Реформацијата во Франција (единаесетти дел)

(продолжува од претходниот ден) Како и првите Христови ученици, кога бил протеран од еден град, Фарел бегал во друг. Патувал пеш од село во село, од град во град, поднесувајќи скудност, глад, зима, умор и насекаде неговиот живот бил во опасност. Проповедал по позариштата, во црквите, а понекогаш и од проповедалните на катедралите. Често наоѓал црква без слушатели; понекогаш неговите проповеди биле прекинувани со извици и со подбиви; често со сила го симнувале од проповедална. Неколку пати толпа го фатила и го претепала речиси на смрт. Сепак, тој одел напред. Иако често бил исфрлан од борбата, сепак, со неуморна истрајност пак се враќал во неа; и видел како градовите и селата, кои до тогаш биле тврдини на папството, еден по еден му ја отвораат вратата на евангелието. Малечката жупа во која работел во почетокот набргу ја примила реформираната вера. Градовите Мора и Нојшател ги напуштиле римокатоличките обичаи и ги исфрлиле од своите цркви идолопоклоничките слики.

Фарел веќе одамна сакал во Женева да го подигне протестантското знаме. Кога би бил задобиен овој град, тој би станал згоден центар за реформацијата во Франција, во Швајцарија и Италија. Со таа цел пред себе продолжил да работи додека не придобил многу околни градови и села. Потоа се вратил во Женева, придружуван од еден свој соработник. Му било дозволено да одржи само две проповеди. Свештениците настојувале да ги наговорат градските власти да го осудат; кога тоа не им успеало, го повикале пред црковниот совет, на кој дошле со оружје скриено под својата облека, цврсто решени да го убијат. Пред салата се собрала разјарена толпа вооружена со мечеви и ластегарки, готова да го убие ако случајно побегне од собирот. Но, благодарение на присуството на граѓанските власти и на еден одред вооружена војска, Фарел бил спасен. Следното утро, рано в зори, одведен е со својот другар преку езерото на сигурно место. Така завршил неговиот прв обид на Женева да ѝ го објави евангелието.

За втор обид е избрано поскромно орудие ­ тоа бил младич со толку скромен изглед, што студено го примиле дури и таканаречените пријатели на реформацијата. Но што можел да стори толку неискусен човек кога сам Фарел бил одбиен? Како би можел да ѝ преодолее на бурата човек кој имал толку малку храброст и искуство кога најсилниот и најхрабриот бил присилен да побегне? „Не со војска, не со сила, а со мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4,6). „Бог го избра она што е слабо во овој свет за да ги посрами силните; зашто она што е безумно за Бога, помудро е од луѓето, и она што е за Бога немошно, посилно е од луѓето“ (1. Коринќаните 1,27.25).

Фромен ­ така се викал младичот, своето дело го почнал како учител. Вистините, на кои ги поучувал децата на училиште, тие ги повторувале дома. Набргу и родителите почнале да доаѓаат да ги слушаат објаснувањата на Библијата, додека училишната сала не била полна со внимателни слушатели. Биле разделени многу Нови завети и трактати што ги читале мнозина кои не се осмелиле јавно да дојдат и да ја слушаат новата наука. Набргу овој млад проповедник бил присилен да побегне, но вистините што ги проповедал фатиле длабок корен во срцата на луѓето. Реформацијата била втемелена, почнала да се засилува и да се шири. Проповедниците се вратиле и конечно со нивниот труд во Женева е воведено протестантско богослужение.

Градот веќе се изјаснил за реформацијата кога Калвин, по разни патувања и тешкотии, влегол низ неговата порта. Враќајќи се од својата последна посета на своето родно место, бил на пат за Базел, таму да ги продолжи своите студии; но бидејќи патот бил окупиран со војската на Карло V, бил присилен да појде по заобиколен пат, преку Женева.

Во таа Калвинова посета на Женева, Фарел ја видел Божјата рака. Иако Женева веќе ја примила реформираната вера, сепак, тука уште требало да се заврши голема работа. Душите се обраќаат на Бога како поединци а не како цели цркви; духовната преродба мора да биде извршена во срцето и во совеста со силата на Светиот Дух, а не со декрети на соборите. Женевјаните, кои го отфрлиле авторитетот на Рим, уште не биле подготвени во толкава мера за да ги отфрлат пороците што цутеле под негова закрила. Не била лесна работата да се воспостават чистите начела на евангелието и народот да се приготви достојно да ја исполни задачата за која, судејќи по сè, ги повикало Провидението. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest