Напредок на реформацијата во Германија (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Во едно писмо до изборниот кнез, објаснувајќи ја својата намера да го напушти Вартбург, Лутер рекол: „Вашето височество треба да знае дека се враќам во Витенберг под посилна заштита отколку што е заштитата на принцовите и на изборните кнезови. Не мислам да барам ваша поддршка и заштита. Побргу би можел јас да ве заштитам вас. Кога би знаел дека вашето височество би сакало и би можело да ме сочува, не би одел во Витенберг. Не постои меч што би можел да му помогне на ова дело. Бог мора да стори сè, без човечка помош и соработка. Оној што има најголема вера може и најмногу да заштити“ (Исто, b. 9, ch. 8).

Во едно друго писмо, пишувано на патот за Витенберг, Лутер изјавил: „Готов сум да поднесам немилост од страна на вашето височество и гнев од целиот свет. Нели жителите на Витенберг се мои овци? Нели Бог ми ги довери мене? Не треба ли да бидам подготвен да умрам за нив ако се бара тоа од мене? Освен тоа, се плашам дека во Германија ќе избувне голема револуција со која Бог ќе го казни нашиот народ“ (Исто, b. 9, ch. 7).

Тој својата работа ја почнал претпазливо и понизно, но сигурно и решително. „Со Божјата реч“, зборувал тој, „мораме да го обориме и да го уништиме сè она што е подигнато со насилство. Јас не сакам да употребам сила против празноверните и неверните… Никој не смее да биде принуден со сила. Слободното определување е суштина на верата“(Исто, b. 9, ch. 8).

Набргу низ цел Витенберг се пронел глас дека Лутер се вратил и дека ќе проповеда. Народот почнал да се собира од сите страни и црквата била преполна. Стапувајќи на проповедалната, со голема мудрост и благост поучувал, опоменувал и карал. Зборувајќи за оние што се послужиле со насилства за да ја укинат мисата, рекол:

„Мисата е лоша работа. Бог е нејзин непријател; таа треба да се укине и јас би сакал таа по цел свет да се замени со проповедање на евангелската вест. Но никој не треба да се принуди со сила да ја напушти. Да го предадеме тоа во Божји раце. Нека работи Божјата реч, а не ние. А зошто? ­ ќе прашате. Затоа што јас не ги држам срцата на луѓето во своја рака, како грнчарот што ја држи глината. Ние имаме право да зборуваме, но немаме право да судиме. Да проповедаме, а другото му припаѓа на Бога. Ако употребам сила, што ќе постигнам? Измама, формалност, мајмунство, човечки уредби и лицемерство… Но во тоа нема да има ниту искреност на срцето, ниту вера, ниту љубов. Онаму каде што недостигаат овие три работи, таму недостига сè, а јас не давам ниту скршена пара за таков резултат… Бог повеќе постигнува само преку својата Реч отколку кога вие и јас и целиот свет би ги соединиле сите наши сили. Бог ги освојува срцата, а кога срцето е задобиено, тогаш е сè освоено…“

„Јас ќе проповедам, ќе зборувам, ќе пишувам, но нема никого да го присилувам, зашто верата е доброволен чин. Гледајте што сторив! Јас станав против папата, против продавањето на прошталници и против приврзаниците на папата, но без врева и насилство. Ја издигнав Божјата реч; проповедав и пишував; друго не правев. И додека јас спиев,… оваа Реч, што ја проповедав, го ослаби папството и му нанесе поголема штета од кој и да е кнез или цар во минатото. Сепак, јас не сторив ништо. Сето тоа го стори сама Божјата реч. Да сакав да се послужам со сила, Германија веројатно ќе пливаше во крв, а каков ќе беше резултатот? Пропаст на телото и душата. Затоа останав мирен, и дозволив да работи Божјата реч“ ( Исто, b. 9, ch. 8).

Секој ден, преку цела седмица, Лутер му проповедал на мноштвото гладно за вистината. Божјата реч ги скршила оковите на фанатизмот. Силата на евангелието ги вратила заталканите на патот на вистината.

Лутер не сакал да се сретне со фанатиците, со причинителите на сето зло. Знаел дека тоа се луѓе со нездраво расудување и со незауздани страсти. Сметајќи дека се посебно просветлени озгора, тие не можеле да поднесат ниту најмалечка противречност, ниту најљубезен укор или совет. Прогласувајќ и се себеси за највисок авторитет, барале од сите без поговор да ги признаат нивните погледи. Но бидејќи барале да се сретнат со Лутера, тој се согласил да ги прими и во таа пригода толку успешно ги разоткрил нивните намери, што измамниците набргу го напуштиле Витенберг. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest