Хус и Јероним (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Отприлика во тоа време во Прага дошле двајца учени странци од Англија кои ја примиле светлината и дошле да ја рашират во оваа оддалечена земја. Бидејќи отворено ја напаѓале превласта на папата, набргу властите им наредиле да замолчат; но тие не сакале да ја прекинат својата работа и истата ја продолжиле на друг начин. Бидејќи биле не само проповедници, туку и добри уметници, го користеле својот талент. На еден ѕид, пристапен за народот, насликале две слики. Едната го прикажувала Исуса како влегува во Ерусалим, „кроток, јавајќи на магаре“ (Матеј 21,5), придружуван од неговите ученици, облечени во изветвени патнички облеки и боси. Другата слика ја прикажувала папската процесија ­ папата облечен во својата најраскошна облека, со трикратна круна на главата, како јава на величествено накитен коњ, пред кој одат трубачи, а го придружуваат кардинали и епископи во раскошни облеки.

Тоа била проповед што на себе го привлекла вниманието на сите слоеви на народот. Толпи се собирале пред овие слики, чијашто поука секој ја разбрал. Мнозина биле длабоко трогнати од спротивноста меѓу благоста и понизноста на големиот Учител и горделивоста на папата, таканаречениот негов слуга. Во Прага завладеала голема возбуда и по кратко време странците се увериле дека е во интерес на нивната безбедност да си заминат. Но, науката што ја изнесувале тие не паднала во заборав. Нивните слики оставиле длабок впечаток врз Хуса и го поттикнале кон внимателно проучување на Светото писмо и на Виклифовите списи. Иако уште не бил приготвен да ги прифати сите реформи што ги застапувал Виклиф, сепак, појасно го согледал вистинскиот карактер на папството и со поголема ревност ја укорувал горделивоста, суетата и расипаноста на свештенството.

Од Чешка светлината се раширила во Германија. Поради немирите на прашкиот универзитет, стотици германски студенти ја напуштиле Прага. Мнозина од нив своите први сознанија за Библијата ги примиле од Хуса и, враќајќи се во својата татковина, во неа го ширеле евангелието.

Веста за настаните во Прага стигнала до Рим, и набргу Хус бил повикан да излезе пред папата. Да се оѕвие на овој повик би значело да се изложи на сигурна смрт. Чешкиот крал и кралица, универзитетот, членовите на благородништвото и државните функционери му упатиле молба на папата на Хуса да му се дозволи да остане во Прага и да му одговори на Рим преку еден пратеник. Наместо да ја задоволи оваа молба, папата Хуса го осудил, а градот Прага го ставил под проклетство.

Оваа осуда во тоа време предизвикала голема возбуда. Церемониите што го придружувале изрекувањето на таа осуда биле такви што предизвикувале ужас кај народот кој во папата гледал Божји намесник кој ги има клучевите од небото и од пеколот и кој има власт да изрече како световни, така и духовни казни. Се верувало дека небесната врата е затворена за оној крај што е под проклетство и дека мртвите се исклу чени од становите на блаженството, додека не му се допадне на папата да ја симне анатемата. Во знак на оваа страшна несреќа биле запрени сите религиозни служби. Црквите биле затворени. Венчавките се извршувале во црковното двориште. Мртвите, чијшто закоп бил забранет на посветено место, се закопувани без вообичаените по гребни обреди, во ендеци или на разни полиња. Делувајќи со овие мерки врз мечтата, Рим настојувал да завладее со совеста на луѓето.

Во Прага настанале немири. Мнозина го обвинувале Хуса како причина за сите несреќи и барале да биде предаден на одмаздата на Рим. За да ја стивне луњата, реформаторот за извесно време се повлекол во своето родно село. Од таму им пишувал на своите пријатели во Прага. „Се повлеков од вашата средина за да го послушам Христовиот совет и да го следам неговиот пример, да не им дадам можност на грешните да навлечат на себе вечна пропаст и да не бидам за побожните причина за жалост и прогонство. Се повлеков исто така за безбожните свештеници да не го забранат потполно проповедањето на Божјата реч и вие да не бидете лишени поради мене од божествената вистина за која, со Божја помош, готов сум да умрам“ (Bonnechose, The Reformers Before the Reformation, vol. 1, p. 87). Хус не престанал да работи, ами патувал по околината и им проповедал на тие што сакале да го слушаат. На овој начин мерките што ги презел папата за да го спречи ширењето на евангелието станале причина за негово уште поголемо ширење. „Затоа ние не можеме ништо против вистината, туку само за вистината“ (2. Коринќаните 13,8).

„Во оваа фаза на својот живот Хус, се чини, поминувал низ тешка душевна борба. Иако црквата со своите напади сакала да го уништи, сепак, тој не го отфрлал нејзиниот авторитет. За него таа сè уште била Христова невеста, а папата Божји претставник и намесник. Хус се борел против злоупотребите на авторитетот, а не против самиот авторитет. Ова предизвикало страшна борба меѓу она што му го зборувал разумот и она што го барала неговата совест. Ако авторитетот е праведен и непогрешен, како што верувал, зошто тогаш нешто го гони да не му се покори? Да го послуша, јасно видел, би значело да греши; но зошто послушноста кон една непогрешна црква би донесувала такви последици? Тоа бил проблем што не можел да го реши; тоа било сомневање што постојано го мачело. Сепак, му се сторило дека нашол решение, припомнувајќи си како во времето на Спасителот свештениците на црквата, станувајќи неверни, го користеле својот законит авторитет за незаконити цели. Оваа мисла го поттикнала да го прифати и на другите да почне да им го изнесува начелото дека само науката на Светото писмо, усвоена преку разумот, треба да ѝ служи како водич на нашата совест; или, со други зборови, дека само Бог е непогрешен водич кој зборува во својата Реч, а не црквата, која зборува преку своето свештенство“ (Wylie, b. 3, ch. 2)). (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest