Отфрлена опомена (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога Божјата реч ја толкуваат верни учители, тогаш се подигаат учени луѓе, проповедници по занимање, кои тврдат дека го разбираат Светото писмо, здравата наука ја нарекуваат кривоверство и со тоа ги одвраќаат од вистината луѓето што ја бараат. Кога светот не би бил наполно отруен со вавилонското вино, мнозина би се осведочиле и би се обратиле со помош на јасните вистини на Божјата реч. Но на подрачјето на верата владее таква бркотија и неслога, што народот не знае повеќе што да верува како вистина. Одговорноста за непокајаноста на светот лежи врз црквата.

Втората ангелска вест од Откровение 14. глава првпат се проповедаше летото во 1844 година и истата се однесуваше особено на црквите во Соединетите Држави каде што опомената за судот најмногу се објавуваше и главно беше отфрлена и каде што опаѓањето на црквата беше најбрзо. Но веста на вториот ангел не се исполни целосно во 1844 година. Тогаш црквите што се противеа да ја прифатат светлината на адвентната вест доживеаја морален пад, но сепак, тој пад не беше целосен. Бидејќи тие продолжија да ги отфрлаат посебните вистини одредени за тоа време, паѓаа сè подлабоко. Сепак, уште не можеше да се каже: „Падна големиот Вавилон… зашто сите народи пиеја од виното на нејзиното распалено блудство.“ Вавилон уште не ги опил сите народи. Дух на прилагодување кон светот и дух на рамнодушност кон вистините на нашето време постои и се прошири во сите протестантски цркви; тие цркви се опфатени со свеченото и страшно обвинување на вториот ангел. Но отпадот уште не го постигнал својот врв.

Библијата ни кажува дека пред Господовото доаѓање сатаната ќе дејствува „со секаква сила, со чудотворни знаци, со лажни чуда и со секаква неправедна измама“; и оние што „не ја примија љубовта на вистината за да се спасат“, ќе ги прифатат сите измами и ќе ѝ веруваат на лагата (2. Солуњаните 2,9­11). Дури кога ќе настапи ваква состојба и кога во целото христијанство ќе се постигне обединување на црквата со светот, тогаш падот на Вавилон ќе биде целосен. Промената ќе настанува постепено, а Откровение 14,8 целосно ќе се исполни во иднина.

И покрај духовната темнина и отстапувањето од Бога во црквите што го сочинуваат Вавилон, мнозинството вистински Христови следбеници сè уште се наоѓаат во тие верски заедници. Меѓу нив има многу такви кои никогаш не слушнале за посебните вистини за нашето време. Мнозина се незадоволни со својата сегашна состојба и копнеат за појасна светлина. Тие напразно го бараат Христовиот лик во црквите во кои се наоѓаат. Бидејќи овие верски заедници сè повеќе се оддалечуваат од вистината и се соединуваат со светот, разликата меѓу овие две групи ќе станува сè поочигледна, и најпосле ќе настапи ден кога тие ќе се разделат. Ќе дојде време кога оние што го љубат Бога повеќе од сè не ќе можат и понатаму да останат поврзани со оние „кои се повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а се откажале од нејзината сила“ (2. Тимотеј 3,4.5).

Откровение 18. глава укажува на времето кога црквата, затоа што ќе ја отфрли тројната опомена од Откровение 14,6­-12, во целост ќе ја постигне состојбата што ја изнел вториот ангел, а Божјиот народ, кој сè уште е во Вавилон, ќе биде повикан да излезе од своите цркви. Ова е последна вест што ќе му биде објавена на светот и таа ќе ја изврши својата задача. Оние што не ја прифатиле вистината, што повеќе ја сакале неправедноста (2. Солуњаните 2,12), кога ќе ѝ се предадат на силата на измамата да ѝ веруваат на лагата, тогаш светлината на вистината ќе ги осветли оние чиишто срца се подготвени да ја примат, и сите Божји деца што се наоѓаат во Вавилон ќе го прифатат повикот: „Излезете од неа, народе мој!“ (Откровение 18,4).

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest