Во светињата на светињите (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Сите кои со вера го следат Христа во големото дело на помирување, ќе ги примат благословите на ова негово посредување што го врши во нивна корист, додека оние кои ја отфрлаат светлината што е дадена во врска со оваа негова служба, од неа нема да имаат никаква полза. Евреите кои ја отфрлиле дадената светлина при првото Христово доаѓање и одбиле да веруваат во него како Спасител на светот, не можеле преку него да добијат проштавање. По своето вознесување, кога Исус влегол со својата сопствена крв во Светилиштето за да го излее врз своите ученици благословот што произлегува од неговото посредување, Евреите биле оставени во целосен мрак за и понатаму да продолжат со своите бескорисни жртви и приноси. Обредната служба во слики и симболи била завршена. Таа врата низ која луѓето порано имале пристап кон Бога не била веќе отворена. Евреите одбиле да го бараат Господа на единствен начин на којшто можеле да го најдат тогаш, односно преку службата во небесното Светилиште. Затоа и не ја нашле врската со Бога. За нив вратата била затворена. Не го запознале Христа како вистинска жртва и како единствен посредник пред Бога; затоа и не можеле да бидат учесници во благодетите на неговото посредување.

Состојбата на неверните Евреи ја прикажува состојбата на многу небрежни и неверни кои се наоѓаат меѓу оние што тврдат дека се христијани, а кои намерно не сакаат да знаат за службата на нашиот милостив Поглавар свештенички. Во симболичката служба, кога поглаварот свештенички влегувал во светињата над светињите, од сите Израелци се барало да се соберат околу Светилиштето и на најсвечен начин да ги понизат своите души пред Господа за да добијат проштавање на гревот и да не бидат исклучени од собирот на верните. Колку поважно е ние на овој вистински Ден на чистење да ја сфатиме службата на нашиот Поглавар свештенички и да знаеме каква должност имаме ние.

Луѓето не можат неказнето да ги отфрлаат опомените што им ги праќа Бог во својата милост. Во времето на Ное Небото на светот му испратило вест, и неговото спасение зависело од тоа како ќе ја примат таа вест. Но, бидејќи тие ја отфрлиле оваа опомена, Божјиот Дух се повлекол од тоа грешно поколение и тие изгинале во потопот. Во времето на Аврама престанала милоста за грешните жители на Содом. Освен Лот, неговата жена и двете ќерки, сите други се уништени со оган што паднал од небото. Така било и во Христовите денови. Божјиот Син му рекол на тоа неверно поколение Евреи: „Еве, пуст ви останува вашиот дом“ (Матеј 23,38). Гледајќи во последните денови, истата таа неизмерна Сила изјавила за оние што „не ја примија љубовта на вистината за да се спасат. И затоа Бог им праќа заблуда да дејствува меѓу нив за да ѝ веруваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не ѝ поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправедноста“ (2. Солуњаните 2,10-12). Бидејќи ја отфрлиле науката на неговата Реч, Бог им го одзел својот Дух и ги препуштил на измамите што им се мили.

Но Христос сè уште посредува во корист на човекот и светлината ќе им биде дадена на оние што ќе ја бараат. Иако чекателите на второто Христово доаѓање од почеток ова не го сфатија, сепак, тоа подоцна им стана јасно кога почнаа да ги сфаќаат стиховите во Писмото што го одредуваа нивниот вистински став.

По истекот на утврденото време во 1844 година, настана период на голема криза за оние кои и понатаму веруваа во Христовото доаѓање. Нивна единствена помош, што ги зацврсти во нивниот став, беше светлината која нивното внимание го насочи кон небесното Светилиште. Некои се откажаа од своето верување во поранешното сметање на пророчките отсеци, и она силно влијание на Светиот Дух, кое го придружуваше движењето на чекателите на второто Христово доаѓање, ѝ го припишуваа на некаква човечка или дури на сатанска сила. Други непоколебливо веруваа дека Бог ги водеше во нивното минато искуство; и додека чекаа, бдееја и се молеа за да ја дознаат Божјата волја, видоа дека нивниот Поглавар свештенички го почнал вториот дел на службата и, следејќи го со вера, можеа да ја сфатат конечната задача на црквата. Сега јасно ги сфатија првата и втората ангелска вест и така беа подготвени да ја прифатат и да му ја објават на светот свечената опомена на третата ангелска вест од Откровението 14. глава.

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest