Реформацијата во Франција (седми дел)

(продолжува од претходниот ден) Тука останал неколку месеци под сигурна заштита на своите моќни пријатели, занимавајќи се како и порано со проучување. Но неговото срце мислело на ширењето на евангелието во Франција. Затоа не можел долго да остане неактивен. Штом бурата малку стивнала, побарал ново поле за работа и тоа во Поатје, каде што се наоѓал универзитет и каде што новата наука наишла на добар прием. Евангелието радосно го слушале луѓе од сите сталежи. Бидејќи немал јавна сала во која би проповедал, Божјата реч ја изнесувал во куќата на началникот на градот, во својот приватен стан или во некој парк. Кога бројот на слушателите се зголемил, сметале дека е посигурно да се состануваат надвор од градот. За место на одржување на собирите избрана е една пештера, во една тесна и длабока горска клисура, скриена со дрвја и со наведени карпи, кои осаменоста ја правеле уште поцелосна. Малечки групи, напуштајќи го градот низ разни улици, таму заминувале незабележано. Во тоа зафрлено место се читала и се објаснувала Библијата. Овде протестантите на Франција првпат прославиле вечера Господова. Од оваа малечка црква подоцна излегле многу верни евангелисти.

Калвин уште еднаш се вратил во Париз. Ниту сега не можел да се откаже од надежта дека цела Франција како нација ќе ја прифати реформацијата. Но во својата работа речиси насекаде наидувал на затворена врата. Да се проповеда евангелието значело да се оди директно на ломача. Овие околности го натерале да се одлучи и да оди во Германија. Штом ја преминал границата, во Франција повторно избило прогонство против протестантите. Кога би останал подолго во својата татковина, сигурно би бил повлечен во општа пропаст.

Еве што се случило: Француските реформатори, сакајќи искрено да видат дека нивната земја оди наспоредно со Германија и Швајцарија, решиле против празноверните обичаи на Рим да поведат решителна борба што ќе го потресе сиот народ. За таа цел, една ноќ биле залепени плакати кои ја напаѓале мисата. Но, наместо реформацијата да ја унапреди, овој ревносен, но лошо пресметан чекор, им донел пропаст не само на неговите извршители, туку и на пријателите на реформираната вера во цела Франција. Тој на луѓето на Рим им го дал она што тие толку многу го сакале: изговор да побараат целосно уништување на еретиците како опасни бунтовници против сигурноста на престолот и мирот на нацијата.

Една непозната рака ­ на некој непромислен пријател или на лукавиот непријател, што останало тајна ­ залепила плакат на вратата на приватната соба на кралот. Кралот бил вчудовиден. Во овој плакат немилосрдно се напаѓани празноверните обичаи што биле почитувани со векови. Беспримерната храброст, што се осмелила да изнесе толку отворени и страшни обвинувања пред очите на кралот, предизвикала кај него гнев. Вчудовидено стоел неколку мига тресејќи се и молчејќи. Тогаш неговиот гнев се излеал како порој со страшни зборови: „Нека се уапсат сите што се под сомневање дека се лутерани. Сакам сите да ги истребам!“ (Исто,  b. 4, ch. 10). Коцката паднала: кралот се определил за Рим.

Веднаш се преземени сите мерки да се уапси секој лутеран во Париз. Еден занаетчија, приврзаник на реформацијата, кој имал должност да ги повикува верните на нивните тајни состаноци, бил уапсен, и под закана на неизбежна смрт на ломача, наредено му е да го води папскиот пратеник во куќата на секој поединечен протестант во градот. Во првите мигови тој со одвратност одбил да го прави тоа, но после се согласил натеран со стравот од огнот и така станал предавник на своите браќа. Кралскиот крвник, Морин, придружуван од предавникот, пред кој е носена хостија, опкружен со придружба на свештеници, носители на кадилници, со калуѓери и со војска, поминувал полека и молчејќи низ градските улици. Поворката требало да изгледа дека е организирана во чест на „светите сакраменти“, како очистување за навредата што ѝ ја нанеле протестантите на мисата; но зад тој свечен изглед се криела сатанската намера. Пристигнувајќи до куќата на некој протестант, предавникот давал знак, не изговарајќи ниту еден збор. Поворката застанувала, луѓето влегувале во куќата, ги влечеле домашните надвор и ги оковувале во синџири, и страшната поворка одела понатаму да бара нови жртви. „Не поштедил ниту една куќа, ниту големите ниту малечките, ниту парискиот универзитет… Пред Морина се тресел цел град… Тоа било време на ужасен терор“ (Исто, b. 4, ch. 10). (продолжува)

Библијата и француската револуција (осми дел)
Библијата и француската револуција (седми дел)
Библијата и француската револуција (шести дел)
Библијата и француската револуција (петти дел)
Библијата и француската револуција (четврти дел)
Библијата и француската револуција (трет дел)
Библијата и француската револуција (втор дел)
Библијата и француската револуција (прв дел)
Подоцнежни англиски реформатори (осми дел)
Подоцнежни англиски реформатори (седми дел)

Pin It on Pinterest