Швајцарски реформатор (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) „Вложете крајни напори“, му рекле, „да ги зголемите приходите за црквата и немојте да ги занемарувате ситниците. Советувајте ги верните од проповедална и во исповедалната да ги плаќаат своите десетоци и приноси и со даровите да ја покажат својата љубов кон црквата. Трудете се да го зголемите приходот од болните, од мисата и општо од секоја црковна дејност.“ „Во вашите должности спаѓа уште делењето на свети тајни, проповедањето и грижата за стадото“, додал неговиот старешина. „Но вие можете да земете помошник за овие различни служби, а особено за проповедање. Вие ќе делите свети тајни само на угледни личности и тоа кога ќе ве повикаат; ви се забранува да му делите секому, не осврнувајќи се на неговата положба“ (Исто, b. 8, ch. 6).

Цвингли мирно слушал и, откако се заблагодарил за честа што е повикан на толку важна служба, почнал да им го изложува планот што мислел да го спроведе. „Христовиот живот“, рекол тој, „долго бил скриен од народот. Јас особено ќе го проповедам Евангелието според Матеја, една по една глава, изнесувајќи сè од изворот на Писмото, испитувајќи ги неговите длабини, споредувајќи одделни делови и барајќи разбирање со постојана и сесрдна молитва. Јас ќе ја посветам мојата служба во слава на Бога, во слава на неговиот единороден Син, за вистинско спасение на душите и за нивно утврдување во вистинската вера“ (Исто, b. 8, ch. 6).

Иако некои од свештениците не го одобрувале неговиот план и се обидувале да го одвратат, Цвингли останал непоколеблив. Изјавил дека нема намера да се служи со некоја нова метода, туку само со старата, што ја употребувала црквата порано, во поранешните, почисти времиња. Веќе вистините што ги проповедал тој разбудиле интерес и големо мноштво народ доаѓал да ги слуша неговите проповеди. Меѓу неговите слушатели имало и такви кои веќе подолго време не доаѓале во црква. Својата служба ја почнувал со отворање на евангелието, читајќи и толкувајќи им ги на своите слушатели вдахновените извештаи за Христовиот живот, за неговата наука и за неговата смрт. Овде, како и во Ајнзиделн, ја истакнувал Божјата реч како единствен непогрешен авторитет и смртта на Спасителот како единствена целосна жртва. „Сакам да ве доведам кај Христа“, зборувал тој, „кај Христа, кај вистинскиот извор на спасението“ (Исто, b. 8, ch. 6). Околу Цвингли се собирале луѓе од сите сталежи, од државници и научници, па до занаетчии и селани. Со длабоко интересирање ги слушале неговите зборови. Тој не само што проповедал за дарот на спасението што се дава бесплатно, туку бестрашно ги жигосал и пороците на своето време. Мнозина при враќањето од катедралата го фалеле Бога, велејќи: „Овој човек е вистински проповедник на вистината.“ „Тој ќе биде наш Мојсеј кој ќе нè изведе од египетската темнина“ (Исто, b. 8, ch. 6).

По одушевувањето во првите мигови, почнало да се јавува противење. Монасите се подигнале да ја спречат неговата работа и да ја осудат неговата наука. Мнозина му се подбивале и му се заканувале. Но Цвингли сето тоа го поднесувал стрпливо, велејќи: „Ако сакаме да ги задобиеме грешните за Исуса Христа, тогаш мораме да ги затвориме очите пред многу работи“ (Исто, b. 8, ch. 6).

Отприлика во тоа време стигнала нова помош да го унапреди делото на реформата. Еден пријател на реформираната вера од Базел во Цирих го пратил Луцијана со Лутеровите списи. Тој мислел дека продавањето на тие списи би можело да биде силно средство за ширење на светлината, и затоа му напишал на Цвингли: „Видете дали Луцијан е доволно паметен и вешт? Ако е, тогаш нека ги разнесува Лутеровите списи од град во град, од село во село, од куќа во куќа, а особено напишаното разјаснување на Господовата молитва за лаиците. Колку повеќе ќе бидат познати тие списи, сè повеќе купувачи ќе се јавуваат за нив, но нека не разнесува други книги. Ако носи само Лутерови книги, тогаш повеќе и ќе продава од нив“(Исто, b. 8, ch. 6).Така светлината си го расчистувала себеси патот.

Кога Бог се приготвува да ги скрши оковите на незнаењето и на празноверието, сатаната уште повеќе се труди луѓето да ги покрие со темнина и уште посилно да ги стегне нивните окови. Во часовите кога Бог во разни земји подигнувал луѓе да објават проштавање на гревовите и оправдување со Христовата крв, Рим ги удвоил своите напори во сите христијански земји да отвори трговија со индулгенции (прошталници), нудејќи проштавање за пари.

Секој грев имал своја одредена цена и на луѓето со тоа им било дозволено да прават злосторства, само ако ја полнат римската благајна. Така оделе две наспоредни движења: едното нудело проштавање за пари, а другото проштавање во Христа. Рим го дозволувал гревот, правејќи од него извор за своите приходи, а реформаторите го осудувале гревот, укажувајќи на Христа како Откупител и Избавител. (продолжува)

Големата борба е завршена (шести дел)
Големата борба е завршена (петти дел)
Големата борба е завршена (четврти дел)
Големата борба е завршена (трет дел)
Големата борба е завршена (втор дел)
Големата борба е завршена (прв дел)
Пустошење на земјата (четврти дел)
Пустошење на земјата (трет дел)
Пустошење на земјата (втор дел)
Пустошење на земјата (прв дел)

Pin It on Pinterest