Отфрлена опомена (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Зборувајќи за сегашниот однос на американските христијани кон светот, еден познат весник пишува: „Црквата неусетно го прифатила духот на времето и своите богослуженија ги прилагодила кон современите барања.“ „Навистина, црквата сега употребува како свое орудие сè што може верата да ја стори привлечна.“ Еден писател во њујоршкиот лист „Индепендет“ за денешниот методизам го пишува следното: „Сè повеќе се губи границата што ги разделува побожните од безбожните, а ревните луѓе од обете страни се трудат наполно да ја отстранат разликата меѓу начинот на нивното постапување и на нивните забави… Популарноста на религијата придонела многу да се зголеми бројот на оние што сакаат да ги уживаат нејзините благослови, но често не ги исполнуваат своите должности.“

Хауард Крозби вели: „Многу нè загрижува тоа што христијанската црква толку малку ги исполнува Господовите намери. Како некогаш Евреите што се одвратиле од Бога поради пријателските врски со идолопоклониците, така и денешната Христова црква го напушта вистинскиот, божествениот живот, поради недозволените врски со неверниот свет“ (The Healthy Christian: An Appeal to the Church, pages 141, 142).

Во оваа поплава на световно влијание и желба за уживање речиси сосем се загубило самооткажувањето и самопожртвувањето заради Христа. „Некои луѓе, кои сега работат во нашите цркви, како деца биле поучувани да се жртвуваат за да бидат способни нешто да дадат и да сторат за Христа. Но сега, во случај да нема средства, од никого не се бара нешто да даде. О не! Приредете хазард, лотарија, шеговита вечер, банкет, или што било, само народот да се забавува.“

Гувернерот на Винсконсин, Вашберн, во својот годишен проглас на 9 јануари 1873 г. изјавил: „Се чини дека се неопходни закони за да се укинат училиштата што создаваат коцкари. Тие се наоѓаат насекаде. Дури и црквата (без сомнение несвесно) понекогаш го врши ова сатанско дело. Се приредуваат приредби со подароци, со доброволни лотарии и со разни извлекувања, често во религиозни и добротворни цели, но мошне малку корисни. Лотаријата, пакетите и сл., ја постигнуваат целта да се дојде до пари, а да не се даде против вредност. Ништо не е толку опасно за моралот и толку отровно, особено за младината, отколку да се стекнуваат пари и имот без труд. Кога угледни лица се занимаваат со лотарија, а нивната совест се умирува со тоа што тие пари одат во добротворни цели, тогаш не треба да се чудиме што младината се оддава на навики кои толку лесно се предизвикуваат со возбудливото играње на лотарија.“

Сите христијански цркви се проникнати со дух на прилагодување кон светот. Роберт Еткинс, во едно предавање одржано во Лондон, ја прикажал темната слика на духовното опаѓање што се забележува во Англија. Тој рекол: „Сè помалку има вистински праведници на земјата, а на тоа никој не обрнува внимание. Денешните приврзаници на религијата во секоја црква го љубат светот, се однесуваат световно, сакаат лична удобност и се стремат кон углед. Тие се повикани да трпат за Христа, но се плашат од секој прекор. Отпад, отпад, отпад ­ напишано е на челото на секоја црква. Кога тие би го знаеле тоа и кога би можеле да го чувствуваат, уште би имало надеж; но, олеле! Тие велат: ‘Богати сме и се збогативме и не чувствуваме никаков недостиг!“ (Second Advent Library, tract No. 39).

Голем грев што го товари Вавилон е тоа што „со отровното вино на својот блуд ги напои сите народи“. Овој отровен пехар, што му го нуди тој на светот, ја претставува лажната наука што ја примила црквата како последица на својата недозволена врска со земните големци. Пријателството со светот ја расипало нејзината вера и таа врши штетно влијание врз светот, ширејќи науки што се противни на јасното учење на Светото писмо.

Рим на народот му ја одзел Библијата и од секого барал да ја прими неговата наука наместо науката на Светото писмо. Задача на реформацијата била на човештвото да му ја врати Божјата реч. Но, зар не е вистина дека црквите на нашето време проповедаат човекот својата вера мора да ја засновува повеќе на вероисповедта и на догмите на својата црква отколку на Светото писмо? Карло Бичер ни вели за протестантските цркви: „Тие се плашат од секој остар збор против нивната вероисповед со иста чувствителност што ја покажувале и светите отци поради острите зборови против почитувањето на светците и мачениците што тие ги поддржувале… Протестантските евангелистички заедници така си ги врзале рацете една на друга, а и самите себеси, што кај нив никој не може да биде проповедник а да не прифати и по некоја друга книга освен Библијата… Нема претерување кога ќе се каже дека застапниците на догмите во протестантските редови почнуваат да ја забрануваат Библијата како што го правел тоа Рим, само на многу полукав начин“ (Sermon on “The Bible a Sufficient Creed,” delivered at Fort Wayne, Indiana, Feb. 22, 1846). (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest