Протест на кнезовите (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Изјавата била дадена. Таа се врежала во памтењето на илјадници луѓе и запишана е во небесните книги, од каде што никакво човечко насилство не може да ја избрише. Цела евангелистичка Германија овој протест го примила како израз на својата вера. Се кој во таа изјава видел ветување за едно ново и подобро време. Еден од кнезовите им рекол на протестантите во Шпаер: „Семожниот Бог, кој ви даде милост да го признаете отворено, слободно и без страв, нека ве сочува во таа христијанска решителност до денот на вечноста!“ (Исто, b. 13, ch. 6).

Кога реформацијата, откако постигнала извесен успех би се обидела да се прилагоди кон приликите заради наклоност на светот, би го изневерила Бога и себеси и со тоа самата би предизвикала своја пропаст. Искуството на овие благородни реформатори содржи поука за сите идни векови. Тактиката на сатаната против Бога и против неговата Реч не се изменила; сатаната се противи и денеска, како и во шеснаесеттиот век, Божјата реч да биде правило на верата и животот. И во нашите денови постои силна тенденција да се напушти вистинската вера и нејзините прописи и затоа е потребно да се вратиме на големото протестантско начело: Библијата, и само Библијата, треба да биде правило на верата и должностите. Сатаната се обидува со сите средства да ја задуши религиозната слобода. Антихристијанската сила, што ја отфрлиле протестантите во Шпаер, сега работи со нова сила пак да ја воспостави својата загубена врховна власт. Истата непоколеблива преданост кон Божјата реч, што ја покажале реформаторите во тоа време на криза за реформацијата, е единствена надеж за реформа во нашето време.

Имало знаци на опасност за протестантите; но имало и знаци што покажувале дека божествената рака е подадена да ги заштити верните. Отприлика во тоа време „Меланхтон брзал со својот пријател Гринеус низ улиците на Шпаер кон Рајна и го терал што побргу да се префрли преку реката. Бидејќи Гринеус се чудел зошто брзаат, Меланхтон му раскажал: ‘Еден старец, со сериозен и со свечен изглед, за мене непознат, се појави пред мене и ми рече: За миг овде ќе дојде судски чиновник, пратен од Фердинанд, да го уапси Гринеуса.’“

Тој ден Гринеус се соблазнил од една проповед на водечкиот католички учител Фабер; отишол кај него и го укорил што брани „некои одвратни заблуди“. Фабер го прикрил својот гнев, но веднаш потоа отишол кај кралот и добил од него овластување да го уапси хајделбершкиот професор. Меланхтон цврсто верувал дека сам Бог го спасил неговиот пријател, праќајќи еден од своите свети ангели да го опомене. „Стоејќи стаписано на брегот на Рајна, Меланхтон чекал реката да го спаси Гринеуса од неговите прогонувачи. ‘Најпосле’, воздивнал Меланхтон кога го видел на другиот брег, ‘ти си оттргнат од челуста на оние што се жедни за невина крв.’ Кога се вратил дома, Меланхтон дознал дека стражарите, во потрага по Гринеуса, куќата ја претресле од кров до темел“ (Исто, b. 13, ch. 6).

Реформацијата требало да се изнесе пред големците на оваа земја на уште повеличествен начин. Кралот Фердинанд одбил да ги сослуша протестантските кнезови; но ним им е дадена можност своето дело да го изнесат пред царот и пред собраните црковни и државни великодостојници. За да ги смири несогласијата, една година по протестот во Шпаер, Карло V свикал државен собор во Аугзбург, изјавувајќи дека има намера лично да претседава со него. Таму се повикани и протестантските водачи. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest