмот што го посматрал од врвот на Маслинската гора, издал заповед да не се гиба ниту во еден негов камен. Пред да изврши напад на оваа тврдина, им упатил повик на еврејските водачи да не го присилуваат со крв да го оскверни тоа свето место. Им ветил дека ниеден римски војник нема да го оскверни храмот ако тие сами го напуштат и ако борбата ја пренесат на некое друго место. Јосиф Флавие, нивни сонародник, им упатил најречит повик да се предадат за да се спасат себеси, градот и светото место. Но, на неговите зборови одговориле со горки клетви. Со стрели го опсипале последниот човечки посредник што дошол кај нив да ги моли. Евреите ги отфрлиле повиците на Божјиот Син; и сега, сите повици и молби ги сториле уште поупорни. Решиле да се противстават до крај. Настојувањата на Тит да го сочува храмот биле напразни. Еден Поголем од него објавил дека таму нема да остане ни камен на камен.

Слепата тврдоглавост на еврејските водачи и одвратните злосторства што се случувале во опседнатиот град предизвикале кај Римјаните ужас и гнев. Најпосле Тит решил да го заземе храмот на јуриш. Заповедал, ако е можно, да не го уништат. Но не внимавале на неговите наредби. Една вечер, кога се повлекол во својот шатор, Евреите излегле од храмот и ги нападнале Римјаните. Во текот на борбата еден од војниците фрлил низ еден отвор запален факел во предворјето и веднаш салите, што го опкружувале храмот, а биле обложени со чам, вивнале во пламен. Тит побрзал на тоа место и им заповедал на легионерите да го угаснат пожарот. Но на неговите зборови не обрнувале внимание. Во својот бес војниците фрлале запалени факли во храмот и со мечеви убиле мноштво што нашло таму засолниште. Низ скалите на храмот течела крв како река. Загинале илјадници Евреи. Бојниот викот ги надвил гласовите што викале „Ишабод!“ што значи: Отиде славата!

„Тит видел дека не е можно да се заузди гневот на војниците. Влегол со своите офицери во внатрешноста на светата зграда. Нејзината убавина ги вчудовидела; и додека Светилиштето уште не го зафатил пламен, го вложил последниот напор да го спаси. Излегувајќи надвор, повторно им наредил на војниците да го запрат ширењето на пожарот. Капетанот Либералис се обидел со својата заповедничка палка да нареди послушност. Но дури ни авторитетот на императорот не можел да го запре ужасното непријателство кон Евреите, дивата возбуда предизвикана со борбата и незаситната алчност за ограбување. Војниците виделе како сè околу нив блескоти во злато кое во дивата светлина на пламенот давало убава глетка; претпоставувале дека во светињата се наоѓа непроценливо богатство. Еден од војниците незабележано фрлил запален факел во внатрешноста; за миг сè било во пламен. Заслепени од чадот и огнот, офицерите морале да се повлечат; славната зграда била препуштена на нејзината судбина.

Тоа за Римјаните била ужасна сцена, а уште повеќе за Евреите! Врвот на ритчето што доминирало над градот блескотел како вулкан. Едноподруго зградите се уривале и исчезнувале во огнената бездна. Покривите од чам биле слични на огнено море; позлатените кули светеле како огнени јазици; а од кулите над портите се издигнувале високи столбови од пламен и чад. Соседните ритчиња биле осветлени; во мракот групи луѓе со ужас го посматрале страшното ширење на пустењето. На ѕидовите и на извишените места на горниот град се тискало големо мноштво: некои бледи од страшен очај, а други намуртени од немоќ на одмазда. Извиците на римските војници и молбите на побунетите кои умирале во пламенот се мешале со фучењето на пожарот и со тресоците на гредите што се уривале. Одгласите од планините ги повторувале лелеците на народот што се наоѓал на извишувањата. Луѓето што умирале од глад ја собирале последната трошка сила да изустат крик на страв и очај.

Во внатрешноста се одигрувала уште пострашна драма. Мажи и жени, млади и стари, побунети и свештеници, оние што се бореле и оние што барале милост, без разлика, биле поклани. Бројот на убиените го надминал бројот на убијците. Легионерите морале да газат преку толпи мртви тела за да го продолжат делото на уништување” (Milman, The History of the Jews, book 16).

По разурнувањето на храмот, цел град паднал во рацете на Римјаните. Водачите на Евреите ги напуштиле неосвоивите кули и Тит ги нашол пусти. Бидејќи со чудење ги посматрал, изјавил дека сам Бог му ги предал во раце, зашто никакви воени орудија, колку и да биле силни, не би можеле да ги освојат тие тврдини. Градот и храмот биле разурнати до темел, и земјата, на која стоела светата градба, била „изорана како нива“ (Еремија 26,18). За време на опсадата и колежот загинале над еден милион луѓе. Оние што останале живи биле одведени во ропство, продавани како робови, доведени во Рим да го украсат триумфот на победниците, фрлани пред диви ѕверови во амфитеатарот или биле расеани како бездомници по сета земја. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest