Отфрлена опомена (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Многу протестантски цркви го следат примерот на Рим во недозволените врски со „земните цареви“. Државните цркви тоа го прават со своите односи кон световните власти, а другите верски заедници со тоа што бараат наклоност од светот. Изразот Вавилон (бркотија) со право може да се примени на тие верски заедници, од кои секоја тврди дека својата наука ја зема од Библијата, иако се безнадежно поделени на безброј секти, со остро противставени верувања и теории.

Освен недозволените врски со светот, овие заедници што се одделиле од Рим покажуваат уште и други негови особини.

Едно римокатоличко дело тврди: „Ако Римската црква е виновна за идолопоклонство затоа што почитува светци, тогаш за исто дело виновна е и нејзината ќерка, Англиканската црква, зашто има десет цркви посветени на Марија на една која му е посветена на Исуса“ (Richard Challoner, The Catholic Christian Instructed, Preface, pages 21, 22).

Д­р Хопкинс во својата „Студија за илјадагодишното царство“ вели: „Немаме причина антихристијанскиот дух и неговите обичаи да ѝ ги припишеме само на онаа црква што се вика Пимска. Протестантските цркви во себе имаат многу од она што би можело да се нарече антихристијанско, и далеку се од тоа дека потполно се реформирани од…, ослободени од расипаноста и од безбожноста” (Samuel Hopkins, Works, vol. 2, p. 328).

Зборувајќи за изделувањето на Презвитеријанската црква од Рим, д­р Гатри пишува: „Пред триста години нашата црква ја напуштила вратата на Рим со отворена Библија на своето знаме и со девиза на усните: ‘Истражувајте го Писмото!’“ Потоа тој поставува значајно прашање: „Дали таа излегла чиста од Вавилон?“ (Thomas Guthrie, The Gospel in Ezekiel, page 237).

Спурџон кажува: „Се чини дека целата Англиканска црква е целосно изедена со наука за светите тајни; додека нонкомформизмот во иста мера е изрешетен со филозофско безверие. Оние од кои очекувавме нешто подобро, еден по еден ги напуштаат темелите на верата. Наполно сум осведочен дека самото срце на Англија е заразено со погубно неверство што сè уште се осмелува да се качува на проповедална и да се нарекува христијанство.“

Што било причина за големиот отпад? Како се оддалечи ла црквата во почетокот од едноставноста на евангелието? Таа се прилагодила кон обичаите на многубошците за да им го олесни прифаќањето на христијанството. Апостол Павле уште во тоа време изјавил: „Веќе дејствува тајната на беззаконието…“ (2. Солуњаните 2,7). Додека биле живи апостолите, црквата била сразмерно чиста. Но „кон крајот на вториот век, повеќето цркви примиле нов облик. Исчезнала поранешната едноставност. Кога изумреле старите ученици, незабележано дошле нивните деца и новообратени… ја презеле власта и го преобликувале делото“ (Robert Robinson, Ecclesiastical Researches, ch. 6, par. 17, p. 51). За да придобијат приврзаници, ги снижиле возвишените начела на христијанската вера, а како последица на тоа настапила „незнабожечка поплава која навлегла во црквата и со себе ги донела своите обичаи, церемонии и идоли“ (Gavazzi, Lectures, page 278).

Кога христијанството си обезбедило наклоност и потпора од световните владетели, маса многубошци се преобратиле; но, иако на изглед станале христијани, мнозина „всушност останале многубошци, почитувајќи ги потајно своите идоли“ (Исто, page 278).

Зар истиот процес не се повторувал речиси во секоја црква што се вика протестантска? Кога умреле нејзините основачи, кои биле проникнати со вистински дух на реформа, дошле нивните наследници и сè добило нов изглед. Држејќи се слепо за верувањето на своите татковци и одбивајќи да прифатат која било нова вистина надвор од реформацијата, следбениците на реформаторите отишле далеку од примерот на предците во понизноста, во самопрегорот и во самооткажувањето од светот. Така „исчезнала првата едноставност“. Црквата ја поплавил световен бран кој „со себе ги донел своите обичаи, церемонии и идоли“.

Сега меѓу Христовите следбеници се негувало она пријателство со светот што е „непријателство спрема Бога“. Колку многу големите цркви во христијанскиот свет се оддалечиле од библиската понизност, од самооткажувањето, од едноставноста и побожноста! Зборувајќи за вистинската употреба на парите, Џон Весли рекол: „Не трошете ниту малку од тој толку драгоцен дар за да ја задоволите желбата за излишна и скапоцена облека или за непотребно украсување, за вештачка декорација на вашите домови, за излишна и скапоцена покуќнина или за скапоцени слики и украси од злато… Не трошете ништо на суетниот живот за да предизвикате восхит и да го привлечете вниманието на луѓето… Додека ти е добро, луѓето за тебе ќе зборуваат добро. Додека се облекуваш во пурпур и во скапоцена облека и живееш секој ден во изобилство, без сомнение, мнозина ќе го воспеваат твојот вкус, твојата дарежливост и твоето гостопримство, но немој да ја плаќаш толку скапо нивната наклоност; подобро е да се задоволиш со честа што доаѓа од Бога“ (Wesley, Works, Sermon 50, “The Use of Money”). Меѓутоа, денеска во многу цркви овој совет е занемарен.

Да се припаѓа на една вероисповед во светот станало нешто вообичаено. Владетелите, политичарите, правниците, лекарите, трговците сите стануваат верници на некоја црква за општеството повеќе да ги почитува и да има доверба во нив и да бидат поуспешни во своите работи. Така тие се обидуваат своите неправедни работи да ги покријат со плашт на христијанската вероисповед. Разни верски заедници, засилени со богатството и со влијанието на овие покрстени световни луѓе, можеле уште повеќе да стекнат популарност и поголем број покровители. Во најубавите улици подигнати се величествени цркви, раскошно украсени. Верниците што доаѓаат на богослуженијата се облекуваат според модата и во скапоцени облеки. На надарените проповедници им се дава голема плата да го забавуваат и да го привлекуваат народот. Нивните проповеди не смеат да ги жигосаат народните гревови туку мораат да бидат мили за нивните уши и убаво да звучат. Така во црковните книги се запишувани угледни грешници, а фините гревови прикажувани со наметка на побожност. (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest