Подоцнежни англиски реформатори (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Со голема ревност и со неуморна истрајност ја продолжил својата работа. Иако англиските власти будно ги чувале сите пристаништа, сепак, Божјата реч на разни начини тајно е внесувана во Лондон и оттаму се ширела низ сите краишта. Папистите се обидувале да го запрат ширењето на вистината, но напразно. Еден ден бискупот на Дурхам, од еден книжар, пријател на Тиндал, ја купил целата негова резерва на Библии за да ги уништи. Мислел дека на тој начин многу ќе стори да се спречи делото на реформацијата. Напротив, со парите добиени од продадените Библии купен е материјал за ново, подобро издание, што инаку не би можело да биде обелоденето. Подоцна, кога Тиндал бил уапсен, понудена му е слобода под услов да ги открие имињата на оние што му помагале да ги покрие трошоците околу печатењето на својата Библија. Тој одговорил дека дурхамскиот бискуп сторил повеќе од кој и да е друг зашто, плаќајќи ја високата цена за првите печатени Библии, му овозможил со поголема ревност да ја продолжи работата.

Тиндал со предавство паднал во рацете на своите непријатели и повеќе месеци бил во затвор. Најпосле својата вера ја посведочил со маченичка смрт, но оружјето што го приготвил тој им овозможило на другите борци да ја продолжат борбата сè до нашите денови.

Латимер од проповедална зборувал дека Библијата треба да се чита на народен јазик. „Писател на Светото писмо“, истакнувал тој, „е Бог и ова Писмо се одликува со силата и со вечноста на својот Автор. Нема крал, ниту цар, ниту градски судии, ниту управители кои не се должни да му се покоруваат… Да не одиме по грешен пат, туку нека нè води Божјата реч. Да не одиме по патиштата на нашите татковци и да не го правиме она што го правеле тие, туку да го правиме она што би требало да го прават тие“ (Hugh Latimer, “First Sermon Preached Before King Edward VI”).

Бернс и Фрит, двајца верни пријатели на Тиндал, се подигнале да ја бранат вистината. Ридли и Крамер пошле по нив. Овие водачи на англиската реформација биле образовани луѓе и повеќето од нив биле мошне почитувани во Римската црква поради својата ревност и побожност. Тие се дигнале против папството затоа што ги запознале заблудите на „светата столица“. Запознавајќи ги тајните на Вавилон, имале посилна моќ да сведочат против него.

„Јас сега ќе ви поставам едно чудно прашање“, рекол Латимер. „Кој е најверен бискуп и прелат во цела Англија?… Гледам дека очекувате да ви кажам… Добро, јас ќе ви кажам: Тоа е ѓаволот… Тој секогаш е во својата бискупија… Кога и да го побарате, секогаш ќе го најдете на работа… Нема да го најдете мрзлив, ви гарантирам… Каде што живее ѓаволот, негова порола е: Долу со книгите, а горе со свеќите; долу Библиите, горе бројаниците; долу светлината на евангелието, а горе светлината на воштениците, па макар и среде бел ден; долу Христовиот крст кој ги одзема гревовите на светот, а горе чистилиштето кое ги празни џебовите; настрана грижите околу облекувањето на сиромасите и немоќните, а нека живее украсувањето на сликите и китењето на ликовите од дрво и камен; долу Божјите уредби, односно неговата пресвета Реч, а нека живеат човечките закони и традиции. О зошто нашите прелати не се толку трудољубиви да го сеат семето на добрата наука како сатаната што е трудољубив да ги сее каколот и плевата!“ (Исто, “Sermon of the Plough).

Големото начело што го застапувале овие реформатори истото кон кое се придржувале валденжаните, Виклиф, Јан Хус, Лутер, Цвингли и нивните соработници, било: Светото писмо е непогрешен авторитет, правило на верата и животот. Тие го отфрлиле правото на папата, на соборите, на отците и кралевите да владеат со совеста во прашањата на верата. Библијата била нивни авторитет и со неа испитувале секоја наука и секое тврдење. Верата во Бога и во неговата Реч ги храбрела овие свети луѓе кога ги полагале своите животи на ломачи. „Биди храбар“, му довикнал Латимер на својот другар кој со него ја делел маченичката смрт, пред пламенот да го замолкне нивниот глас. ­ „Со Божја милост ние денеска во Англија ќе запалиме таква светлина која никогаш нема да се угаси“(Works of Hugh Latimer, vol. 1, p. XIII).

Во Шкотска никогаш не било наполно уништено семето што го посеале Колумба и неговите соработници. Откако англиските цркви му се потчиниле на Рим, оние во Шкотска стотици години ја сочувале својата слобода. Но во дванаесеттиот век папството се зацврстило и во таа земја и тука повеќе од каде и да е на друго место ја утврдило својата власт. Никаде темнината не била погуста отколку овде. Па сепак, зраците на светлината успеале да проникнат таму и да го навестат осамнувањето на зората. Лолардите, кои доаѓале од Англија со Библијата и со науката на Виклифа, сториле многу да се сочува познавањето на евангелието и секој век имал свои сведоци и свои маченици.

Уште од почеток на големата реформација, во Шкотска навлегувале списите на Лутера и Новиот завет на Тиндал. Незабележани од свештенството, обиколувајќи ги тивко планините и долините, овие весници повторно во Шкотска го запалиле факелот на вистината која речиси се угасила, рушејќи го она што го воспоставил Рим во текот на четири века угнетување.

Крвта на мачениците му дала нов поттик на движењето. Папските водачи, свесни за неочекуваната опасност што му се заканила на нивното дело, спалиле на ломача некои од најблагородните и најугледните синови на Шкотска. Но со тоа само подигнале нова проповедална од која зборовите на сведоците што умирале се одгласувале низ целата земја, повикувајќи го народот на непоколеблива решителност да ги отфрли римските прангии. (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest