Подоцнежни англиски реформатори (прв дел)

Додека Лутер ја преведувал Библијата на германски јазик, Тиндал бил поттикнат со Божјиот Дух истото тоа да го стори за Англија. Библијата на Виклифа била преведена од латински текст кој содржел многу грешки. Овој превод никогаш не е печатен, а трошоците за препишаните примероци биле толку големи што само неколкумина богати луѓе или благородници можеле да ги набават; покрај тоа, Библијата од страна на црквата била строго забранета и тоа придонело таа да биде слабо распространета. Во 1516 година, една година пред појавувањето на тезите на Лутера, Еразмо го издал своето грчко и латинско издание на Новиот завет. Сега првпат Божјата реч била печатена на изворниот јазик. Во тоа издание многу грешки на поранешниот превод биле поправени, а смислата појасно изразена. Ова издание на многу образовани луѓе им овозможило подобро да ги запознаат вистините и ѝ дало нов поттик на реформацијата. Но огромно мнозинство на народот уште немало Библија. Тиндал бил тој кој го довршил делото на Виклифа; тој на своите земјаци им ја дал Библијата на народен јазик.

Трудољубив студент, ревносен истражувач на вистината, тој го примил евангелието со помош на Новиот завет на Еразмо. Проповедајќи го храбро своето уверување, тој изјавувал дека секоја наука треба да се испитува со помош на Светото писмо. На тврдењата на папистите дека Библијата ја дала црквата и дека единствено таа има право да ја толкува, Тиндал одговорил: „Знаете ли кој го научил орелот да го најде својот плен? ­ Добро, истиот Бог ги учи своите гладни деца во неговата Реч да го најдат својот Татко. Далеку од тоа вие да сте ни го дале Светото писмо; вие сте ни го скриле; вие ги спалувате оние што го проповедаат; и вие, кога би можеле, би го спалиле и самото Свето писмо“ (D’Aubigne, History of the Reformation of the Sixteenth Century, b. 18, ch. 4).

Проповедањето на Тиндал предизвикало голем интерес; мнозина ја примиле вистината, но свештениците биле претпазливи; штом би напуштил едно поле на работа, веќе биле тука со свои закани и со извртување на неговата наука да го уништат плодот на неговиот труд. Често во тоа и успевале. „Што да правам?“, извикнал. „Додека јас сеам на едно место, непријателот го пусти полето кое штотуку сум го напуштил. Јас не можам истовремено да бидам насекаде. О кога христијаните би го имале Светото писмо на својот мајчин јазик, тогаш сами би можеле да им се противстават на овие лажливци. Без Библијата не е можно народот да се утврди во вистината“ (Исто, b. 18, ch. 4).

Во неговите мисли почнала да созрева нова одлука. Си рекол: „Израелците пееле псалми во храмот на Јехова на својот јазик. Зар не треба евангелието да ни се зборува нам на англиски јазик? Зар црквата ќе има помалку светлина на пладне отколку што имала во првите часови на осамнувањето? На христијаните мора да им се овозможи да го читаат Новиот завет на својот мајчин јазик. Учителите и проповедниците на црквата не се согласуваат меѓу себе. Само со помош на Библијата народот може да ја запознае вистината. Едни се држат за овој учител, а други за оној… Секој од тие учители му се противи на друг. Како можеме да разликуваме кој зборува право, а кој лажно?… Како?… Само со помош на Божјата реч“ (Исто, b. 18, ch. 4).

Набргу потоа еден учен католички теолог во текот на препирањето со него извикнал: „Подобро е да се биде без Божјите закони отколку без папските.“ На тоа Тиндал одговорил: „Јас го презирам папата и сите негови закони и, ако Бог ми го сочува животот, за неколку години ќе сторам еден селанец, кој управува со плуг, подобро да го познава Светото писмо отколку вие“(Anderson, Annals of the English Bible, page 19).

Цврсто решен Новиот завет да му го даде на својот народ на неговиот мајчин јазик, тој веднаш се дал на работа. Протеран од своето родно место, отишол во Лондон и таму извесно време непречено ја вршел својата работа. Но пак папското насилство го присилило да бега. Се чинело дека цела Англија е затворена за него и затоа решил да побара прибежиште во Германија. Тука почнал да го печати Новиот завет на англиски јазик. Два пати работата била запрена. Но кога му било забрането да го печати во еден град, отишол во друг. Најпосле отишол во Вормс, каде што неколку години порано Лутер го бранел евангелието пред државниот собор. Во тој град имало многу пријатели на реформацијата и Тин дал без пречки таму ја продолжил својата работа. Набргу биле довршени три илјади примероци на Новиот завет, а истата година излегло и второ издание. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest