Еден американски реформатор (десетти дел)

(продолжува од претходниот ден) Веста за Христовото доаѓање и денеска би требало да биде причина за голема радост како што била и тогаш кога ангелите им ја објавиле на витлеемските пастири. Оние што навистина го сакаат Спасителот, можат само со радост да ја поздрават оваа вест заснована на Божјата реч дека Оној, кој е центар на нивната надеж во вечен живот, пак ќе дојде не да биде презрен и отфрлен како при своето прво доаѓање, туку во сила и слава, да го избави својот народ. Оние што не го сакаа Спасителот, не сакаа Тој да дојде; и не можеше да има појасен доказ дека црквите отпаднаа од Бога како резултат на огорченоста и непријателството што ги предизвика кај нив оваа небесна вест.

Оние што ја прифатија веста за второто Христово доаѓање сфатија дека е неопходно да се покаат и да се понизат пред Бога. Мнозина долго се колебаа меѓу Христа и светот, но сега почувствуваа дека дошло време да заземат цврст став. „Сè што се однесуваше на вечноста, за нив доби необична важност. Небото им се приближи и тие се чувствуваа виновни пред Бога“(Bliss, page 146). Христијаните се разбудија на нов духовен живот. Сфатија дека времето е кратко и дека треба што побргу да го прават она што се должни да го прават за своите ближни. Земните планови ги напуштија и се чинеше дека пред нив се отвори вечноста; она што се однесуваше на вечното блаженство или на вечната смрт, ги потисна сите прашања со поминлива вредност. Врз нив почиваше Божјиот Дух кој му даваше посебна сила на сериозниот повик што им го упатуваа на браќата и на грешниците да се приготват за Божјиот ден. Тивкото сведоштво на нивниот секојдневен живот беше постојан укор за навидум побожните и непосветени верници на црквата кои сакаа да не бидат попречувани во своите забави и задоволства, во потрагата по стекнување на пари и во стремежот за светски почести. Оттаму потекна непријателството и отпорот против вистината за повторното Христово доаѓање и против нејзините весници.

Бидејќи увидоа дека доказите што се основани на пророчките временски отсеци не можат да се урнат, противниците на своите приврзаници им советуваа да отстапат од проучувањето на овој предмет, тврдејќи дека пророштвата се запечатени. Така протестантите појдоа по стапките на римокатолиците. Додека папската црква им забранувала на верниците да ја читаат Библијата, протестантската црква тврдеше дека важниот дел на Светото писмо, и тоа оној кој посебно ни ги открива вистините за нашето време, не може да се разбере.

Проповедниците и народот изјавуваа дека пророштвата на Даниел и Откровението се несфатливи тајни. Но сам Христос своите ученици ги упатил на Книгата на пророкот Даниел во врска со настаните што требало да се случат во нивните денови и рекол: „Оној што чита нека се труди да разбере!“ А тврдењето дека Откровението е тајна што не може да се разбере го негира и самиот наслов „Откровение на Исуса Христа, кое му го даде нему Бог, за да им ги покаже на своите слуги настаните што треба наскоро да се случат… Блазе на оној што чита и на оние што ги слушаат зборовите на пророштвото и држат што е напишано во него, зашто времето е близу“ (Откровение 1,1­3).

Пророкот рекол: „Блазе на оној што чита“; има многу такви кои не сакаат да го читаат тоа пророштво; ним не им е ветен благословот. „И на оние што слушаат“; има такви кои не сакаат да ги слушаат пророштвата; благословот не им е ветен ниту ним. „И држат што е напишано во него“; мнозинството не обрнува внимание на опомените и советите од Откровението; ниеден од нив нема право на ветениот благослов. Сите што ги презираат пророштвата и што ги исмеваат свечените симболи дадени во нив, сите што одбиваат да се обратат и да се приготват за Христовото доаѓање, ќе останат без божествениот благослов.

Како се осмелуваат луѓето пред сведоштвото на божественото вдахновение да тврдат дека Откровението е тајна што човечкиот ум не може да ја долови? Тоа е откриена тајна; тоа е и отворена книга. Проучувањето на Откровението мислите ги упатува на пророштвата на Даниел. И во едната и во другата пророчка книга Бог на своите деца им дава важни поуки во врска со настаните што ќе се одиграат при крајот на историјата на овој свет.

На Јована му се откриени далечните и возбудливи сцени од животот на црквата. Во таа книга апостолот ја опишува состојбата, опасностите, борбите и конечното ослободување на Божјиот на род. Тука е забележана веста што ќе го забрза узревањето на земната жетва. Тука тој ги посматра верните како снопови за небесните амбари, а Христовите непријатели како снопови врзани за огнот на уништување. Откриени му се мошне важни факти особено за последната црква, дека оние што ќе се обратат од заблудата кон вистината ќе можат да знаат какви опасности и борби ги чекаат. Никој не треба да остане во темнина во врска со идните настани.

Тогаш зошто тоа сеопшто незнаење за еден толку важен дел на Писмото? Од каде тоа сеопшто одвраќање тоа силно настојување да не се проучува тој дел? ­ Тоа е последица на еден добро осмислен план на кнезот на темнината да им го скрие на луѓето она што им ги открива неговите лаги и измами. Од таа причина, Христос, авторот на Откровението, кој ја предвидел борбата што ќе се води против проучување то на таа книга (Откровението), изговорил благослов за сите што ја „читаат, што слушаат и ги пазат зборовите на пророштвото“.

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest