Лутер пред државниот собор (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Сепак, царот изјавил дека гарантното писмо што му го дал на Лутера мора да се почитува, и пред да се преземат против него мерки, мора да му се дозволи здрав и жив да се врати дома.

Меѓу членовите на соборот се појавиле две спротивни мислења. Претставниците на папата барале да не се почитува гарантното писмо на реформаторот. Кажале дека „Рајна би требало да го прими неговиот пепел како пред сто години што го примила пепелот на Хус“ (Исто, b. 7, ch. 9).

Но германските кнезови, иако самите биле истомисленици на папата и отворени непријатели на Лутера, се изјасниле против таквото газење на дадениот збор, што би било срамно петно за честа на нацијата. Потсетиле на несреќите што дошле по смртта на Хус, изјавувајќи дека не би се осмелиле да навлечат врз Германија и врз нејзиниот млад цар нови несреќи.

Сам Карло V одговорил на подлиот предлог, кажувајќи: „Кога честа и верата би биле протерани од цел свет, тие би требало да најдат прибежиште во срцата на кнезовите“ (Исто, b. 7, ch. 9).

Најогорчените непријатели на реформаторот вршеле притисок врз царот да постапи со него како што постапил царот Сигисмунд со Хус, да ѝ го предаде на милост и немилост на црквата. Спомнувајќи си за Хуса како на соборот ги покажувал окованите раце и јавно го осудувал царот поради газењето на дадениот збор, Карло V изјавил: „Не би сакал да црвенеам од срам како Сигисмунд“ (Lenfant, vol. 1, p. 422).

Меѓутоа, Карло свесно ја отфрлил вистината што ја застапувал Лутер. Царот зборувал: „Цврсто сум решил да одам по стапките на моите предци“(D’Aubigne, b. 7, ch. 9).

Решил да не скршне од патеката на обичаите, па дури ниту поради правдата и вистината. Сакал како неговите татковци да го поддржи папството со сите негови злосторства и злоупотреби. Заземајќи таков став, одбил да го прифати виделото што не го прифатиле ниту неговите татковци и да ги изврши должностите што не ги исполниле ниту тие.

И денеска има многу такви кои се придржуваат кон обичаите и преданијата на своите татковци. Кога Бог ќе им прати нова светлина, одбиваат да ја прифатат, зашто не ја прифатиле ниту нивните татковци, бидејќи не им била позната. Ние не живееме во времето на нашите татковци, затоа и нашите должности и одговорности не се исти. Бог нема да нè пофали ако, наместо да ја истражуваме Речта на вистината, го следиме примерот на нашите татковци за да ги одредуваме нашите должности. Нашата одговорност е поголема од одговорноста на нашите предци. Ние сме одговорни за светлината што ја примиле тие и што ни ја предале во наследство, но и за новата светлина што сега свети за нас од Божјата реч.

Исус рекол за неверните Евреи: „Да не дојдов и да не им зборував, немаше да имаат грев; но сега немаат изговор за својот грев“ (Јован 15,22). Истата божествена сила им зборувала преку Лутера на царот и на германските кнезови. Кога светлината засветила од Божјата реч, Господовиот Дух за последен пат повикувал многу членови на соборот. Како и Пилат пред многу години што им дозволил на горделивоста и честољубието да го затворат неговото срце за зборовите на Спасителот на светот; како плашливиот Феликс што го замолил весникот на вистината: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, пак ќе те повикам“; како горделивиот Агрипа што признал: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Делата на апостолите 24,25; 26,28), а сепак ја отфрлил веста пратена од небото ­ така и Карло V решил да ја отфрли светлината на вистината, проникнат со световна горделивост и мислејќи дека тоа му го налага државничката мудрост.

Гласовите за плановите против Лутера бргу се рашириле и предизвикале голема возбуда во градот. Реформаторот стекнал многу пријатели кои, познавајќи ја вероломната свирепост на Рим кон сите кои би се осмелиле да ја откријат неговата расипаност, решиле да го штитат, да не дозволат тој да падне како негова жртва. Стотици благородници се обврзале да го заштитат. Мнозина царската одлука ја жигосале како знак на слабост на царската власт и на неговото потчинување на Рим. На вратите на домовите и на јавните места се појавиле плакати; едни го бранеле, а други го осудувале Лутера. На еден од нив биле напишани зборовите: „Тешко тебе, земјо, кога царот ти е дете“ (Проповедник 10,16). Општото одушевување во цела Германија ги уверило царот и државниот собор дека секоја неправда сторена против Лутера би го изложила на опасност мирот на царството а и сигурноста на самиот престол.

Фридрих Саксонски покажал мудра воздржаност, прикривајќи ги внимателно своите вистински чувства кон реформаторот, но во исто време со неуморно внимание следел секој негов чекор и секој чекор на неговите непријатели. Мнозина не ја криеле својата наклоност кон Лутера. Го посетувале кнезови, грофови и други влијателни личности од световниот и духовниот сталеж. Спалатин пишува: „Малечката соба на реформаторот не можеше да ги прими сите што сакаа да го видат“ (Martyn, vol. 1, p. 404). (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest