Еден американски реформатор (трет дел)

Библија

(продолжува од претходниот ден) При неговото доаѓање мртвите праведници ќе воскреснат, а живите праведници ќе се преобразат. Павле кажува: „Сите нема да умреме, но сите ќе се преобразиме, наеднаш, за миг, при последната труба; имено, трубата ќ е затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се преобразиме. Зашто ова распадливото треба да се облече во нераспадливо и ова смртното да се облече во бесмртност“ (1. Коринќаните 15,51­53). А во своето послание до Солуњаните, откако го опишал Христовото доаѓање, вели: „И мртвите во Христа ќе воскреснат први, а потоа ние живите, кои останавме, ќе бидеме земени заедно со нив на облаците, за да го сретнеме Господа во воздухот; и така засекогаш ќе бидеме со Господа“ (1. Солуњаните 4,16.17).

Божјиот народ не може да го прими царството додека Христос не дојде лично. Спасителот рекол: „Кога Синот човечки ќе дојде во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата и ќе се соберат пред него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како пастирот што ги одлачува овците од козите. И ќе ги постави овците од својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им рече: ‘Дојдете, благословени од мојот Отец, наследете го царството кое ви е подготвено уште од создавањето на светот’“ (Матеј 25,31­34).

Од наведените стихови видовме дека при Христовото доаѓање мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а живите ќе се преобразат. Со ова големо преобразување тие ќе се оспособат да го примат царството, зашто Павле вели: „Тело и крв не можат да го наследат Божјето царство; ниту распадливото може да го наследи нераспадливото“ (1. Коринќаните 15,50). Во сегашната состојба човекот е смртен, распадлив, а Божјето царство е нераспадливо, вечно. Затоа човекот во својата сегашна состојба не може да влезе во Божјето царство. Но кога Исус ќе дојде, Тој на својот народ ќе му подари бесмртност, и тогаш спасените ќе ги повика да го примат царството чиишто наследници до сега биле само со вера.

Овие и други места во Светото писмо го осведочиле Милера дека настаните што обично се поместуваат пред Христовото доаѓање како на пример сеопштото царство на мир и воспоставувањето на Божјето царство на земјата всушност се случуваат по Христовото доаѓање. Понатаму, забележал дека сите знаци на времето и околностите во светот одговараат на пророчките описи на последните денови. Од проучувањето на Светото писмо сигурно заклучил дека времето што ѝ е одредено на нашата земја во нејзината сегашна состојба се приближува кон својот крај.

„Друг доказ што имаше за мене голема важност“, рекол тој, „е библиската хронологија. Пронајдов дека преткажаните настани што се исполниле во минатото, се исполниле во времето што го одредил Бог. Така до потопот требало да поминат сто и дваесет години (1. Мојсеева 6,3); на потопот му претходеле седум дена, а дожд паѓал четириесет дена (1. Мојсеева 7,4); четиристотини години потомците на Аврама престојувале во туѓа земја (1. Мојсеева 15,13); трите дена, што ги виделе на сон фараоновиот пехарник и неговиот пекар (1. Мојсеева 40,12.20); седумте години, што ги сонил фараонот (1. Мојсеева 41,28­54); четириесетте години во пустината (4. Мојсеева 14,34); оние три и пол години на глад (1. Царевите 17,1); седумдесетте години ропство (Еремија 25,11); седумте години на Навуходоносора (Даниел 4,13­16); седумдесетте седмици одредени за Евреите (Даниел 9,24­27) сите овие настани, одредени со пророчко време, се исполниле според пророштвото“(Bliss, pages 74, 75).

Проучувајќи ја така Библијата, кога би пронашол некое пророчко време што, според негово мислење, се однесувало на второто Христово доаѓање, тој тие пророчки времиња ги сметал како одредени времиња што Бог однапред ги објавил преку „устата на своите свети пророци“. „Она што е тајно“, рекол Мојсеј, „му припаѓа на нашиот Господ Бог, а објавеното е наше и на нашите синови засекогаш” (5. Мојсеева 29,29). Преку пророкот Амос Господ кажува дека Тој не прави ништо а своите тајни да не им ги „открие на своите слуги пророците“ (Амос 3,7). Значи, оние што ја проучуваат Библијата, можат со сигурност да очекуваат дека ќе ги пронајдат јасно објавените големи настани што ќе се одиграат во човечката историја.

„Кога потполно се уверив“, пишува Милер, „дека ‘сето Писмо’, што ‘е дадено од Бога’, е корисно; дека тоа не потекнува од човечка волја, туку дека ‘пишуваа свети Божји луѓе поттикнати од Бога’, и дека тоа е напишано ‘за наша поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмото’ (2. Тимотеј 3,16; 2. Петрово 1,21; Римјаните 15,4), јас не можев хронолошкиот дел на Библијата да го сметам за помалку важен од другите нејзини делови. Затоа чувствував дека, во моето настојување да го разберам она што ни го открил Бог во својата милост, немам право да ги занемарувам пророчките временски отсеци“ (Bliss, page 75).

Се чинело дека најјасно го открива времето на второто Христово доаѓање пророштвото на пророк Даниел 8,14: „Уште две илјади и триста вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе се очисти.“ (продолжува)

Во светињата на светињите (втор дел)
Во светињата на светињите (прв дел)
Што е тоа светилиште? (шести дел)
Што е тоа светилиште? (петти дел)
Што е тоа светилиште? (четврти дел)
Што е тоа светилиште? (трет дел)
Што е тоа светилиште? (втор дел)
Што е тоа светилиште? (прв дел)
Исполнети пророштва (седми дел)
Исполнети пророштва (шести дел)

Pin It on Pinterest