Во светињата на светињите (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Во споредбата во Матеј 22. глава е спомената истата слика на свадбата и јасно е прикажано дека истражниот суд ќе се одржи пред свадбата. Пред свадбата доаѓа царот да ги види гостите (Матеј 22,11) дали се сите облечени во свадбено руво, во чиста облека, во чист карактер и дали „ги испраа своите облеки и ги избелија во крвта на Јагнето“ (Откровение 7,14). Оној што не е облечен во таква облека, ќе биде исфрлен надвор, а оние, за кои при испитувањето ќе се утврди дека имаат свадбено руво, ќе бидат примени од Бога и удостоени да земат учество во неговото царство и да го делат со него престолот. Оваа служба, со чија помош се испитува карактерот и се решава кој е подготвен за Божјето царство, всушност е истражниот суд со кој се завршува Христовото дело во небесното Светилиште.

Кога ќе биде завршена истражната постапка, кога ќе бидат испитани и решени случаите на оние кои низ сите векови признавале дека се Христови следбеници, тогаш, во никој случај не порано, ќе биде завршено истражното дело и вратата на милоста ќе се затвори. Така оваа кратка реченица: „И подготвените влегоа со него на свадбата и вратата се затвори“, нè води преку последната служба на Спасителот до времето кога ќе биде довршено големото дело на спасението на човештвото.

Службата во земното Светилиште, како што видовме, е симбол на службата во небесното Светилиште. Таа служба во првото одделение на земното Светилиште завршувала тогаш кога поглаварот свештенички на Денот на чистење влегувал во светињата над светињите. Бог заповедал: „Кога тој ќе влезе во Светилиштето да изврши обред на чистење, никој друг да нема во шаторот за состанок додека тој не излезе“ (3. Мојсеева 16,17). Така Христос, кога влегол во светињата над светињите да го изврши последното дело на помирување, престанал со службата во првото одделение. Но, кога завршила службата во првото одделение, почнала службата во второто одделение. Во симболичката служба на Денот на чистење, кога поглаварот свештенички ќе го напуштел првото одделение на светињата, влегувал во второто одделение да ја принесе пред Бога крвта на жртвата за грев за сите Израелци кои навистина се покајале за своите гревови. Така Христос го заврши само првиот дел од својата служба како наш посредник за да го почне вториот дел, сè уште оправдувајќи нè пред Отецот со својата крв.

Чекателите на второто Христово доаѓање во 1844 година не ја разбраа оваа вистина. Иако помина времето во кое Спасителот беше очекуван, тие и понатаму веруваа дека неговото доаѓање е близу; сметаа дека за нив настапил критичен миг и дека пред Бога е завршено Христовото посредување за човекот. Им изгледаше дека Библијата учи оти времето на милоста за човекот ќе заврши пред вистинското Господово доаѓање на небесните облаци. Претпоставуваа дека тоа произлегува од оние стихови во Светото писмо што упатуваат на времето кога луѓето ќе бараат, ќе тропаат и ќе викаат пред вратата на милоста, но нема да им се отвори. Сега се прашуваа дали можеби датумот на очекуваното Христово доаѓање не означува почеток на еден нов временски период што непосредно му претходи на неговото доаѓање. Бидејќи ја објавија опомената за судот, сметаа дека ја извршиле својата должност кон светот и така им падна товарот од душа во врска со спасувањето на грешниците, а богохулното исмевање од страна на грешниците им изгледаше како уште еден доказ дека Божјиот Дух се повлекол од оние што ја отфрлија Божјата милост. Сето тоа ги зацврсти во верата дека времето на милоста е завршено или, како што велеа, „вратата на милоста е затворена“.

Но, со истражувањето на прашањето во врска со Светилиштето се појави и поголема светлина. Сега увидоа дека имаа право кога веруваа оти крајот на пророчките 2300 вечери и утра во 1844 година означуваше важен датум. Па, иако е вистина дека вратата на надежта и милоста, низ која луѓето 1800 години имале пристап кон Бога, се затвори се отвори друга врата и на луѓето им е понудено проштавање на гревовите со Христовото посредување во светињата над светињите. Еден дел од Христовата служба е завршен, но само затоа за да му направи место на друг. Сè уште постоеше една „отворена врата“ во небесното Светилиште каде што Христос врши служба во корист на грешникот.

Сега беше сфатено значењето на оние Христови зборови во Откровението што ѝ се упатени на црквата токму во ова време: „Ова го зборува Светиот и Вистинитиот, кој го има Давидовиот клуч; кој отвора и никој не затвора, кој затвора и никој не отвора: ги знам твоите дела. Еве, поставив пред тебе отворена врата која никој не може да ја затвори“ (Откровение 3,7.8). (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest