Утрински предвесници (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Овие знаци се покажале пред почетокот на деветнаесеттиот век. Во 1755 година по Христа, се случил најстрашниот земјотрес кој кога и да е е забележан. Иако е познат како потрес во Лисабон, тој се почувствувал во голем дел на Европа, во Африка и Америка. Се почувствувал на Гренланд, на Антилите, на островот Мадера, во Норвешка, во Шведска, во Велика Британија и во Ирска. Опфатил површина поголема од шест милиони квадратни километри. Во Африка потресот се почувствувал речиси исто толку силно како во Европа. Голем дел на Алжир бил разурнат; а недалеку од Мароко било уништено едно гратче што броело осум до десет илјади жители. Преку бреговите на Шпанија и Африка се урнал огромен бран, проголтувајќи цели градови и предизвикувајќи голем пустош.

Во Шпанија и во Португалија потресот бил најсилен. Се тврди дека во Кадиз подигнатиот бран достигнал височина од осумнаесет метри. „Некои од највисоките планини на Португалија се потресле речиси до темел; на некои од нив се отвориле врвовите и потоа на чуден начин се распукале и се парчосале, при што огромни карпи се фрлени во соседните долини. Се зборува дека од тие планини избивале и пламени јазици“(Sir Charles Lyell, Principles of Geology, page 495)

Во Лисабон „прво се слушнал подземен татнеж и веднаш потоа силен удар го урнал поголемиот дел од градот. За шест минути загинале шеесет илјади луѓе. Морето бргу се повлекло, оставајќи зад себе сув песочен брег, а потоа се вратило и се подигнало преку петнаесет метри над својата обична височина“. „Покрај другите необични настани што се случиле во Лисабон за време на катастрофата, се спомнува исчезнувањето на новиот кеј, изграден со огромен трошок од чист мермер. Големо мноштво се собрало на овој кеј, како сигурно место, за да бидат надвор од урнатините што паѓале; но одненадеж кејот потонал со сите луѓе и ниедно мртво тело не испливало на површината“ (Исто, page 495).

„Ударот на потресот предизвикал уривање на сите цркви и манастири, на поголемите јавни згради, како и на повеќе од една четвртина од приватните куќи. Околу два часа по потресот, во разни делови на градот избувнал пожар кој речиси три дена беснеел со таква жестокост, што градот бил целосно опустен. Земјотресот се случил на денот на еден празник, кога црквите и манастирите биле полни со народ; и мошне малку луѓе се спасиле“ (Encyclopedia Americana, art. “Lisbon”, note, ed. 1831).

„Стравот на народот бил неопишан. Никој не плачел; несреќата ги задушила солзите. Луѓето трчале насекаде, избезумени од страв и ужас, удирајќи се в лице и в гради, викајќи: ‘Милост! Милост! Дојде крајот на светот!’ Мајките ги заборавиле своите деца и трчале низ улиците со распетие во рацете. За несреќа, многу од нив барале засолниште во црквите; но попусто на олтарот била изложена хостија; напразно несреќните луѓе ги прегрнувале олтарите; светите слики, свештениците и народот заедно се закопани под урнатините.“ Се смета дека во тој кобен ден загинале околу деведесет илјади луѓе.

По дваесет и пет години се појавил друг знак спомнат во пророштвото затемнување на сонцето и месечината… Овој знак бил впечатлив по тоа што времето на неговото појавување било појасно одредено. Во својот разговор со учениците на Маслинската гора, откако го опишал долгото време на неволја за верните илјада двесте и шеесет години на папската превласт, за кое кажал дека ќе биде скратено Спасителот спомнува некои настани што ќе му претходат на неговото доаѓање и го одредува времето кога ќе се појави првиот од тие знаци: „Во тие дни, по тие неволји, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина“ (Марко 13,24). Спомнатите илјада двесте и шеесет дни или години завршуваат во 1798 година. Околу четврт век порано прогонствата речиси сосем престанале. По прогонствата, според Христовите зборови, сонцето треба да се затемни. Ова пророштво се исполнило на 19 мај 1780 година.

„Речиси осамен меѓу феномените од овој вид стои таинствениот и до денеска неразјаснет мрачен ден 19 мај 1780 година не разјаснетото затемнување на целото видливо небо и на атмосферата во Нова Англија“ (R. M. Devens, Our First Century, page 89).

Еден очевидец, кој се наоѓал во државата Масачусетс, тој настан го опишува на следниот начин:

„Сонцето изутрината излезе сјајно, но набргу почна да го губи сјајот. Се појавија густи облаци, испресечени со молњи; Се слушна грмеж и почна да паѓа ситен дожд. Околу девет часот облаците станаа посветли и добија бакарен изглед; и земјата, карпите, дрвјата, зградите, водата и луѓето, изгледаа сосем поинаку при таа чудна таинствена светлина. Неколку минути подоцна целиот небесен свод, освен тесни пукнатини на хоризонтот, го покри тежок, црн облак; темнината стана толку густа, како што е обично околу девет часот навечер преку лето…

Постепено луѓето ги обземаше страв и ужас. Жените стоеја пред вратите посматрајќи го мрачниот предел; луѓето се враќаа од полските работи; дрводелецот го оставаше алатот, ковачот ја напушташе ковачницата, а трговецот својата работна маса. Училиштата се распуштаа, децата тресејќи се бегаа дома. Патниците се засолнуваа во првите куќи на кои наидуваа на патот. ‘Што ќе се случи?’ Тоа прашање беше присутно на сите усни и ги тиштеше сите срца. Се чинеше како да ќе избие луња, или како да дошол крајот на сè. (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest