Во светињата на светињите (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога ова дело ќе биде завршено, Христовите следбеници ќе бидат подготвени за неговото доаѓање. Во тоа време „ќе му биде мила на Господа жртвата на Јуда и на Ерусалим како во старо време“ (Малахија 3,4). Тогаш црквата што ќе ја земе Господ при своето доаѓање кај себе ќе биде „славна црква, без дамка, ниту брчка, или нешто слично“ (Ефесците 5,27). Во тие мигови таа ќе се појави „како зора, убава како месечина, чиста како сонце, страшна како војска под знамиња“ (Песна над песните 6,9).

Освен Господовото доаѓање во неговиот храм, пророкот Малахија го преткажува и неговото второ доаѓање за да ја изврши пресудата со овие зборови: „Ќе дојдам кај вас на суд и ќе бидам подготвен сведок против вражачите и прељубодејците, против оние кои лажно се колнат, против оние кои му ја закинуваат платата на работникот, на вдовицата и на сираците, против оние што го газат правото на странецот и не се бојат од мене вели Господ Саваот“ (Малахија 3,5). Јуда упатува на истата сцена кога кажува: „Ете, иде Господ со илјадници свои свети ангели да им суди на сите и да ги покара сите безбожници за сите нивни безбожни дела со кои безбожно згрешија и за сите дрски зборови што ги изрекоа против него грешните безбожници“ (Јуда 14.15). Ова доаѓање и Господовото доаѓање во неговиот храм се два одредени и сосем различни настани.

Доаѓањето на Христа како наш Поглавар свештенички во светињата над светињите да го исчисти Светилиштето, преткажано во Даниел 8,14; доаѓањето на Синот човечки кај Прадревниот опишано во Даниел 7,13 и доаѓањето Господово во неговиот храм, преткажано во Малахија сето тоа се описи на еден ист настан; тој настан е претставен и со доаѓањето на младоженецот на свадбата, како што го опишал тоа Христос во споредбата за десетте девојки во Матеј 25. глава.

Летото и есента во 1844 година се објавуваше веста: „Ете, младоженецот иде!“ Тогаш се појавија две групи луѓе, претставени со мудрите и со неразумните девојки првата група, која со радост го очекуваше Господовото доаѓање и се приготвуваше да го пречека, и втората група која, под влијание на стравот и гонета од нагон, се задоволи со теоријата на вистината, но нејзе ѝ недостигаше Божја милост. Во споредбата, кога младоженецот дошол, „подготвените влегоа со него на свадбата“. Овде споменатото доаѓање на младоженецот се случило пред свадбата. Свадбата го претставува Христовото преземање на неговото царство. Светиот град, новиот Ерусалим, кој е главен град на царството, е наречен „невеста, жена на Јагнето“. Ангелот му рекол на Јована: „Дојди да ти ја покажам невестата, жената на Јагнето.“ „И ме пренесе во дух“, кажува пророкот, „и ми го покажа светиот град, Ерусалим, како слегува од небото од Бога“ (Откровение 21,9.10). Според ова, очигледно е дека невестата го претставува светиот град, а девојките што му излегуваат во пресрет на младоженецот ја претставуваат црквата. Според Откровението, Божјите деца ќе бидат гости на вечерата на свадбата на Јагнето (Откровение 19,9). Ако се гости, тие не можат истовремено да бидат претставени и како невеста. Христос, како што ни кажува пророкот Даниел, ќе прими од Прадревниот (од Отецот) „власт, слава и царство“. Тој ќе го прими новиот Ерусалим, главниот град на своето царство, што ќе биде „стокмен како невеста украсена за својот маж“ (Даниел 7,14; Откровение 21,2). Откако ќе го прими царството, ќе дојде во својата слава како „цар над царевите и господар над господарите“ да му даде спасение на својот народ, кој „ќе седне на трпезата со Аврама, Исака и Јакова во небесното царство“ (Матеј 8,11; Лука 22,30) да земе учество во вечерата на свадбата на Јагнето.

Веста: „Ете, младоженецот иде!“, што се објавуваше летото во 1844 година, им даде повод на илјадници да го очекуваат непосредното Христово доаѓање. Во определеното време Младоженецот дојде, но не на земјата, како што очекуваше неговиот народ, туку пред Прадревниот на небото, на свадбата, да го преземе своето царство. „Подготвените влегоа со него на свадбата и вратата се затвори.“ Не требаше лично да бидат присутни на свадбата, зашто таа се врши на небото, додека тие уште се наоѓаат на земјата. Христовите следбеници треба „да го чекаат својот Господар кога се враќа од свадбата…“ (Лука 12,36). Но тие мора да го разберат неговото дело и да го следат со вера кога ќе стапи пред Бога. Во таа смисла може за нив да се каже дека влегле на свадбата.

Во споредбата, на свадбата влегле девојките што имале масло во садовите со светилките. Оние кои ја познаваа вистината од Светото писмо, а имаа и Дух и Божја милост; кои ноќта на своето горко искушение стрпливо чекаа и во Библијата бараа појасно видело, ја сфатија вистината во врска со Светилиштето на небото и промената во службата на Спасителот и со вера ги следеа неговите активности во небесното Светилиште. Сите што ќе ги прифатат овие вистини на Светото писмо и ќе го следат Исуса Христа со вера кога стапува пред Бога да го изврши последното посредување и потоа да го прими своето царство се прикажани како да идат на свадбата. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest