Подоцнежни англиски реформатори (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Пак, како во деновите на апостолите, прогонствата го потпомогнале напредувањето на евангелието. Во една одвратна зандана, меѓу разбојници и крадци, Џон Буњан ја чувствувал небесната атмосфера. Тука тој ја напишал својата прекрасна алегорија за патувањето на побожниот патник од земјата на пропаста во небесниот град. Повеќе од двесте години тој глас од бедфордскиот затвор постојано им зборува на човечките срца. Буњановото „Патување на христијанинот“ и „Обилната милост“ многу грешници довеле на животниот пат.

Бакстер, Флавел, Алеин и други луѓе од науката, талентирани и со длабоко христијанско искуство, станале храбро да ја бранат верата „која еднаш засекогаш им е предадена на светите“. Делото што го извршиле овие луѓе, забранувано и ставано надвор од законот од страна на владетелите на овој свет, не може никогаш да пропадне. Делата на Флавел: „Извор на животот“ и „Патот на милоста“, на илјадници им покажале како можат да му се предадат на Исуса. Бакстеровиот „Христијански пастир“ им послужил на благослов на мнозина кои му посакувале напредок на Божјето дело, а неговиот „Вечен одмор на светите“ запознал мнозина со „од морот што уште останува за Божјиот народ“.

Сто години подоцна, во времето на големата духовна темнина, се појавиле Вајтфилд и браќата Весли како Божји носители на светлината. Под управа на Англиканската црква, англискиот народ духовно пропаѓал, така што речиси се изедначил со незнабоштвото. Природната религија била омилена наука на свештенството и таа ја сочинувала речиси целата нивна теологија. Вишите кругови им се подбивале на побожните и се фалеле дека се над нивниот фанатизам. Нижите сталежи потонале во незнаење и во пороци, а црквата немала ниту храброст ниту вера да го задржи натамошното пропаѓање на вистината.

Големата вистина за оправдување со вера, што толку јасно ја проповедал Лутер, била речиси загубена од вид, а на нејзино место дошла римската наука за спасение со добрите дела. Вајтфилд и обајцата браќа Весли, членови на Англиканската црква, искрено ја барале Божјата милост и верувале дека тоа ќе го постигнат со животот полн со добри дела и со исполнување на верските обреди.

Карло Весли еден ден тешко се разболел и мислел дека дошол крај на неговиот живот. Тогаш еден пријател го прашал на што ја темели својата надеж во вечен живот. Тој одговорил: „Јас му служев на Бога најдобро како што знаев.“ Кога се чинело дека пријателот што му го поставил тоа прашање не бил задоволен со овој одговор, Весли си рекол самиот себеси: „Што, зар моите напори не се доволен темел за мојата надеж? Ако ме лиши од моите заслуги, тогаш не би имал ништо друго врз што би можел да се потпрам!“ (John Whitehead, Life of the Rev. Charles Wesley, page 102).

Толку густа била темнината што ја покрила црквата; таа ја скрила науката за исчистување, на Христа му ја одзела неговата слава и го одвратила погледот на луѓето од единствената надеж на спасение, а тоа е крвта на распнатиот Откупител.

Весли и неговите соработници увиделе дека вистинската вера живее во срцето и дека Божјиот закон ги опфаќа не само зборовите и делата туку и мислите. Биле уверени дека е потребна светост на срцето и исправно надворешно однесување и затоа сакале да живеат нов живот. Се труделе со молитва и пост да ги победат наклоностите на природното срце. Живееле живот на самооткажување, полн со љубов и понизност, и строго го извршувале сето она што им се чинело дека би можело да им помогне да ја постигнат својата цел светост што ќе им обезбеди Божја наклоност. Но не го постигнале тоа за што копнееле. Нивните напори не ги ослободиле ниту од осудата за гревот ниту од неговата моќ . Поминувале низ истото искуство низ кое поминал Лутер во својата ќелија во Ерфурт. Нив ги мачело истото прашање што го мачело и него: „Како ќе се оправда човекот пред Бога?“ (Книгата за Јов 9,2).

Огнот на божествената вистина на олтарот на протестантизмот речиси наполно згаснал. Тој требало повторно да се запали со стариот факел што чешките христијани го чувале и го предавале во наследство од поколение на поколение. По реформацијата, протестантизмот во Чешка бил погазен од страна на римските орди. Сите што одбиле да се откажат од вистината, морале да ја напуштат својата татковина. Некои од нив нашле прибежиште во Саксонија, каде што ја сочувале старата вера. Весли и неговите другари светлината ја примиле од потомците на овие христијани.

Откако биле посветени за проповедничка служба, Џон и Карло Весли се пратени во Америка со една мисија. На нивниот брод се наоѓала група моравски браќа. За време на тоа патување настанала силна бура. Соочен со смртта, Џон Весли чувствувал дека не е помирен со Бога. Напротив, моравските браќа покажувале спокојство и надеж во Бога што нему му биле наполно туѓи. (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest