Светлост во темнина (петти дел)

(продолува од претходниот ден) Оние што ја објавуваа оваа опомена, ја објавуваа првата вест во вистинско време. Но, како првите ученици што објавувале врз основа на пророштвото во Даниел 9: „Се исполни времето и се приближи царството Божје“, па сепак, не дознале дека на истото место во Светото писмо е навестена и смртта на Месија, така и Милер и неговите соработници проповедаа вест заснована на Даниел 8,14 и Откровение 14,7, а не видоа дека во Откровение 14 се наведени и други вести што мора да бидат објавени пред Господовото доаѓање. Како учениците што се измамиле во врска со царството што требало да биде воспоставено на крајот од седумдесетте седмици, така и милеритите, кои го чекаа Христа, се измамија во врска со настанот што требаше да се одигра на крајот од тие 2300 години. Во двата случаи по среде беше прифаќање и верување во општите заблуди на тоа време, што ја заслепи смислата за вистината. И првиот и вториот пат се исполни Божјата волја, зашто се објавуваше вест што требаше да се објави. Но, и едните и другите се разочараа поради своето погрешно сфаќање на оваа вест.

Бог сепак ја оствари својата добра намера, постигнувајќи на овој начин да биде дадена опомена за судот. Настапи големиот ден и народот, по Божје провидение, беше искушан во врска со определеното време за да му открие што се наоѓа во неговото срце. Веста беше одредена да се испита и да се исчисти црквата. Учениците требаше да дознаат дали нивното срце се стреми кон светот или кон Христа и небото. Признаа дека го љубат Господа, а сега требаше и да ја докажат својата љубов. Дали беа готови да се откажат од своите световни надежи и честољубиви планови и со радост да го поздрават доаѓањето на својот Господ? Веста требаше да им овозможи да ја запознаат својата вистинска духовна состојба. Таа е пратена со милост да ги разбуди и да ги поттикне да го бараат Господа со покајание и понизност.

И така, разочарувањето, иако последица на нивното погрешно сфаќање на веста што ја објавуваа, сепак, беше свртено на добро. Тоа требаше да ги испита срцата на оние што тврдеа дека ја примиле опомената. Зар тие поради своето разочарување толку бргу ќе го напуштат своето искуство и ќе ја отфрлат својата доверба во Божјата реч? Или со молитва понизно ќе настојуваат да откријат во што згрешиле и да го сфатат значењето на пророштвото? Колкумина од нив работеа само од страв, од несвесен нагон и моментална возбуда? Колкумина меѓу нив беа нерешителни и неверни? Илјадници изјавија дека им е мило доаѓањето Господово. Дали тие би се откажале од верата кога од нив би се барало да поднесат срам и подбив од светот, искушенија и разочарувања? Дали ќе ги отфрлат вистините што се засновуваат на најјасните изјави на неговата Реч само затоа што не можеа веднаш да ја сфатат Божјата постапка кон нив?

Ова искушение требаше да ја открие цврстината на оние што со искрена верност и послушност ја прифатија науката на Божјата реч и на Божјиот Дух. Ова искуство, повеќе од кое и да е друго, требаше да им укаже на тоа колку е опасно кога ќе се прифатат теориите и толкувањата на луѓето, наместо Библијата да се стори свој сопствен толкувач. Тешкотиите и жалоста што се појавија како последица на нивната заблуда, требаше да влијаат врз децата на верата да се поправат. Тоа требаше да ги поттикне на посовесно проучување на пророчката Реч, да ги научи со поголемо внимание да ги испитуваат темелите на својата вера и да го отфрлат сè она што не е библиско, без оглед колку истото е раширено меѓу христијанскиот свет.

Сè што се чинеше нејасно за овие верни во часот на искушението, како некогаш за првите ученици, подоцна требаше да биде разјаснето. Кога ќе ја видат „наградата што ќе им ја даде Господ“, тогаш ќе дознаат дека, наспроти тешкотиите што произлегоа од нивните заблуди, Божјите намери на љубовта кон нив не променливо се исполнуваа. Со своето благословено искуство ќе сфатат дека Господ е „милостив и полн со сочувство“ и дека неговите патишта се „милост и вистина за оние што го држат неговиот завет и неговото откровение“.

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest