Побожни патници (прв дел)

Англиските реформатори, иако се откажале од науката на Рим, сепак, задржале многу нејзини облици. Англиканската црква ги отфрлила авторитетот и религијата на Рим, но во своето богослужение сочувала многу негови облици и церемонии. Се тврдело дека тие прашања не се прашања на совеста, зашто не се пропишани со Светото писмо, па според тоа, не се суштествени; и бидејќи не се забранети, се сметало дека не се ниту штетни. Се нагласувало дека тие церемонии се сочувани за да се намали понорот што ги дели реформираните цркви од Рим како и со тоа да се олесни прифаќањето на протестантската вера од страна на приврзаниците на Рим.

За конзервативците и за оние што биле за попуштање, овие докази изгледале логични. Но постоеле и други, наречени пуританци, кои не мислеле така. Фактот што овие обичаи „имале за цел да го премостат понорот меѓу Рим и реформацијата“ (Martyn, volume 5, page 22) за нив била доволна причина да не ги прифатат. Во нив гледале знак на ропството од кое се ослободиле и во кое во никој случај не сакале да се вратат. Тврделе дека Бог во својата Реч ги одредил правилата што се неопходни за богослужението, и дека луѓето не можат по своја волја нешто да додаваат или да одземаат. Почетокот на големиот отпад се состоел токму во тоа што се настојувало Божјиот авторитет да се замени со авторитетот на црквата. Рим почнал да го наредува она што Бог не го забранил, а најпосле го забранувал она што Бог изрично го наредувал.

Мнозина сериозно сакале да се вратат на чистотата и едноставноста на првата христијанска црква. Тие во многу обичаи на Англиканската црква виделе остатоци од идолопоклонството и не можеле со чиста совест да присуствуваат на нејзиното богослужение. Црквата пак, од своја страна, поддржувана од државниот авторитет, не дазволувала никакво отстапување од нејзините форми. Законот барал посетување на богослуженијата, а недозволените верски состаноци биле забранети под закана на казна затвор, прогонство и смрт.

Во почетокот на седумнаесеттиот век, кралот, кој што туку седнал на англискиот престол, изјавил дека ќе ги присили пуританците да „се покорат или ќе бидат протерани од земјата, а можеби ќе ги стигне и поголемо зло“ (George Bancroft, History of the United States of America, pt. 1, ch. 12, par. 6) Гонети, протерани, затворани, не гледајќи дека нешто подобро ги чека во иднина, мнозина се увериле дека „Англија не е повеќе место за живеење за оние што сакаат да му служат на Бога според својата совест“(J. G. Palfrey, History of New England, ch. 3, par. 43) Некои решиле да побараат прибежиште во Холандија. Тие доживеале големи тешкотии и материјални загуби, биле предавани во рацете на непријателите и затворани, но нивната цврста истрајност била крунисана со успех, и тие најпосле нашле засолниште на бреговите на пријателската холандска република.

При своето бегство ги оставиле своите куќи, своите имоти и сите средства за живот. Како странци во туѓа земја, среде народ со друг јазик и други обичаи, биле присилени да бараат нови занимања за да го заработат својот леб. Луѓе со зрела возраст, кои својот живот го поминале во обработување на земја, биле присилени да учат некој занает. Но тие новата положба ја примиле без мрморење, не губејќи го времето како денгубници или незадоволници. Иако често поднесувале сиромаштво, сепак, му благодареле на Бога за благословите што уште им ги давал и се радувале во својата духовна заедница со Бога. „Знаеле дека се патници и не се вознемирувале поради тоа, туку очите ги издигнувале кон небото, кон својата најмила татковина, и со тоа се тешеле“(Bancroft, pt. 1, ch. 12, par. 15).

Прогонството и тешкотиите ја засилиле нивната љубов и вера. Се надевале во Божјите ветувања и Тој не ги разочарал во вре­мето кога имале потреба. Неговите ангели биле крај нив да ги храбрат и да им помагаат. А кога Божјата рака им ја покажала земјата преку море, каде што можеле да основат своја држава и на своите деца да им остават драгоцено наследство на религиозна слобода, пошле напред без двоумење по патеката на Провидението.

Бог дозволил неговиот народ да помине низ искушенија за да го приготви за исполнување на своите намери на милоста кон нив. Црквата била понижена за потоа да може да биде издигната. Бог бил готов да ѝ ја открие својата сила за на светот да му даде нов доказ дека нема да ги напушти оние што се надеваат во него. Тој настаните ги водел така што гневот на сатаната и нападите на грешните луѓе ја издигнале неговата чест, а неговиот народ го довеле на сигурно место. Прогонствата и изгнанствата го отворале патот на слободата. (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest