(продолжува од претходниот ден) Меѓутоа, на сатаната нема да му биде дозволено да го имитира начинот на Христовото доаѓање. Спасителот својот народ го предупредил во овој поглед и точно го опишал своето доаѓање: „Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат големи знаци и чуда за да ги прелажат, ако е можно, и избраните… И така, ако ви речат: ‘Ене го в пустина!’ не излегувајте! ‘Ене го во тајни соби!’ не верувајте. Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, такво ќе биде доаѓањето на Синот човечки“ (Матеј 24,24-27.31; 25,31; Откровение 1,7; 1.Солуњаните 4,16.17). Не е можно да се имитира ова доаѓање. Тоа ќе биде сеопшто познато сите ќе го видат.
Само оние кои ревносно го истражуваат Светото писмо и кои имаат љубов кон вистината, ќе бидат заштитени од големата измама што ќе го зароби сиот свет. Со помош на сведоштвата на Светото писмо тие ќе го откријат престорениот измамник. За сите луѓе ќе настапи време на проверка. Вистинските христијани ќе се откријат со просејување (решетење) што ќе го предизвика ова искушение. Дали Божјиот народ денеска е толку цврсто утврден на неговата Реч за да не се потпира врз своите сетила? Дали во овој решавачки час ќе се потпира врз Библијата, само врз Библијата? Сатаната ќе се обидува да ги спречи да се приготват за да се одржат во оној ден. Тој ќе преземе сè на Божјите деца да им го затвори патот, да ги зароби со земни богатства, да ги натовари со тежок и мачен товар со цел срцето да го преоптоварат со световни грижи и денот на искушението да ги затече како крадец.
Бидејќи декретот, издаден од разни христијански владетели против оние што ги држат Божјите заповеди ќе ги лиши од заштита на властите и ќе ги препушти во рацете на оние што сакаат да ги уништат, Божјиот народ ќе ги напушти градовите и селата, ќе се собира во групи и ќе живее во пусти и осамени места. Мнозина ќе најдат прибежиште во планините. Како христијаните на пиемонтските долини, високите гори ќе ги претворат во свои светињи и ќе му благодарат на Бога за засолништата „на карпите“ (Исаија 33,16). Но мнозина, од сите народи и сите сталежи, високи и ниски, богати и бедни, црни и бели, ќе бидат фрлени во најнеправедно и најсвирепо ропство. Божјите галеници ќе поминуваат тешки денови, врзани во синџири, во затвор, осудени на смрт, а некои во мрачни и одвратни ќелии, привидно препуштени на смрт од глад. Ниедно уво не ќе сака да ги слушне нивните пекања; ниту една човечка рака не ќе биде подготвена да им помогне.
Дали Бог ќе го заборави својот народ во овој час на искушение? Дали го заборавил верниот Ное кога претпотопниот свет бил погоден со казни? Дали го заборавил Лот кога од небото паднал оган да ги спали градовите во низината? Дали го заборавил Јосифа, опкружен со незнабошци во Египет? Дали го заборавил Илија кога Езавела му се заканила дека ќе ја подели судбината на Валовите пророци? Дали го заборавил Еремија во мрачната и страшна јама? Дали ги заборавил тројцата храбри момчиња во огнената печка? Или Даниела во лавовската јама?
„Сион рече: ‘Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави.’ Може ли жена да го заборави своето доенче, да не се смилува на чедото на својата утроба? А и кога би го заборавила, јас тебе нема да те заборавам. Ете, на своите дланки сум те врежал“ (Исаија 49,14-16). „Зашто, кој гиба во вас, гиба во зеницата на моето око“ (Захарија 2,8).
Иако непријателите можат да ги фрлат во затвори, сепак, ѕидовите на затворите не можат да ја прекинат врската меѓу нивните души и Христа. Еден, кој познава секоја нивна слабост, кој е запознат со сите нивни искушенија, е повисок од сите земни сили, и ангелите ќе ги посетат во нивните осамени ќелии и ќе им донесат небесна светлина и мир. Затворот ќе биде како палата, зашто тука ќе престојуваат оние што се богати со вера, и мрачните ѕидови ќе бидат осветлени со небесна светлина како тогаш кога Павле и Сила се молеле и пееле песни благодарници онаа ноќ во затворот во Филипа. (продолжува)