Хус и Јероним (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) По извесно време возбудата во Прага стивнала и Хус се вратил во Витлеемската капела каде што продолжил да ја проповеда Божјата реч со уште поголема ревност и храброст. Неговите непријатели не го гледале рамнодушно. Тие биле силни; но кралицата, многу благородници и мнозина од народот биле на негова страна. Споредувајќи ја неговата чиста наука и неговиот свет живот со ниските догми што ги проповедале римските свештеници и со скржавоста и расипаноста во која живееле тие, мнозина сметале дека е чест да бидат со реформаторот.

Досега Хус бил сам, а од овој миг негов соработник станал Јероним, кој во Англија го примил Виклифовото учење. Тие од сега биле неразделни дури ни во смртта. Надарен со сјајни таленти, со ретка речитост и со голема ученост, Јероним го имал сè она што било потребно да се придобие наклоноста на народот; но, во доблестите од кои се состои вистинскиот карактер, Хус бил поголем од него. Неговото мирно расудување го стивнувало немирниот дух на Јеронима, кој со вистинска понизност ја признавал неговата вредност и ги прифаќал неговите совети. Со здружени напори на обајцата, реформацијата се ширела уште побргу.

Бог го расветлил умот на овие избрани луѓе, така што многу заблуди на Рим им станале јасни. Но тие не ја примиле сета светлина што требало да му се објави на светот. Преку овие свои слуги Бог го изведувал народот од мракот на римските заблуди, но внимателно, чекор по чекор, водејќи сметка за многубројните и сериозни пречки што уште требало да се пребродат. Како пладневниот сјај на сонцето што ги заслепува оние кои долго биле во темнина, така и нив би ги заслепило виделото кога би им било откриено наеднаш во целост. Затоа на овие водачи Бог им ја откривал вистината малку по малку, во онаа мера во која народот можел да ја прими. Во идните векови требало да дојдат други верни работници што ќе го водат народот понатаму на патот на реформата.

Во црквата сè уште траел раздор. Три папи се бореле за првенство и нивните борби христијанството го исполнувале со злосторство и со буни. Бидејќи биле незадоволни со фрлањето на проклетство како средство во меѓусебната борба, посегнале по световно оружје. Секој од нив настојувал да набави оружје и да собере војска, но бидејќи тоа барало големи суми пари, за таа цел продавале црковни положби, повластици и црковни благослови. Свештениците, следејќи го примерот на своите претпоставени, се служеле со симонија и со војна за да ги понижат своите соперници и да ја засилат својата власт. Хус од ден на ден сè посилно грмел против пороците што се трпеле во име на религијата, и народот отворено ги обвинувал римските водачи за причината на бедата што го преплавила христијанството.

Пак се чинело дека градот Прага се наоѓа на прагот на крвав судир. Како и порано, Божјиот слуга бил обвинет како „оној што му носи несреќа на Израел“ (1. Царевите 18,17). Врз градот пак бил фрлен интердикт и Хус повторно се повлекол во своето родно село. Дошол крај за проповедите што толку верно ги изнесувал во својата мила Витлеемска капела. Сега требало од една поголема проповедална да му зборува на целото христијанство пред да го положи својот живот како сведок на вистината.

За да се излекуваат злата што ја мачеле тогаш Европа, повикан е општ црковен собор во Констанца. Соборот, по желба на царот Сигисмунд, го свикал папата Јован XXIII, еден од тројцата сопернички папи. Свикувањето на соборот не било по волја на папата Јован, чијшто карактер, политика и приватен живот не можеле да ја издржат критиката, па макар таа да доаѓала од страна на прелатите со толку слаб морал какво што воопшто било свештенството во тоа време. Сепак, тој немал смелост да ѝ се противстави на волјата на Сигисмунда.

Главна цел на овој собор била да му стави крај на раздорот во црквата и да го искорени кривоверството. Затоа на соборот биле повикани двајцата сопернички папи и главниот пропагатор на новата вера, Јан Хус. Првите, плашејќи се за својата безбедност, не дошле на соборот лично, туку нивни пратеници. Папата Јован XXIII, иако самиот го свикал соборот, дошол во Констанца со голем страв. Наслутувал дека царот потајно приготвува план да го собори и се плашел дека ќе биде повикан да одговара за пороците со кои ја обесчестил папската тијара и за злосторствата со кои ја стекнал. Но сепак, влегол во Констанца со голема помпа, во придружба на членовите на високото свештенство и на дворската свита. Сите свештеници и градски великодостојници, со мноштво народ, излегле пред него да му посакаат добредојде. Над неговата глава четири високи службеници носеле златен балдахин. Пред него е носена хостија, а раскошната облека на кардиналите и благородниците уште повеќе го зголемувале сјајот на придружбата. (продолжува)

Божјиот непроменлив закон (прв дел)
Во светињата на светињите (четврти дел)
Во светињата на светињите (трет дел)
Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)

Pin It on Pinterest