Ера на духовна темнина (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Единствен начин за сатаната да ја воспостави својата власт над луѓето и да ја зацврсти папската власт е да го држи светот во незнање во врска со Светото писмо. Библијата го издигнува Бога и на човекот му го одредува неговото вистинско место; затоа неговите свети вистини требало да останат скриени и забранети. Таа тактика ја прифатила Римската црква. Стотици години ширењето на Библијата било забрането. На народот не му било дозволено да ја чита или да ја има во своите домови; несовесните свештеници и епископи ја толкувале на начин што го поддржувал нивното учење. Така се создадени услови папата да биде општо признат како Божји намесник на земјата, кој има власт над црквата и над државата.

Бидејќи е отстранета Книгата што ги открива заблудите, сатаната можел да работи што сака. Пророштвото објавило дека папството ќе настојува да „ги промени времињата и законот“ (Даниел 7,25). Тоа не се колебало да го почне преткажаното дело. За да им се даде на преобратените од незнабоштво замена за обожавањето на идолите за полесно да го прифатат христијанството, во црквата постепено се воведувал култот на слики и реликвии. Со декрет на еден општ црковен собор (види: Додаток) конечно е озаконет овој систем на идолопоклонство. За да го доврши богохулното дело, Рим се осмелил од Божјиот закон да ја избрише втората заповед која забранува обожавање на идоли, а за да остане бројот на заповедите неизменет, ја поделил десеттата заповед, правејќи од неа две.

Духот на компромис со незнабоштвото го отворил патот за натамошно презирање на небесната власт. Служејќи се со непосветените водачи на црквата, сатаната својата стрела ја насочил против четвртата заповед; се обидел да ја отстрани старата сабота, денот што го благословил и што го посветил Бог (1. Мојсеева 2,2.3), и на нејзино место да го издигне празникот што го празнувале незнабошците како „чесен ден на сонцето“. Од почеток таа промена се обиделе да ја изведат тајно. Во првите векови сите христијани ја празнувале вистинската сабота. Ревнувале за Божјата чест, зашто биле уверени во непроменливоста на неговиот закон и љубоморно внимавале на неговите свети начела. Но, за да ја постигне својата цел, сатаната лукаво работел преку своите орудија. За да се насочи вниманието на народот кон неделата, таа е прогласена за празник во чест на Христовото воскресение. Во тој ден се одржувала верска служба, но сепак, тој се сметал само како ден за разонода, а саботата сè уште се сметала за света.

За да го приготви патот за делото што планирал да го изврши, сатаната уште пред Христа Евреите ги навел саботата да ја оптоварат со мошне строги прописи, така што нејзиното празнување станало товар. Користејќи ја лажната светлина во која сега ја прикажувал саботата, сторил неа да ја презираат како еврејска уредба. Додека христијаните продолжиле да ја слават неделата како ден на радост и додека настојувале да покажат омраза кон сè што е еврејско, сатаната ги навел од саботата да направат ден на пост, на тага и жалост.

Во почетокот на четвртиот век царот Константин издал декрет со кој неделата ја прогласил за општ празник на целото Римско царство (види: Додаток). Денот на сонцето го почитувале незнабожечките приврзаници, а го славеле и христијаните; со тоа царот имал намера да ги соедини спротивните интереси на незнабоштвото и христијанството. На тоа го наговориле епископите на црквата кои, проникнати со амбиција и со желба за власт, увиделе дека, ако христијаните и незнабошците празнуваат ист ден, тоа ќе ги наведе незнабошците формално да го прифатат христијанството, што ќе ја зголеми силата и славата на црквата. Иако многу побожни христијани почнале постепено да ја почитуваат неделата во извесна мера како свет ден, сепак, сè уште ја празнувале вистинската сабота како „свет Господен ден“ и ја славеле според четвртата заповед.

Големиот измамник не го довршил своето дело. Решил да го собере христијанскиот свет под свое знаме и својата власт да ја оствари преку својот претставник, горделивиот понтифекс, кој тврдел дека е Христов намесник. Тој оваа своја намера ја спровел преку полуобратените незнабошци, преку честољубивите епископи и свештеници кои биле световно ориентирани. Повремено се одржувани големи собори на кои присуствувале црковни великодостојници од цел свет. Речиси на секој од овие собори саботата, што ја воспоставил Бог, сè повеќе била потиснувана, а за сметка на тоа сè повеќе била издигнувана неделата. Најпосле незнабожечкиот празник почнал да се почитува како божествена установа, додека библиската сабота е прогласена за остаток на еврејството, а нејзините почитувачи за проклети. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest